Скратено времето предвидено за полагање градска
Доколку се подготвувате да полагате возачки испит, оваа информација веројатно многу ќе ве израдува.
Имено, со последните измени и дополнувања на Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити, поточно на членот 35, се предвидува скратување на времето предвидено за полагање на вториот практичен дел од возачкиот испит, односно најстресниот дел од возачкиот испит за сите кандидати - градската.
Според измените, кои неодамна беа објавени во „Службен весник“, вториот практичен дел од возачкиот испит ќе трае најмалку 15 и не повеќе од 30 минути за категориите А1, А2, А, Б, БЕ и националната категорија Ф. За категориите Ц1, Ц1Е, Ц, ЦЕ, Д1, Д1Е, Д и ДЕ, со новите измени, вториот практичен дел од возачкиот испит ќе трае најмалку 35 минути и не подолго од 60 минути.
Во членот 35, во кој стои дека вториот практичен дел од возачкиот испит трае додека испитната комисија не се увери дека кандидатот за возач ги поседува потребното знаење и способности за безбедно и самостојно управување со моторно возило или трактор во сообраќајот на пат, се додава уште еден став, според кој вториот практичен дел од испитот може да трае и пократко доколку комисијата утврди дека кандидатот ги нема потребните знаења и способности.
- Доколку испитната комисија утврди дека кандидатот за возач не ги поседува потребните знаења и способности за безбедно и самостојно управување со моторно возило или трактор во сообраќајот на пат, поради безбедност на другите учесници во сообраќајот, вториот практичен дел од возачкиот испит може да трае и пократко од времето наведеното во став (1) на овој член - гласи новиот став.
Досега вториот практичен дел од возачкиот испит траеше најмалку 25 и не повеќе од 40 минути за категориите А1, А2, А, Б, БЕ и националната категорија Ф, додека за категориите Ц1, Ц1Е, Ц, ЦЕ, Д1, Д1Е, Д и ДЕ, вториот практичен дел од возачкиот испит траеше најмалку 45 минути.
Насловна фотографија: Freepik