Oд тоалети до фотоволтаични панели - целосно ќе се реновираат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“
Подготвил:
Жанета Здравковска
Проектирањето е во завршна фаза, а следниот месец, најдоцна до август, ќе се распише тендер за избор на фирма која ќе ги реновира домовите.
Кон крајот на јули или почетокот на август ќе биде распишан тендерот од Министерството за образование и наука за избор на фирма која ќе ги реконструира студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје. Според Виктор Велевски, директор на Државниот студентски дом - Скопје, под чија надлежност се домовите во главниот град, реновирањето ќе опфати целосна реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на објектите во „Кузман Јосифовски-Питу“, зградите еден, два и три од „Стив Наумов“, како и мензите во рамките на овие домови и онаа во студентскиот дом „Гоце Делчев“, која не беше опфатена со претходното реновирање.
Виктор Велевски
- Проектирањето е во завршна фаза, а во меѓувреме се изготвува придружната документација (одобренија, дозволи и елаборати) и во очекување сме до крајот на јули или почетокот на август оваа година да започнат тендерските постапки за избор на изведувач на градежните работи. Процесот започнува со реновирање на „Стив Наумов“ - зграда 1 и 2 и „Кузман Јосифовски-Питу“, кои се очекува да бидат завршени до следната академска година. Потоа реновирањето продолжува со преостанатите објекти - вели Велевски.
Европски нормативи за престој и храна
Со реновирањето ќе бидат опфатени соби, тоалети, кујни, заеднички простории, ходници, скали, покривни конструкции, фасади, одводна и доводна мрежа, електрична инсталација, системи за загревање на објектите, како и инсталација на современи машини и помошен инвентар кој се користи во процесот на подготовка на храна. Исто така, предвидена е инсталација на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија.
- Реновирањето е со цел да се подобрат условите за живеење во студентските домови, односно спроведување на сите европски нормативи за престој и исхрана на студенти. Во овој период проблеми има во сите згради на двата студентски дома. Сите проблеми се од технички карактер поради тоа што објектите се со значителни оштетувања и затоа е потребно ваков тип на реновирање со цел овие проблеми да се надминат - вели директорот.
Средства се обезбедени преку кредитна линија од KFW банка и треба да овозможат сместување по европски терк во домовите.
Една од реновираните соби во студентскиот дом „Гоце Делчев“
Интерес за сместување има иако целосни реконструкции на домовите немало со години
Иако условите во студентските домови бараат целосно реновирање, сепак, капацитетите се полни. Во „Кузман Јосифовски-Питу“ годинава капацитетот е исполнет околу 90 отсто, во „Стив Наумов“ - павилјони до сто проценти, додека во зграда 3 (ламела 1 и 2) половина од капацитетот. Зградите еден, два и ламела 3 во третата зграда од „Стив Наумов“, по препорака од надлежни институции, се затворени за сместување на студенти поради лошите услови за престој.
Престојот во домовите чини 3.500 денари месечно за сместување со храна (појадок, ручек, вечера), што е далеку поевтино од изнајмување приватен стан, каде што киријата се движи од 150 евра, па нагоре.
Во третата зграда од „Стив Наумов“ немало никакви санации цели 30 години, односно од моментот кога е пуштена во употреба во 1992 година. Во зградите еден и два поправки имало пред дваесетина години, но директорот напоменува дека биле извршени под сите стандарди за градба, што било констатирано од страна на надлежните институции и затоа се затворени за користење.
Реновираните бараки во студентскиот дом „Стив Наумов“
Во „Кузман Јосифовски-Питу“ делумна санација имало во 2000-2001 година, а пред пет години се поправале тоалетите и лани машинскиот дел на лифтовите.
Само студентскиот дом „Гоце Делчев“ е целосно реновиран во периодот од 2016 до 2019 година, освен објектот каде што се наоѓа студентската менза, кантината и бифето кои се дел од сегашниот проект за реновирање.