Германија на сите ни одржа лекција по комуникација со луѓето при справувањето со коронавирусот

Германија на сите ни одржа лекција по комуникација со луѓето при справувањето со коронавирусот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Германија, како и во други земји, имаше многу луѓе што се спротивставуваа на изолацијата и велеа дека Ковид-19 е лага. Но, имаше и проминентни научници кои редовно и отворено комуницираа со јавноста. Тоа одигра огромна улога во поништувањето на шпекулациите и дезинформациите.

- Имаме одличен образовен систем и секој има пристап до него. Па, верувам дека многу луѓе и мнозинството ги слушаа двете страни и една од тие страни звучеше многу поразумно - вели Денис Трауб од Хамбург, Германија.

Вирологот Кристијан Дростен, пак, стана култна икона во Германија откако неговиот поткаст „Das Coronavirus-Update” стаса до милиони следбеници уште во првите денови од пандемијата. Тој не го снижува нивото на науката, туку споделува комплексни идеи на пристапен начин и е реален со јавноста за аспекти на вирусот што не се добро разбрани. Дополнително, јавноста редовно е информирана од министерот за здравство Јенс Шпан, како и од германската канцеларка Ангела Меркел.

Во април Меркел го искористи своето знаење од полето на науката и им објасни на Германците што е тоа репродукциски број, како начин да влее доверба во изолацијата.

Исто така, Германците велат дека нивните деца се едуцирале за коронавирусот преку популарни телевизиски шоуа. Германците велат дека сега упатствата се јасни.

- Ако имате сет од правила што се добро искомуницирани, луѓето не се чувствуваат како да се оставени сами на себе. И кога луѓето знаат што да прават, меѓусебно се охрабруваат - вели Флоријан Ото, германски претприемач.

Болниците не беа совладани

Болниците во Германија не беа совладани од Ковид-19. Тоа значи дека лекарите можеа дури и да лекуваат критично болни пациенти од соседните земји.

Како Германија успеа во тоа? Во март германскиот болнички систем почна да ослободува кревети на одделенијата за интензивна нега и да одложува операции за да направи место за потенцијален наплив на пациенти со Ковид-19. Многу болници исто така споделуваа податоци со федерална страница за да ги мапираат нивните потреби во синџирот за набавка.

- Сега страницата е контролна табла на сите достапни кревети на одделенијата за интензивна нега во болниците учеснички - истакнува студентот по медицина Никлас Риндтроф од Хајделберг.

Германија, исто така, изгради и дополнителни одделенија за интензивна нега - за секој случај.

- По колапсот на болниците во Северна Италија, германската влада изгради дополнителни капацитети во одделенијата за интензивна нега. Тоа беше исправен чекор, дури и ако капацитетите на крајот не беа потребни - истакнува Уве Фрерс, претприемач од Берлин.

Некои експерти веруваат дека висококвалитетната интензивна нега на Германија и фокусот на тестирањето помогнале во редуцирањето на смртноста на болеста во оваа земја. Германија има едни од највисоките бројки на заразени, но релативно малку граѓани починаа во споредба со останатите европски нации. Некои експерти го нарекуваат овој феномен „германска аномалија“.

Поддршка за менталното здравје

По засолнувањето, многу Германци беа охрабрени да вежбаат надвор сè додека се во можност да одржуваат дистанца. Исто така, имаше и напори за охрабрување на Германците да контактираат преку „Скајп“ или „Зум“ за да не се чувствуваат осамени или изолирани.

- Имаше голема кампања за ментално здравје - вели Сандра Кампинг, психолог од Хамбург.

- Овде луѓето можеа да излегуваат на прошетка или возење велосипед дури и за време на изолација - истакнува Карлос Бараган, кој работи во ИТ-секторот.

Пристап до лекари

Германија е позната по силната мрежа на матични лекари, кои обично се првиот контакт за пристап до здравствената нега.

- Има многу ниска бариера за да влезете и да видите висококвалитетен лекар. Исто така, боледувањето е многу лесно и можете да паузирате од работа за да го видите вашиот лекар - вели Кристијан Диркс, адвокат фокусиран на медицина.

Поради тоа, жителите биле во можност да добијат пристап до некоја рутинска нега и да добијат совети ако имаат симптоми на Ковид-19. Во некои случаи им било кажано да седат дома, додека оние со посериозни симптоми биле испраќани во болница.

Ефектот „Меркел“


Многу Германци се согласија дека Меркел, без разлика дали ја поддржуваат нејзината политика или не, го имала вистинскиот белег на лидерство за време на пандемијата. Канцеларката, која е научник, обезбедуваше ажурирање на дневна основа на податоците за јавноста.

Фото: Pixabay

Што помина добро?

Според анализата на Си-ен-би-си, на листата со работи што биле позитивни во Германија во целава криза е тоа што сојузните држави можеле сами да си носат одлуки, иако не секогаш тие биле во согласност со федералната влада, но сето тоа било можност за споделување на научените лекции. Потоа е тестирањето - се смета дека Германија е пред повеќето други европски земји кога станува збор за тестирањето. Исто така, од нештата што беа добро спроведени е и воведувањето апликации за следење. Кога Германија создаде апликација за следење контакти, повеќе од 15 милиони жители се регистрираа на неа. И на крајот, секако, е финансиската поддршка. Ако компаниите имаат тешкотии, има програма за вработените да добијат висок процент од нивната вообичаена плата наместо да бидат отпуштени. Околу 10 милиони Германци имаат придобивки од програмата, иако според некои големите корпорации имале поголема корист од сето тоа.

Што можеше да биде подобро?

Прво нешто на оваа листа се маските, од кои имаше недостиг на почетокот на пандемијата, а за кои има и дебати дали треба задолжително да се носат во супермаркетите. Потоа следуваат шпекулациите и теориите на заговор - и таму има обвинувања дека Бил Гејтс сака вакцинација на луѓето, а Дростен добивал и смртни закани и бил обвинуван дека шири страв за коронавирусот.


Извор: CNBC
Насловна фотографија: Pixabay