НАСА ќе го проучува космосот со балон голем колку стадион
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
НАСА почна нова мисија во која 2,5-метарски телескоп со балон ќе биде испратен високо во стратосферата. Агенцијата сака лансирањето да биде во декември 2023 година од Антарктикот.
Балонот е наречен ASTHROS (Astrophysics Stratospheric Telescope for High Spectral Resolution Observations at Submillimeter-wavelengths) и околу три недели ќе биде туркан наоколу од воздушните струи. Ќе прашате зошто.
Ќе се набљудува далечното инфрацрвено зрачење, односно светлина со бранова должина многу подолга од она што е видлива за човечкото око. За да го постигне тоа, ASTHROS ќе треба да достигне висина од околу 40 километри.
Ако балоните ве потсетуваат на стари времиња и технологии, не треба толку брзо да ги отпишувате. Балоните на НАСА ѝ нудат многу предности. Всушност, програмата на НАСА со балони постои околу 30 години и е прилично активна, а се лансираат 10 до 15 мисии годишно. Тоа е така затоа што мисиите со балони се поевтини и периодот меѓу планирањето и распоредувањето е пократок.
Сето ова значи дека тие може да се справат со поголемите ризици што се јавуваат со користењето на новите технологии.
- Балонските мисии како ASTHROS се поризични од вселенските мисии, но даваат големи резултати по скромна цена. Со ASTHROS имаме цел да направиме астрофизички опсервации кои никогаш порано не биле испробани - истакнува Хозе Сајлс, проект-менаџер за ASTHROS.
Па, што ќе прават технологиите што ги носи ASTHROS? Тие ќе ги мерат движењето и брзината на гасот околу новоформираните sвезди. Мисијата, исто така, ќе го мапира присуството на два специфични типа азотни јони. Овие јони се клучни показатели за местата каде што ветровите од масивни eксплозии на супернови ги реобликувале облаците од гас.
Извор и насловна фотографија:
Interesting Engineering