Дали може да имате висок коефициент на интелигенција ако не ви оди математика?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Луѓето на кои им оди математиката обично се сметаат за интелигентни, но што е со оние што се одлични во други области, а не им оди математиката?
Одговорот на прашањето дали можете да имате висок коефициент на интелигенција ако не ви оди математика најдобро го знаат членовите на „Менса“.
Според претставникот за односи со јавноста на „Менса“, Ен Кларксон, високиот коефициент на интелигенција и можноста за решавање математички задачи воопшто не се поврзани, и покрај тоа што многумина мислат дека се.
Кларксон вели дека не многу членови на „Менса“ се добри во решавање потешки, па дури и полесни математички проблеми, а тестот за
интелигенција бара решавање основни аритметички проблеми како што се собирање, одземање и множење, логика, препознавање одредени обрасци и брзина на процесот на размислување.
- Иако меѓу членовите на „Менса“ има одлични математичари, многумина ќе речат дека не им оди математика - вели Кларксон, а броевите што се појавуваат на тестовите се за тестирање на брзината на препознавање низи и обрасци.
Пример за задача со броеви
Кларксон вели дека тестовите често имаат прашања од типот: „Пронајди го бројот што недостига во низата: 1, 3, 6, 10, 21, 28“, а единствената математика што треба да ја знаете е редоследот на броеви и бројот на броеви што недостигаат.
Фото: Pixabay
- Постојат два броја помеѓу 1 и 3, три помеѓу 3 и 6, четири помеѓу 6 и 10 за на крај да го добиете бројот 15 - објаснува таа.
Ова е поедноставен пример за задача што добро покажува дека тестовите за интелигенција не го тестираат наученото знаење, туку процесот на размислување.
Катја Когелман, 45-годишна графичка дизајнерка и членка на „Менса“, вели дека не мора да бидете одличен математичар за да имате висок коефициент на интелигенција. Таа признава дека математиката ѝ била тешка уште кога одела на училиште и дека и ден-денес се бори со полесни математички задачи.
- Навистина сум лоша со броеви. Ги сфаќам основите на математиката, но посложените работи се доста комплицирани за мене - вели таа.
Таа објаснува дека кај некои луѓе, кога ќе се соочат со математички проблем, мозочната активност се зголемува, додека кај други опаѓа и тие доживуваат стрес.
- Нивниот мозок едноставно „не преведува“ броеви. И мојот мозок е таков. Многу сум подобра со зборови - вели Когелман и додава дека може да биде генијален и мозокот што не разбира математика.
Извор:
Mirror.co.uk
Фото: Freepik