Кога бев студент со д-р Драгана Емел-Маркоска: „Медицината ме избра мене, а не јас неа“

Кога бев студент со д-р Драгана Емел-Маркоска: „Медицината ме избра мене, а не јас неа“

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во тоа време условите во домовите не беа баш најдобри, меѓутоа, дружбата во нив беше одлична. Да посака човек да живее во дом. Иако живеев во својот дом во Скопје, јас честопати одев таму бидејќи се дружев со другите студенти и тие денови едноставно не се забораваат

„100 пати да се родев, 100 пати ќе бев педијатар“, вели д-р Драгана Емел-Маркоска, која не ја крие љубовта кон нејзините дечиња-пациенти, со тоа што откако ќе дојдат во ординација, прво ги гушка, па тие ѝ го раскажуваат денот и ѝ ги покажуваат играчките, па дури потоа прегледот може да почне.

Д-р Емел-Маркоска во изминатите две години е специјалист педијатар во ординацијата ПЗУ „Старс Медика“, а паралелно е консултант во Центарот за мајки „Здраво бебе“, каде што држи предавање, промовира доење и други активности кои се од голема помош за младите мајки.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

Отсекогаш сакав да бидам лекар

Како одличен ученик во основно, а и во средното медицинско училиште, д-р Емел-Маркоска вели дека единствен афинитет надвор од учењето ѝ била желбата да стане кошаркарка. Таа не потекнува од докторска фамилија, така што одлуката да се запише на Медицинскиот факултет е целосно нејзина и не ни размислувала за нешто друго, велејќи дека од самиот старт била предодредена да стане доктор.

 

- Основното училиште го завршив во мојата населба Топанско Поле во Скопје. Училиштето ми беше буквално во дворот на зградата каде што живеевме. Завршив средно медицинско училиште во Скопје. И во двете бев одличен ученик. Да бидам искрена, мислам медицината ме избра мене, а не јас неа. Отсекогаш сакав да бидам лекар. Токму затоа се запишав на Медицинскиот факултет. Таа љубов не е од дома. Ни еден од моите родители или од поблиските роднини не е лекар – вели д-р Емел-Маркоска.

Приемениот испит беше доживување

За уписот на Медицинскиот факултет, д-р Емел-Маркоска вели дека тоа било приказна сама по себе. Се подготвувала три месеци и го полагала приемниот испит во преполната Универзална сала со ученици кои исто така се бореле за посакуваното место на овој кај нас најпрестижен факултет, и тоа по можност во државната квота.

- Самиот приемен испит беше доживување на свој начин. Полагавме во Универзална сала. Замислете, цела сала беше полна со ученици кои сакаа да се запишат на факултет. Полагавме во два дела. Возбудата беше до максимум. Влегов во државна квота, бев 96. на списокот, ама разликата во бодови од 1 до 100 беше само 3 бода - се сеќава д-р Емел-Маркоска.

 

Да посака човек да живее во дом, дружбата беше одлична

Бидејќи е родена и порасната во Скопје, д-р Емел-Маркоска останала да живе во својот дом за време на студиите, но според неа, вистинската дружба и магија се случувала во студентските домови, па дури и самата во одредени моменти посакала да живее таму за да не пропушти дел од забавата.

- Во тоа време условите во домовите не беа баш најдобри, меѓутоа, дружбата во нив беше одлична. Да посака човек да живее во дом. Иако живеев во својот дом во Скопје, јас честопати одев таму бидејќи се дружевме со другите студенти и тие денови едноставно не се забораваат. Најчесто дружбите ни беа со колегите, одевме на забави, конгреси и слично. Сѐ уште се дружиме со групата од факултетот. Според сите нас (барем јас така мислам), тоа ни е другото семејство. Во тој период моите родители имаа продавница, па кога можев, или им требаше помош, работев таму - додава д-р Емел-Маркоска.

Најчесто учев сама, спремањето испити некогаш беше многу мачно

Уште од самиот почеток на студиите педијатријата како предмет имал посебно место во срцето на д-р Емел-Маркоска. За сметка на приватниот живот, со полна пареа се нурнала во студиите и беспрекорно го завршила факултетот, кој за многумина е прилично тежок образовен предизвик. Испитите најуспешно ги подготвувала учејќи сама, често пати фокусирајќи се на одреден предмет по неколку месеци.

- Кога си на Медицински факултет, секој предмет може да биде интересен, но истовремено и тежок за совладување. Сепак, најомилен предмет ми беше педијатријата. Таа си има посебно место во моето срце. Јас сакам сѐ да биде беспрекорно завршено, па така и со факултетот. Каков што беше мојот труд, такви беа и оценките. За таа цел, мојот приватен живот трпеше. Не сосема, но во голема мера трпеше. Најчесто учев сама, спремањето испити некогаш беше многу мачно. Знаеше да трае со денови, некогаш и месеци - вели д-р Емел-Маркоска.

 

Педијатријата е најубавиот дел од медицината

Д-р Емел-Маркоска го завршила Медицинскиот факултет за 6,5 години. За време на студиите таа и нејзината група за спроведување практична настава се зближиле како едно семејство. Факултетот го завршила со титулата лекар по општа медицина, но и самата знаела дека тука не е крајот на нејзината медицинска надградба. На сегашните студенти по медицина им порачува:

- Секој правец во медицината е фасцинантен, прекрасен, но истовремено и тежок. Бидете истрајни во тоа што сакате да го работите и секогаш работете го тоа што го сакате.

- Во времето кога ние студиравме, а мислам дека и сега е така, ве групираат во група за полесно спроведување на практичната настава. Ние уште во вториот семестар си одбравме група и така останавме до крајот на студирањето. Во текот на целиот тој период организиравме роденденски забави за секој член од групата, организиравме викенди во кои главни ликови бевме ние. Исто така, се боревме со некои неправди што ги имаше во текот на студирањето. Сѐ на сѐ, имаше забавни денови. По завршувањето на факултетот се стекнав со звањето лекар, ама веднаш знаев дека тоа не е крајот на моето патување. Педијатријата, за мене, е најубавиот дел од медицината.  Најубавото нешто по лекувањето на малите луѓе е привилегијата што ни ја даваат - да гледаме како растат во големи луѓе  - завршува д-р Емел-Маркоска.

фото: Приватна архива