Тамара, Ангела и Сања, трите средношколки што растурија по англиски јазик на државната матура
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Иако англискиот јазик е многу присутен во нашето секојдневие на различни начини, сите темелно се подготвувале за финалниот испит. Трите ученички наскоро ќе станат бруцоши, Тамара на МИТ во Масачусетс, Ангела на ФЕИТ, Сања на Правен факултет
Дека без труд не постои успех, потврдуваат Тамара, Ангела и Сања, трите матурантки што постигнаа најдобри резултати по англиски јазик на годинашната државна матура. Иако англискиот јазик е многу присутен во нашето секојдневие на различни начини, сите темелно се подготвувале за финалниот испит. Трите ученички, кои наскоро ќе станат бруцоши, го делат истиот став – неопходен е континуитет во учењето.
Тамара Митровска матурира во приватното „Јахја Кемал“ од Скопје. Додека се подготвувала за матурата, вложила многу труд и посветила време на решавање на тестовите од државна матура од минатите години.
- Додека се подготвував, барав начин поефикасно да размислувам за да ги совладам вежбите. Притоа успехот си дојде сам по себе. Учење јазик не е нешто што може да се совлада преку ноќ. Така, мојот успеx најмногу се должи на постепено изучување на англискиот јазик низ текот на годините – вели таа.
Тамара Митревска ќе учи компјутерско инженерство на МИТ
Тамара е веќе во Соединетите Американски Држави. Примена е на МИТ (Massachusetts Institute of Technology) каде што планира да учи компјутерско инженерство.
На прашањето каде се гледа себеси за десет години, Тамара вели:
- Судејќи по искуствата што ги стекнувам, за десет години се гледам себеси како оформена личност која ќе биде способна сама да донесува важни одлуки во животот. Дотогаш очекувам да созреам и на професионален план, да најдам добра работа и најважно - да оформам стабилен живот.
Јазикот ни е интегриран во секојдневието
Ангела Вељаноска матурира во „Мирко Милески“ во Кичево. Таа вели дека англискиот јазик е интегриран во нејзиното секојдневие преку книги, форуми, филмови, песни и вообичаени разговори.
- Интернетот, активноста на часовите, посветеноста на професорите, како и дебатите и семинарите на англиски јазик, комбинирани со континуитет во учењето, се заслужни за овој успех – вели Ангела.
Ангела Вељаноска: Искуството со натпревари по англиски ми помогна да ја елиминирам тремата
Таа смета дека иако сѐ си има свој удел, знаењата акумулирани низ годините се клучниот фактор.
- Факт е дека јазик не се учи напамет и не се учи преку ноќ. Користењето на англискиот во формалното и неформалното образование, како и во секојдневието, ми помогна да стекнам самодоверба, а тоа имаше многу позитивно влијание врз концентрацијата. Искуството со натпревари по англиски ми помогна да ја елиминирам тремата, а заедничката подготовка со некои одредени соученици беше исклучително ефективна, но во исто време и забавна - вели Ангела.
Таа планира образованието да го продолжи на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на насоката Компјутерски технологии и инженерство. Од денешна перспектива, за една деценија се гледа себеси на добра позиција во некоја реномирана програмерска компанија.
- Идеално, се гледам на работно место на кое можам континуирано да се развивам професионално, интелектуално, но и општо како личност. Тоа би било во Македонија доколку се подобрат условите. Ако не, дефинитивно во некоја поразвиена земја – вели Ангела.
Мора редовно да се учи
Сања Атанасова го дели ставот на Ангела и на Тамара - дека успехот се должи на континуираното учење во текот на годините. Пресудна е големата упорност и желбата за надградување со нови и пообемни знаења. Таа матурира во гевгелиското училиште „Јосиф Јосифовски“.
Сања Атанасова се гледа себеси на место каде што ќе биде препознаен и вреднуван нејзиниот труд
- Постојаниот труд секогаш вродува со плод. Без редовно и навремено изучување на материјалот, ништо од ова немаше да биде возможно. Гладот за нови и нови знаења и повторувањето на веќе стекнатите влеваат сигурност и самодоверба. Таа самодоверба, поттикната од сопственото знаење, позитивно се одрази врз моите резултати – вели Сања.
Таа планира да студира на Правниот факултет во Скопје. За десетина години се гледа себеси на место каде што ќе биде препознаен и вреднуван нејзиниот труд.
- Побогата со нови знаења, искуства и можности кои би ги искористила за подобрување на светот околу мене и како помош на тие што им е најпотребна – вели Сања.