Огромен сплав од вулканска карпа плови кон Австралија, и тоа е добра вест

Огромен сплав од вулканска карпа плови кон Австралија, и тоа е добра вест

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Џиновски пловечки сплав од вулканска карпа што се појавила по подводна вулканска ерупција во Пацификот полека оди кон брегот на Австралија, зголемувајќи ги надежите дека може да биде од корист за загрозениот Голем корален гребен.

Сплавот од пемза - кој е голем како 20.000 фудбалски игралишта и е составен од вулканска карпа која е доволно лесна за да плови на површината на водата - се појавил пред само неколку недели, најверојатно по вулканска ерупција во близина на Тонга.

Сателитските снимки ја открија џиновската формација на површината на водата на 9 август, што одговара на известувањата од морнарите од тој период.

Но, најзначајните опсервации доаѓаат од екипажот на австралискиот брод РОАМ, кој се нашол среде огромната маса од пловечки камења, кои целосно ја покривале океанската површина. Морнарите напишаа на „Фејсбук“ дека водата не можела да се види од камењата, кои имале различна големина.

Истото искуство го опиша и Шенон Ленц, којa објави неверојатна снимка од пловење низ камениот сплав.

- Пловевме низ поле од пемза од 6 до 8 часа. Во поголемиот дел од времето не можеше да се види вода. Тоа беше како орање на поле. Сфативме дека пемзата беше дебела најмалку 6 инчи - напиша тaa.


Иако вулканскиот феномен би можел да биде опасност за други пловила, вестите за формирањето на сплавот се добредојдени за научниците, особено затоа што тој се движи кон источниот брег на Австралија.

- Ова е потенцијален механизам за обновување на Големиот корален гребен. Врз основа на вакви настани што ги проучувавме во текот на изминатите 20 години, ова ќе донесе нови здрави корали и други жители на гребени на Големиот корален гребен - истакна геологот Скот Брајан од Технолошкиот универзитет во Квинсленд.

Според Брајан и неговите колеги, пловечкиот сплав се очекува да помине покрај Нова Каледонија и Вануату и може да помине низ областите со корални гребени во источните делови од Коралното Море.

- Во моментов пемзата ќе биде гола и бесплодна, но во текот на следните неколку недели ќе почне да добива организми кои ќе се прикачуваат за неа. Ќе биде способна да собира корали и други организми што градат гребени и потоа ќе ги донесе до Големиот корален гребен. Секое делче пемза е средство за сплаварење. Тие се дом и превозно средство - морските организми да може да се прикачуваат и да се возат низ длабокиот океан за да стасаат до Австралија - вели Брајан.

Додека пемзата и нејзината носивост на алги, школки, корали и други форми на морски живот имаат потенцијал делумно да ги регенерираат органските материи, други велат дека треба да ја гледаме големата слика.

- Коралите ќе исчезнат ако не се справиме со антропогенетичкото затоплување. Кризата со коралниот гребен нема да се реши со робот, пластични корали или аквариум - мораме да се справиме со коренските причини, особено со емисиите на стакленички гасови - напиша на „Твитер“ морскиот биолог Тери Хјуз од Универзитетот „Џејмс Кук“.