Директор си ја намали платата за 90 отсто за да им ја зголеми на вработените - денес компанијата е уште поуспешна

Директор си ја намали платата за 90 отсто за да им ја зголеми на вработените - денес компанијата е уште поуспешна

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Може да се каже дека сѐ почнало кога Ден Прајс се шетал со својата пријателка Валери. Додека пешачеле Валери му рекла на Ден дека нејзиниот живот е во хаос, дека газдата на станот каде што живеела ѝ ја зголемил киријата и дека едвај ги плаќа сметките. Ден навистина се налутил затоа што Валери служела во војска 11 години, имала две тури во Ирак и сега работела 50 часа неделно на две работни места. Нешто што ветеран не го заслужува.

- Таа е некој за кого службата, честа и напорната работа ја дефинираат како личност - вели тој. И покрај тоа што Валери заработувала околу 40.000 годишно, во Сиетл тие пари не биле доволни за пристоен дом.

Од друга страна, Ден е милионер. Тој ја основал компанијата „Гравити Пејментс“ во тинејџерските години и има околу 2.000 клиенти. Заработува по 1,1 милион долари годишно. Но, Валери е таа што го натерала Ден да сфати дека голем дел од неговите вработени имале проблеми со парите. Затоа се обидел да го промени тоа.

Истражувајќи за среќата, Ден открил истражување во кое пишувало дека дополнителниот приход може да направи значајна разлика во емоционалната благосостојба на една личност. Така одлучил да им ги зголеми платите на 120 вработени, зголемувајќи ја минималната годишна плата на 70.000 долари, а ја намалил својата плата вредна 1 милион долари за 90 отсто, за да го реализира тоа.

компанија
Фото: Bored Panda

Многумина го пофалија за неговата храбра одлука, но имало и такви што се сомневале. Но, неодамна Ден сподели моќна порака.

- Кога во 2015 година почнав со минимална годишна плата од 70.000 долари за мојата компанија, Руш Лимбауг рече: - Се надевам дека оваа компанија ќе биде студија на случај на магистерските програми за бизнис-администрација за тоа како социјализмот не функционира, бидејќи нема да успее.

Оттогаш нашата компанија тројно се зголеми и денес ние сме студија на случај на Бизнис-школата при Универзитетот „Харвард“. Освен тоа, се зголеми бројот на вработени што поседуваат сопствен дом, 70 отсто од вработените си ги исплатија долговите, за десет пати се зголеми персоналот што има деца, 76 отсто од персоналот е ангажиран во работата, што е двапати повеќе од националниот просек.

Нашата компанија се соочи со 50 отсто изгубени приходи. Но, не отпуштивме никој. Вработените привремено волонтираа за скратување на платите. 5 месеци подоцна, нашиот персонал одговори со рекордни продажби, скратувањето на платите беше надминато и сме на добар пат.

Неверојатно колку може да направи третирањето на вработените како луѓе - напиша Ден минатата сабота на својот твитер-профил.

Извор: Bored Panda
Фото: Instagram