Водич за патување со македонски пасош: Кои држави бараат тест, кои ги спуштија рампите?
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Правилата за патување се различни кај повеќето држави, па направивме мал водич низ прописите на земјите од регионот и од Европа во кои најчесто патуваат нашите граѓани. Но притоа, како што велат од македонското МНР и од 10-ина наши амбасади низ Европа што ги контактиравме, мора да се има на ум дека тие правила се менуваат многу често, па најдобро е претходно да се побара информација директно во нашата амбасада во државата во која сакаме да патуваме, бидејќи тие ги имаат најсвежите податоци
Пандемијата на Ковид-19 ни смени сè - од секојдневните навики и обврски, па до семејните планови. И сето тоа се менува од ден на ден. Сите држави во светот, со сосема ретки исклучоци, како што се зголемува бројот на заразени, така ги менуваат правилата и за сопствените граѓани и за странците, за да се спречи ширењето на заразата.
Едни од најчесто менуваните правила се оние за патување и за влез во државите, а забраните или ограничувањата во речиси сите случаи зависат од бројот на заразени во конкретната земја или во регионите од каде што доаѓаат патниците и туристите.
Во моментов, како што соопшти Светската здравствена организација, Балканот е ново поголемо жариште на Ковид-19, па ретко која од другите држави во Европа и во светот дозволува слободен влез за патници од регионов, некои бараат негативни тестови, а оние без ограничувања можат да се избројат на една рака.
Фото: Freepik
И бидејќи тие правила речиси се различни кај повеќето држави, направивме мал водич низ прописите на земјите од регионот и од Европа во кои најчесто патуваат нашите граѓани, а кои важат за сите со македонски пасош. Но притоа, како што велат од македонското МНР и од 10-ина наши амбасади низ Европа што ги контактиравме, мора да се има на ум дека тие правила се менуваат многу често, па најдобро е претходно да се побара информација директно во нашата амбасада во државата во која сакаме да патуваме, бидејќи тие ги имаат најсвежите податоци.
- Во моментов, во правец на навремено и прецизно информирање на нашите граѓани за условите на патување во странство, наш фокус е посебниот сегмент на нашата интернет-страница за
Ковид-19. Решивме овие информации да бидат собрани на едно место и лесно достапни, земајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата и потребата за доаѓање до брза и точна информација поврзана со патувањата и престоите во странство. Наша цел е да им ги понудиме овие информации на граѓаните и тоа да го направиме на најбрз можен начин. Нашите дипломатско-конзуларни претставништва играат непроценливо важна улога во овој процес бидејќи во голема мера преку нив ги добиваме официјалните информации, кои потоа им ги нудиме на нашите граѓани - изјавија од МНР.
Фото: Архива
Србија
За влез во Србија на македонските државјани им е потребен негативен ПЦР-тест, не постар од 48 часа. Ова правило за патување кај нашиот северен сосед важи од 14 август.
Според новите правила што ги донесе Министерството за здравство на Србија, македонските државјани кои транзитираат низ Србија не е потребно да приложуваат негативен ПЦР-тест при влез во оваа земја, со тоа што периодот за транзитирање е лимитиран на 12 часа од моментот на преминување на границата.
Бугарија
За влез кај нашиот источен сосед, за секој македонски граѓанин се бара негативен ПЦР-тест кој не е постар од 72 часа. За оние кои транзитираат низ земјата не треба тест.
Црна Гора
Од земјите во регионот Црна Гора има најшироки барања за странците што сакаат да влезат на нејзина територија. Според нашето МНР, за влез во Црна Гора е потребен негативен ПЦР-тест за коронавирус или позитивен резултат на антитела на серолошки тест ELISA, двата не постари од 72 часа. Властите во Црна Гора нагласуваат дека странските државјани 15 дена пред влегувањето во Црна Гора не треба да престојувале во ниту една од земјите од кои не е дозволен влез во земјата.
Обврската за тест за влез во Црна Гора не се однесува на деца до пет години.
Хрватска
За влез и престој во Република Хрватска мора да имате негативен ПЦР-тест, хотелска резервација и треба да се пополни образец на следната веб-страница
https://mup.gov.hr/uzg-covid/286210
Босна и Херцеговина
За влез во федерацијата Босна и Херцеговина на секој патник со македонски пасош му е потребен негативен ПЦР-тест, не постар од 48 часа.
Косово
Според нашата амбасада во Приштина, Косово бара ПЦР-тест не постар од 72 часа, а без тест македонски државјанин може да транзитира само до аеродромот.
Слободен влез без тест во Албанија и во Турција
Албанија речиси од почетокот на пандемијата не бара негативен тест за Ковид-19 за македонските државјани. Албанските власти само бараат при престој во нивната држава да се почитуваат прописите и протоколите за заштита донесени од албанските здравствени институции. Токму поради слободниот влез, ова лето поголем број македонски туристи заминаа на летување кај нашиот западен сосед.
На македонските државјани не им е потребен негативен тест ниту за влез во Турција, но здравствените протоколи на Турција важат за сите што престојуваат таму.
Забранет влез за македонски државјани во речиси сите држави од ЕУ што беа најчести дестинации
Германија - Забранет влез, освен во исклучителни случаи – итни, неодложни здравствени и економски причини со претходно дадена согласност.
Словенија - Дозволен влез само за транзит и за лица со регулиран престој.
Австрија - Влез само за државјани со регулиран престој, негативен тест не постар од 96 часа, напишан на германски или на англиски јазик.
Грција - Забранет влез, освен за граѓаните со регулиран престој во земјата.
Франција - Не е дозволен влез за државјани од Македонија, освен за членови на дипломатски и конзуларни мисии и нивното најтесно семејство, студенти со студентска виза за долг престој, професори и истражувачи поканети од француска образовна институција и носители на „Пасош за таленти“ со долгорочна виза.