Причини за работа од дома и по пандемијата: Поодморени сме, не губиме време во патување, повеќе сме со семејството

Причини за работа од дома и по пандемијата: Поодморени сме, не губиме време во патување, повеќе сме со семејството

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со работењето од дома имам повеќе време. Почнувам со работа понаспан и одморен и сам си го организирам времето. Не го чувствувам притисокот од менаџментот. Успевам да завршам повеќе работи, а помалку да се заморам - што придонесува да ја задржам мотивацијата на завидно ниво. На крајот од денот се чувствувам помалку уморен и многу посреќен, вели Никола К. (26), инженер на софтвер, кој претпочита да продолжи со работа од дома и по завршувањето на пандемијата


Не е ништо ново дека пандемијата на коронавирусот принуди многу компании да го тестираат работењето од дома и да се приспособат на нов начин на беспрекорно функционирање. Метод кој резултира како позитивна промена кај мнозинството работници. Имаше многу изјави дека работењето од дома ги прави работниците попродуктивни, помотивирани и им носи извесни економски заштеди. Освен тоа, доведува до помалку стрес.
Но она за што во последно време се размислува е дали и по завршувањето на пандемијата е возможно да се продолжи со работа од дома. А според досегашните искуства, ретко кој сака да се врати на стариот начин на извршување на работните обврски.

Поголема продуктивност, повеќе одмор, повеќе среќа

Никола К. (26), инженер на софтвер, работи од дома откако коронавирусот ја парализира планетата и вели дека и по завршувањето на пандемијата би продолжил да работи од дома, но би претпочитал комбинирана работа, односно ден-два во неделата да поминува во канцеларија, но не повеќе.

- Причините за работата од дома се многубројни и, секако, прилично субјективни, но еве неколку од нив според мене: повеќе слободно време и повеќе време за одмор: го заштедувам времето што го трошам на пат, ги организирам паузите според тоа кога ми се потребни. Бидејќи ретко кој од мојата област работи активно во текот на целите 8 часа, често заштедувам и по неколку дополнителни часа на ден во кои можам да се одморам, секако, под претпоставка дека планираната работа за тековниот ден е завршена. Тука вбројувам и значително помалку одвлекување на вниманието, што придонесува за поголем фокус на
работата. Поголема продуктивност, што резултира со навремено завршување на обврските.
Поминувам повеќе време со сопругата и кучето, што ме прави многу посреќен. Подобро се хранам. Во канцеларија, поподложни сме да нарачаме брза храна заедно со тимот. Дома можеме да си планираме и да зготвиме сè што ќе посакаме. Не го трошам времето по работното време за да купам намирници. Бидејќи работам од дома, правам нарачки со достава до дома и ги подигнувам во работното време, што сигурно ми
заштедува 2-3 часа неделно. Живеам на оддалечена локација од градот, без врева и бучава, па покрај тоа што заштедувам 2 часа на пат до канцеларија, работам во навистина мирна атмосфера со свеж и чист воздух и околина со природа - детално ни споделува Никола.

Од дома е полесно

Многубројни се придобивките во неговото секојдневие.
- Имам повеќе време. Почнувам со работа понаспан и одморен и сам си го организирам времето. Не го чувствувам притисокот од менаџментот. Успевам да завршам повеќе работи, а помалку да се заморам - што придонесува да ја задржам мотивацијата на
завидно ниво. Како што напоменав и претходно, на крајот од денот се чувствувам помалку уморен и многу посреќен - потенцира Никола.
Според него, не само што е реално возможно да се продолжи со работа од дома и по пандемијата, туку ќе биде и полесно.
- Засега, најавите на компанијата во која работам се дека ќе продолжиме со комбинирана работа, со можност за индивидуално приспособување на деновите во канцеларија и деновите од дома. Тоа, според мене, е најдобрата опција и се надевам дека компанијата ќе остане на истиот став.



А како негативна забелешка го истакнува само недостигот на личен контакт со колегите.
- Дигитализацијата ни овозможува секој ден да се гледаме на камера, но недостига оној човечки контакт - не толку во работата, туку за време на паузите и дружбите по работа. Од дома, малку е комплицирано да се организираш за дружба. Но, за тоа да е задоволено, според мене, доволно е еднаш-двапати неделно да се гледам со колегите - вели тој.

Завршување обврски и од планина

И Симона Г. (35), која работи во транспортна компанија, вели дека претпочита да продолжи со работа од дома и по пандемијата. Пред сè, поради зголемената продуктивност.

- Во мојот случај, домашната околина ми дозволува мир и концентрација за да ги завршам работните обврски. Со оглед на природата на моето работно место - „продажба на терен“, односно посета на клиенти и реализација на состаноци со нив, моите обврски во канцеларија или дома се минимални. Тоа што морам да го завршам на компјутер можам од кое било место да го реализирам. Посетата на клиентите беше замената со телефонска и е-комуникација, обврска што можам да ја завршам од кое било место, на пример, од планина - истакнува Симона.

На почетокот, неприродната промена што ја наметна ковид-19 во ограничувањето на секојдневните активности и транзицијата на работниот простор канцеларија-дома ѝ претставувала голем шок.

- Ми требаше време за да се адаптирам и организирам, пред сè, ментално на новото „нормално“. Човекот е создаден да се приспособува на моменталните ситуации за да продолжи напред, така што за кратко време работите си дојдоа на свое место и работните обврски си течеа како што треба. Секојдневието ми се подобри во многу сегменти, поголема слобода за себе, а истовремено и поголема продуктивност во извршувањето на обврските. Се разбира, без злоупотреба на моментот „работа од дома“ - додава таа, дополнувајќи дека единствениот минус во оваа состојба е намалената лична комуникација со колегите.

Се бележат позитивни промени

Флексибилноста на работата од дома придонесе стариот режим на работа во голем број случаи да е неприфатлив, смета Елена В. (29), која е вработена во производствена компанија.

- Ми требаа неколку месеци да го реорганизирам денот и да научам како виртуелно да ги сработувам задачите за кои претходно беше потребна интеракција лице в лице. Но сметам дека флексибилниот модел на работа му дозволува на вработениот поголема слобода во менаџирањето на сопственото време, го подобрува балансот помеѓу професионалниот и личниот живот, ослободува време поминато во пат од и до работа, и го зголемува целокупното задоволство - вели Елена.
Смета дека пандемијата ги отвори хоризонтите на бизнисите и работодавците да ги увидат придобивките од изнаоѓање креативни и иноватни политики за флексибилно работење.

- Мојата компанија бележи драстична промена во погледот на ова прашање. Бидејќи се работи за производство, пред пандемијата постоеше политика за флексибилно работење, но таа беше доста скудна и ригорозна. Со олеснувањето на пандемијата и постепеното враќање на работа, сега веќе ставот во врска со ова прашање е драстично променет, па на вработените чија природа на работа го дозволува тоа им е дадена можност самите да го креираат моделот на работа во договор со својот претпоставен - нè информира таа.
Благодарение на работата од дома, нејзиното секојдневие доживеа позитивна промена.
- Успеав да најдам време за физичка активност наутро, одредени денови да ја земам ќеркичката порано од градинка и да поминам квалитетно време со неа, наместо прекувремена работа во одредени период на зголемен обем, сега тоа е сведено на апсолутен минимум со соодветно распределување на работата согласно целокупниот распоред во денот - споделува Елена.

Поставување граница меѓу работата и приватниот живот

Реално веќе се разгледуваат прашањата дали и колку е можна работата од дома на долг рок. Но и какво влијание ќе имаат новите навики на работење и однесување.

Според социологот м-р Ивана Драговиќ, во вонредни услови, секој човек различно реагира на стресот. Кај некои може да дојде до појава на психолошки промени, односно зголемена анксиозност, панични напади, висок степен на нерасположение, ниско ниво на толеранција и мотивација и зголемен степен на депресивни мисли, беспомошност и безизлезност.
- Работата од дома во висок степен може да предизвика чувство на изолираност и осаменост. Во голема мера се продолжува работното време и се поместува границата помеѓу работниот и семејниот живот. Независно од обемот на работни обврски во текот на денот, се чувствува отсуството на социјална интеракција кое може од ден на ден сè повеќе да расте, а тоа да биде причина за појава на стрес. Флексибилноста во однос на работното време може да прерасне во продолжување на работното време, без соодветни паузи кои би биле паузи во нормални услови во вистинска смисла на зборот (одмор, релаксација, опуштање на мислите, јадење, разговор со колеги/колешки итн.). Исто така, може да се „измешаат“ денот и ноќта, односно работата може да се префрли во доцните часови, а со тоа се зголемува ризикот од несоница - истакнува Ивана.


M-р Ивана Драговиќ

Во март 2020 година се затворија сите градинки, основни и средни училишта и високообразовни институции, со што беа обврзани процесот на образование и едукација да се префрли од училишните клупи во онлајн-средина или виртуелни училници. Целокупната ситуација беше стресна и непредвидлива за сите, особено за родителите кои работата ја префрлија дома, а им се зголемија и активностите за грижа кон своите деца и домашни обврски. Најважен сегмент беше балансот, дополнува таа.
- Поставувањето некакви граници помеѓу работата и приватниот живот може да биде доста тешко, особено ако целосната одговорност ја има само едниот родител. Она што е најважно во вакви услови е работа на своето ментално здравје кое, за жал, многумина го занемаруваат. Многу експерти советуваат да се остане во контакт со своите колеги/колешки за да не се почувствува таа физичка изолираност, физичка активност, стекнување нова рутина, да се избере место за пауза и релаксација од дневните обврски и секако, доколку е потребно, да се побара помош од стручно лице. Едноставно кажано, да се намалат физичките контакти, но социјалните контакти и дружби да не се занемарат.
Самото враќање во „нормалното“ функционирање предизвикува чудни чувства и реакции. Ќе треба подолготрајна адаптација, особено кај оние што веќе подолг период своите работни обврски ги извршуваат од дома - потенцира Драговиќ.