Локалните музеи едвај преживуваат - ќе се обединат во мрежа за да ги решаваат проблемите

Локалните музеи едвај преживуваат - ќе се обединат во мрежа за да ги решаваат проблемите

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Локалните музеи се ставени на маргините на институциите и установите во културата поради нивниот нерамноправен третман наспроти националните установи, што се гледа во законските одредби на Законот за култура и за музеите, посочува Драган Величковски, директор на Музејот во Крива Паланка и иницијатор на „Денови на македонските музеи“

Осумте локални музеи во земјава одлучија да создадат мрежа во која сите ќе дадат свој придонес за подобрување на нивните услови за работа, но и нивниот статус во државата. Денес и утре, по покана на директорот на Музејот од Крива Паланка, тие ќе се сретнат во овој град на манифестацијата „Денови на македонските музеи“. Идејата на проектот е да се подобри статусот на локалните музеи во Македонија, но и да се подобри присутноста на локалните музеи во јавниот простор и местата на одлучување, преку организација на туристичка манифестација и пропаганден материјал. Во проектот се вклучени сите осум локални музеи во земјава: Музеј на град Скопје, Народен музеј - Велес, Музеј на Град Кратово, Народен музеј - Свети Николе, Музеј на град Неготино, Музеј и галерија - Кавадарци, Археолошки и историски музеј - Виница и Градски музеј - Крива Паланка.


Музејот во Крива Паланка

На форумот ќе се разговара за формирање мрежа на локални музеи и сите елементи што таа треба да ги има.
Поразговаравме со Драган Величковски, директор на Музејот во Крива Паланка, кој е иницијатор на настанот. Тој објаснува дека на првиот ден ќе бидат презентирани состојбите со локалните музеи, како и практики од соседните земји. На вториот ден на платото пред Градскиот музеј ќе биде организиран мини-саем на музеите, на кој ќе бидат презентирани (на мали штандови) промотивни материјали, сувенири, продукти од локалните музеи, како и од градовите од кои доаѓаат.

Кои се главните проблеми со кои се соочуваат овие музејски институции? Локалните музеи се ставени на маргините на институциите и установите во културата со нивниот нерамноправен третман наспроти националните установи, што се гледа во законските одредби на Законот за култура и Законот за музеите, посочува Величковски.
- Дополнителна дискриминација на локалните музеи, а може да се каже и општините /градовите/регионите каде што дејствуваат овие музеи е во несоодветниот и неквалитативен третман на Министерството за култура при утврдување на листата на мрежата на национални установи од областа на културата (2003 година). Таа е утврдена на бирократски и политички начин, без водење сметка за вистинските и единствените национални вредности што треба да ги имаат тие установи. Врз основа на оваа недоследност, често се наметнува прашањето што е понационално во Гевгелија наспроти Крива Паланка или што е помалку национално во Кратово наспроти Кичево - посочува Величковски.


Драган Величковски, директор на Музејот во Крива Паланка

Тој истакнува дека дискриминација се гледа и на други полиња.
- Градскиот музеј - Крива Паланка и Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ - Виница, на пример, поради моменталните законски решенија, немаат ниту можност ниту право да се стекнат со блок-дотација од буџетот на РМ. А тоа право го имаат останатите шест децентрализирани музеи за да можат да вработат повеќе луѓе и да ја зацврстат својата финансиска одржливост во и така финансиски слабите локални самоуправи од кои зависат - вели првиот човек на кривопаланечкиот музеј.
Во периодот од 2007 до 2016 година тогашната Влада формира шест нови национални музејски установи кои добија целосно и директно финансирање од буџетот.

Величковски посочува дека голем проблем е и немањето доволно кадар во локалните музеи.
- Во периодот од 2006 до 2016 постојано се вработуваа луѓе во националните музејски установи. Можеби во овој период се вработија повеќе стотици луѓе во овие установи, особено во новоформираните шест, за сметка на локалните (музејски) установи каде што бројот на вработени со секое пензионирање се намалува, при што музеите остануваат без луѓе за својата основна дејност, т.е. работа со основните збирки и основната музејска документација - објаснува Величковски.
Многу важен проблем е и државната поддршка за локалните музеи, која во секоја наредна годишна програма за национален интерес во културата се намалува. Таму најголем дел од средствата одат за националните установи. - Присутен е и феноменот на одлив на предвидените средства за музејска дејност и заштита на културното наследство кон здруженија и поединци кои не се регистрирани за таква дејност. Процентот на одлив на средства кон вакви и слични субјекти од година на година се зголемува.



Тој посочува дека со мрежата ќе се стави поголем фокус на мапирање на музеите како места за туристички посети.
- Време е локалните музеи да фатат чекор со модерните трендови на приспособување кон туризмот, со цел да има подобра кондиција и финансиска одржливост на локалните музеи, при моменталните „правила“ на игра - посочува Величковски.

На билатерално ниво, музеите во земјава добро комуницираат, особено тие што се од поблиски градови. Но, на општо национално ниво состојбата не е таква, нагласува тој.

- И тука е присутна поделбата на национални и локални. Дури и концентрацијата на поголем дел од музеите во главниот град ги прави музеите во внатрешноста на државата инфериорни и неважни. Дополнителен проблем е недостигот на пари за дејноста, што уште повеќе ги усложнува условите за работа и соработка. Можеби отсуството на една заедничка мрежна организација уште повеќе придонесува за слабата комуникација и соработка. Во Македонија постои една неофицијална мрежа - „Музеумлинк“ иницирана од Музејот на град Скопје, во која се вклучени поголем дел од музеите. Преку оваа мрежа се реализираат повеќе изложбени активности.


Од поставка во Музејот во Кавадарци, кој исто така е локален

- Дел од стручните лица од музеите меѓусебно се поврзани во три гранкови организации, a eве сега и локалните музеи преку нашиот проект ќе се здружат во своја мрежа на локални музеи. Се надеваме дека со ова, а и со некои идни чекори што се предвидени со Стратегијата за култура 2018-2022 работите барем малку ќе се променат и ќе подобрат - завршува Величковски.

Манифестацијата „Денови на македонските музеи“ е помогната од Министерството за економија и од Општина Крива Паланка.