Што претставува шумското капење и како се практикува?

Што претставува шумското капење и како се практикува?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сите знаеме дека поминувањето време во природа е добро и за нашиот ум и за нашето тело. Од свежиот воздух до нежните звуци на природата и чувството на топлина на нашата кожа, поминувањето време во природата може да нè подмлади, да направи да се чувствуваме свежи и здрави.

Но, ако сте љубител на пешачењето, трчањето или возењето велосипед, зошто да не ја продлабочите вашата врска со природниот свет? Со забавување и одвојување време да ја искусите вашата околина преку секое од вашите сетила, можете да најдете уште поголема утеха во тишината.

Уметноста на забавувањето во природата има име - шумско капење или „шинрин јоку“, како што го нарекуваат Јапонците. Станува збор за практика што се развила уште во 80-тите години. „Шинрин јоку“, што буквално се преведува како „капење во шумската атмосфера“, ги охрабрува луѓето буквално да се вратат во природата и почнало да се применува во време кога урбанизацијата се зголемувала. Уште повеќе, јапонските лекари ги проучувале физиолошките ефекти на шумското капење и откриле дека поминувањето време во шума не е само плацебо-ефект, туку биле забележани вистински, мерливи, здравствени подобрувања кај луѓето.

Практиката на шумско капење и неговите придобивки сега се широко признаени, вклучително и во западниот свет. Но, како се практикува шумското капење?

Практиката на шумско капење вклучува едноставно поминување време во шума или кој било друг природен пејзаж. Не џогирање или трчање, туку едноставно одморање и доживување со сите сетила - вид, мирис, допир, вкус и звук. Ова навистина ви овозможува да ја разбудите природата во вас и околу вас.

- Отворањето на сетилата е клуч за смирување на умот и формирање симбиотска врска со природниот свет, што е важно за шумското капење - вели Лиз Доус, сертифициран водич за шумска терапија.

- Кога доживуваме низ нашите сетила, не размислуваме за утре или за минатото, за сите тие работи. За момент ги оставаме нашите обични животи и можеме да ги исфрлиме маските што ги носиме секојдневно - одеднаш, не мора да бидеме мајка, шеф, медицинска сестра. И сето тоа затоа што се приспсобуваме на сензорната свест за тоа што е околу нас. Поминувањето време во природа вреди злато - додава таа.

Како што вели таа, кога станува збор за шумско капење, таа не е наставник или терапевт.

2
Фото: Pixabay

- Самата шума е терапевт; водичот едноставно ја отвора вратата. Шумското капење е практика, колку повеќе го практикувате, толку е подлабока врската што ќе ја имате со природата. Ако се враќате повторно и повторно, вашето искуство се продлабочува секојпат. Може да забележите различни работи, не само надворешно, туку и внатрешно - вели Доус.

Еве кои чекори ги предлага таа за продлабочување на врската на луѓето со природниот свет.

1. Задоволство од присуството

- Првата покана што ја нудам се нарекува „задоволство од присуството“. Навистина, ова е практика со која ги внесувате луѓето во нивните тела. Ги поканувам луѓето да забележат кои звуци се околу нив, што можат да мирисаат, што можат да вкусат, што можат да допрат. Ова навистина ги внесува луѓето во нивните тела и надвор од нивниот ум и трае околу 15 минути - објаснува Доус.

2. Што е во движење


Следниот чекор се нарекува „што е во движење“ и со него се забележува сето она што се движи. Луѓето одат со навистина бавно темпо. Обично кога треба да стигнеме од А до Б не го забавуваме темпото и не забележуваме што е околу нас. Но, со овој чекор ефектите се навистина длабоки.

3. Покана за партнерство


- Потоа ја нудам поканата за партнерство. Тука работам во партнерство со шумата и нудам покани што се дизајнирани да ги воведат луѓето во сензорна свест за тоа што е околу нив. Така, на пример, може да им речам да истражуваат различни текстури. Целта на работењето со различни елементи на природата е да ги донесе луѓето во контакт со природата на начин на кој тие претходно не биле - вели таа.

4. Церемонија со чај

- На крај, по прошетката имаме церемонија со чај, кога луѓето зборуваат за нивните искуства - вели таа.

Нејзините сесии траат околу два и пол часа, што на луѓето им дава можност за совршено поврзување.

- Не секој може да одвои два и пол часа, но ако го правите тоа еднаш неделно, на секои две недели или еднаш месечно, ќе ви помогне.

Придобивки


Оние што практикуваат шумско капење може да доживеат и ментални и физички подобрувања, вклучувајќи намалена анксиозност, намалени нивоа на стрес и длабока релаксација, како и физиолошки промени. Истражување покажува дека престојот во шума ги намалува нивото на кортизол и крвниот притисок.

Извор: Harperbazaar.com
Фото: Pixabay