Педагози, психолози, социолози, лица без искуство работат како образовни асистенти: „Односот со детето и родителите е поважен од дипломата и обуките“

Педагози, психолози, социолози, лица без искуство работат како образовни асистенти: „Односот со детето и родителите е поважен од дипломата и обуките“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Голема прашина се крена околу училишните, односно образовните асистенти на почетокот на учебната година кога родителите на децата со попреченост изразија револт затоа што училиштата сѐ уште немаа ангажирано асистенти и нивните деца не тргнаа на училиште.

Проблемот се реши за десетина дена, но во дневнополитичкото поентирање за тоа кој е виновен што има или нема асистенти, никој не праша како се обучуваат, колку се стручни и обучени образовните асистенти и дали воопшто им се исплати да се пријават за работа.

Образовните асистенти, според ниту еден образовен концепт, не треба да го заменат наставникот, туку треба да соработуваат со него за да го подобрат процесот на учење на одреден ученик. Првичната идеја е тие да им помагаат на децата со попреченост кои се запишуваат во редовните училишта и кои се соочуваат со тешкотии во следењето на наставата, кои имаат тешкотии да учат со исто темпо како соучениците.

Програмата за образовни асистенти треба да ги задоволи потребите на крајните корисници, а невработените лица да се стекнат со вештини кои се бараат на пазарот на трудот и со знаења кои ќе ги користат во училница при интеракцијата со децата.

- Најчесто за образовни асистенти се ангажираат кадри од педагошките образовни профили. Дипломираните дефектолози најчесто се вработени на работните места за дефектолози. Образовните асистенти ја минуваат обуката, се доусовршуваат низ практиката. Најважен е односот што ќе се воспостави меѓу детето и асистентот, има случаи кога децата не ги прифаќаат асистентите. Исто така, важно е асистентот да комуницира со родителите. Има асистенти кои одлично си ја вршат работата со учениците, но не комуницираат во доволна мера со родителите. Синергијата во овој триаголник меѓу ученик, родител и асистент е многу поважна од тоа каков факултет завршил асистентот и колку обуки имал. Најважен е неговиот однос и посветеноста кон оваа работа - вели Ивона Кочов од Битола, родител на дете кое имало образовни асистенти.



М-р Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор од ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, објаснува какви профили најчесто се ангажираат за образовни асистенти, со оглед на тоа дека дипломираните дефектолози се вработени на својата позиција.

- Најбараната професионална класификација за образовен асистент е профилот на специјалниот едукатор и рехабилитатор (дефектолог), секако. Меѓутоа, во недостиг на дипломирани спец. едукатори и рехабилитатори, во профилот на образовниот асистент се вклучуваат педагози, психолози, социјални работници, социолози и други сродни и стручни профили – вели Младеновска.

Обуките што ги поминуваат образовните асистенти опфаќаат повеќе подрачја за работа со ученици и според неа, имаат солиден степен на стручност.

- Обуките што ги поминуваат образовните асистенти опфаќаат многу подрачја за работа со ученици со различни типови попречености и тешкотии во учење, поминуваат низ филтри, како интервјуа, разговори со стручни лица кои ги реализираат обуките, во постојан контакт се со лицата од ресурсните центри итн., така што би рекла дека имаат солиден степен на стручност. Меѓутоа, да направите интервју со асистенти кои подолго време работат практично, можеби и нема да се сложат со констатацијата, а и зависи од поединецот (ученикот) кој им е во фокусот на работата и самата средина во која работат – коментира Младеновска.


М-р Анита Младеновска

Се поставува прашањето дали асистентите се обучени да реагираат при сложени ситуации затоа што, сепак, не сите се дефектолози и специјални едукатори.

- Прашањето е доволно комплексно само по себе. Нападот на ученикот може да биде од различна природа, од предизвикувачко однесување, тантруми до епилептични напади. Не секое обучено лице знае како да изреагира во таква ситуација и да разликува еден напад од друг. Поради тоа, потребно е навремено известување на асистентите за состојбата на ученикот и ризикот од појава на некаков напад, особено од страна на родителите, за да може да се заштити детето од повреда при напад и да му се излезе во пресрет. И јас како дипломиран спец. ед. и рехабилитатор со над 10 години работно искуство можам да се најдам во некоја непредвидлива ситуација и можеби да не се снајдам онака како што би требало – открива дефектологот.

Според неа, родителите понекогаш изразуваат сомнеж за работата на асистентите, но се посвесни за потребата од нив и нивната улога во процесот на инклузија.

- Секако дека постои сомнеж и сигурно изразиле и приватно и јавно до кој степен се задоволни или не од работата на асистентите бидејќи сомнежот е субјективно чувство. Како и да е, родителите имаат сѐ поголема свест за потребата од образовни асистенти и нивната улога во процесот на инклузија. Така што, сомнежот секогаш ќе биде присутен додека не се покаже практично дека постои добра посветеност и волја за работата на асистентите – додава специјалниот едукатор.

Но без разлика на различните мислења, добрата комуникација на родителот со наставникот и образовниот асистент е клучна за функционална инклузија.

- Никогаш не смее да се изостави родителот, ниту наставниците во образовниот процес. Кога се работи за доброто на учениците, секогаш мора да се вклучени родителите, особено ако станува збор за ученик со тешкотии во учењето. Образовниот асистент, родителите и наставниците создаваат круг околу центарот во кој е ученикот. И сите се зависни едни од други и не можат одделно да функционираат. Клучот за функционална инклузија е добрата комуникација, соработка и заемно дејствување на сите страни: наставник – образовен асистент – родител. Се разбира дека ако постои добар однос помеѓу ученикот и асистентот, позитивно ќе влијае врз квалитетот на учењето, како и обратно – изјави Анита Младеновска, дефектолог и едукатор од Куманово.



Извештајот „Процена на актуелната состојба на активностите поврза¬ни со образовните/личните асистенти во земјата“ на УНДП Македонија дава уште слика на состојбата со личните и образовните асистенти од која може да се донесат повеќе заклучоци.

Анкетирани се 158 образовни асистенти за потребите на анализата. 90 % од нив поседуваат универзитетска диплома (VII-1), а 7 % имаат завршено магистерски студии.

Речиси половината од нив (42 %) немаат претходно работно искуство, 32 % имаат претходно искуство во работа со деца (во различни улоги), а 8 % имаат работено со деца со попреченост.

Над една третина (39 %) првпат се дел од процесот, а преостанатите веќе работеле како асистенти неколкупати претходно, со тоа што мнозинството го реализира својот втор или трет ангажман.

Од сите анкетирани образовни асистенти, 95 % изјавиле дека се стручни лица кои го минуваат поголемиот дел од времето со учениците што им се доделени.