Младите од Македонија безрезервно им веруваат на естрадните личности. Ни треба најсилната вакцина за критичка публика - медиумската писменост

Младите од Македонија безрезервно им веруваат на естрадните личности. Ни треба најсилната вакцина за критичка публика - медиумската писменост

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Александра Теменугова, раководител на студиска програма по новинарство на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, вели дека секој медиумски писмен граѓанин не ги сфаќа здраво за готово медиумските содржини, без разлика во која форма се, туку пред да ги „консумира“, критички ги анализира, ги толкува, ги проверува дали се точни и целосни

Наспроти нашата сѐ поголема изложеност на новите медиуми, знаеме ли доволно што се случува во тој современ медиумски свет, ги знаеме ли „правилата на игра“? Зошто на мобилниот налетуваме баш на вести за славни личности, за политичари, реклами за одмор... Кој ни ги испратил? И зошто? Го знаеме ли испраќачот или можеби е таен? И зошто? Овие прашања редовно си ги поставува секој медиумски писмен граѓанин.

Александра Теменугова, раководител на студиска програма по новинарство на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, за Факултети.мк објаснува што е медиумската писменост, дали е застапена во образованието и колку е важно децата од најмала возраст да имаат вештини кои понатаму ќе им помогнат да станат критичка публика на која нема да биде лесно „само“ да ѝ се сервираат информации.

Што е медиумска писменост и кој денес се смета за медиумски писмен човек? Какви знаења треба да има некој за да се нарече така?

- Фактот дека првото нешто што го правиме наутро е дека посегнуваме по мобилните телефони, па потоа миеме заби, покажува дека последниве години ни се смени начинот на живот, начинот на кој се информираме, комуницираме. Но, наспроти нашата сѐ поголема изложеност на новите медиуми, знаеме ли доволно што се случува во тој современ медиумски свет, ги знаеме ли „правилата на игра“? Зошто на мобилниот налетуваме баш на вести за славни личности, за политичари, реклами за одмор... Кој ни ги испратил? И зошто? Го знаеме ли испраќачот или можеби е таен? И зошто? И дали е навистина така како што ни кажуваат новинарите на ТВ, на радио, во весник? Или, пак, нешто пропуштиле? И зошто?
Овие прашања редовно си ги поставува секој медиумски писмен граѓанин. Тој не ги сфаќа здраво за готово медиумските содржини, без разлика во која форма се, туку пред да ги „консумира“, критички ги анализира, ги толкува, ги проверува дали се точни и целосни. Умее да ги користи медиумите за да дојде до информацијата што му е потребна, но исто така ги користи за да оствари некој свој интерес, да биде слушнат, прочитан и разбран, особено од институциите. На пример, да испрати фотографија до Инспекторат на Град Скопје за дива депонија и преку различни медиуми да инсистира проблемот да биде решен. Toa e современиот, активен граѓанин кој умее да ги користи медиумите за да направи промена, а не медиумите да го користат него.
Долга е листата со дефиниции за медиумска писменост, а во неа се вбројуваат не само истражувачи, туку и меѓународни организации како УНЕСКО, Европската Унија и многу други што со децении ја третираат оваа тема. Но, во сите се содржани четирите компоненти на медиумската писменост: пристап до медиумска содржина, анализа, оцена и креирање медиумска содржина во која било форма.


Фото: „Медиум“

Какви опасности ги демнат учениците и младите ако не се медиумски писмени?

- За да може да кажеме кои се опасностите, треба прво да знаеме на што се изложени нашите ученици. А тоа може да го видиме само ако имаме сериозни и континуирани истражувања со кои ќе го следиме односот на децата кон медиумите: кои медиуми најчесто ги користат, за што ги користат, колку време во текот на денот, од каде се информираат, како ги толкуваат информациите, ги проверуваат ли, дали тие креираат содржини, како...? Во Македонија, за жал, нема истражувања како што на пример има во Велика Британија, каде што британскиот медиумски регулатор (ОФКОМ) го следи нивото на медиумска писменост на петгодишни интервали кај групи од различна возраст.

Нашата Агенција за аудио и аудио-визуелни медиумски услови (врз основа на Директивата на ЕУ која ги упатува европските медиумски регулатори на некој начин да ја промовираат оваа сфера), во 2016 година го објави првото истражување за утврдување на нивото на медиумска писменост на возрасната публика. Но, и покрај очигледниот проактивен однос на Агенцијата за промовирање на медиумската писменост и интензивираната соработка со граѓанскиот сектор, изминативе неколку години (пред сѐ, преку Мрежата за медиумска писменост), сѐ уште се чекаат резултатите за медиумската писменост кај малолетната публика. Вакви истражувања не прави ни Министерството за образование, ни Бирото за развој за образование, како што е на пример случајот со Финска.


Александра Теменугова

И во ситуација на недостиг од појдовни согледувања, имавме некои спорадични истражувања иницирани, пред сѐ, од граѓанскиот сектор, и тие најчесто се помогнати од донатори како што е Европската Унија.
Така најблиску до одговорот на вашето прашање е последното истражување на Институтот за комуникациски студии реализирано пролетоска, во рамките на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – справување со лажните вести“ во кое се утврдуваат навиките на корисниците на социјалните мрежи за да можеме да ја креираме кампањата за писменост за вести. Во него беа опфатени испитаници на возраст од 15 и повеќе години, што значи може да го толкувам само однесувањето на средношколците, но не и основците. Истражувањето покажа дека најмладите (15-24 г.) најчесто се информираат онлајн (59,7%), иако телевизијата и натаму е доминантен медиум. Колку што расте возраста, толку повеќе расте и бројот на гледачи. 83% од младите пристапуваат на интернет преку мобилен или таблет. Младите најмногу го користат интернетот за забава (50,9%). Сите испитаници (од 15 до над 65 г.) најмногу користат „Фејсбук“ (50,1%), а повеќе од 1/3 (36,9%) на оваа мрежа се помеѓу еден и три часа дневно, но речиси четвртина (27,85) се повеќе од три часа во денот. Младите се најприсутни на „Инстаграм“ и „Снепчет“.

ИКС ги праша и кои јавни личности ги следат. Младите на возраст од 15 до 24 години најмногу следат пејачи/актери и други личности од забавната сфера (35,3%) и спортисти (27,6%). Интересно е што на прашањето „Важно ми е мислењето кое го споделуваат јавните личности што ги следам на социјалните мрежи“, дури 71% од младите изјавиле дека се согласуваат со оваа изјава.
Кога ќе прочитаат некоја вест на социјалните медиуми, 38,1% од сите испитаници понекогаш бараат дополнителни информации во други медиумски извори, додека ¼ од испитаниците (26,3%) ретко бараат дополнителни извори. Речиси 1/3 од испитаниците (29,6%) кога ќе прочитаат некоја вест онлајн, само понекогаш проверуваат кој е изворот на веста, додека повеќе од ¼ (26,1%) секогаш го проверуваат изворот на веста.
Последните бројки се сериозен индикатор за нивото на самосвесност на публиката и капацитетите за проверка на прочитаното, без разлика дали информациите доаѓаат од медиумите или од креаторите на јавно мислење. Истражувањето ни проектира слика за младата, речиси беспоговорна лојална публика на возраст од 15 до 24 год. која безрезервно им верува на естрадните личности. Ова уште еднаш покажува дека медиумската писменост е најсилната вакцина за критичка публика.


Фото: „Медиум“

Какви се примерите од другите земји, дали во образовните програми има содржини од оваа област?

- Од она што досега го истражуваме гледаме дека нема универзална формула за вклучување на медиумската писменост која е општо прифатена во европските земји. Тоа секако зависи од спецификите, традицијата и развојот на секој образовен систем поединечно. Не само што има различен третман – дали како посебен предмет или интердисциплинарен пристап, туку сѐ уште е актуелна дебатата за терминолошката одредница и употребата на соодветниот поим: дали е „медиумско образование“, „медиумска култура“ - како што впрочем е случајот со македонскиот образовен систем, „медиумска писменост“, „дигитална писменост“, „информациска писменост“ и сл.). Но, од она што го следиме откриваме дека ниту една земја, па и самата Европска комисија, не остана имуна и нем набљудувач на технолошкиот развој и дигиталниот свет. Сите држави во Европа последниве 10-15 години направија помали или поголеми реформи со кои се ревидираа наставните програми и таксономијата со знаења и вештини фрлајќи посебен акцент на медиумската, на дигиталната и на компјутерската писменост.

Европската комисија досега издаде повеќе стратешки документи со препораки за поинтензивно вклучување на медиумската писменост во повеќе сфери (медиумската индустрија и дигиталниот пазар, медиумските регулаторни тела, економија и развој на дигитална технологија и информациско-компјутерски технологии). Особено е важна препораката на Европската комисија од 2009 година според која, во чл. 18, „медиумската писменост треба да биде опфатена на различни начини на различни нивоа. Модалитетите на вклучување на медиумската писменост во наставните програми на сите нивоа се приоритет на земјите-членки“. Во чл. 21 се истакнува важноста на истражувањата („Комисијата охрабрува истражувачки проекти во рамките на постојните програми“), додека во чл. 1, став 3, Комисијата предлага „отворање дебати и разни јавни настани за вклучување на медиумската писменост во задолжителната наставна програма
Фото: Pixabay

А кога веќе ме прашувате за примери како е во другите земји, за мене е најефикасен финскиот образовен модел (иако и другите скандинавски не се далеку од него) бидејќи со време сфатија колку е важно да се инвестира во медиумската писменост и што е можно порано. Само за илустрација, финското министерство за образование и култура уште во 2004 година внесе реформи и проекти за безбедност на интернет во претшколското образование, во градинките, бидејќи истражувањата им покажаа дека децата, вклучувајќи ги и најмалите, минуваат многу време онлајн.

Пред две недели со колегите од Високата школа бевме во Словенија токму за оваа цел – да видиме како словенечкиот образовен систем ја третира медиумската писменост, бидејќи ја зедовме како студија на случај а пропо нашето истражување за македонското образование. Иако сѐ уште сме во фаза на сублимирање на податоците и исказите што ги добивме од различни чинители – Министерството за образование, Бирото за образование, наставници, граѓански сектор, академски кадар... првичниот впечаток е дека Словенците не ја третираат медиумската писменост во онаа традиционална интерпретација за критичка перцепција на медиумските содржини, туку инсистираат на стекнување вештини за дигитална писменост. Се разбира, не треба да се изостави фактот дека последната деценија Словенците направиле сериозни поместувања во образовните политики по, според нив, поразителните резултати на ПИСА-тестирањето во 2005 и 2008 г. Па, следувал период на промени во настаните програми и методот на работа, дообуки на наставен кадар, за во 2015 да бидат 7-ми на ПИСА во Европа.


Сте правеле истражување колку медиумската писменост е застапена во програмите за средно образование. Се покажало дека воопшто не е инкорпорирана, наспроти многубројните реформи во наставните програми и предмети. Што треба најитно да се преземе во врска со ова?

- Високата школа за новинарство и за односи со јавноста веќе трета година работи на проект, и тој е финансиран од ЕУ („Коалиција за медиумска писменост“ и веб-страницата www.medium.edu.mk), интензивно работи на унапредување на медиумската писменост кај средношколците (средношколски весник „Медиум“, посети по училишта, Медиумски ден, Летен камп...). Во 2016 година направивме еден скен на средношколскиот образовен систем за да испитаме дали постои свест за неопходноста да се биде медиумски писмен ученик, од една, и вклученоста на медиумската писменост во формалното образование, во наставата, предметите, вештините на професорите, информациско-комуникациските технологии во образовниот процес и воншколските проектни активности, од друга страна. Ги анализиравме законската регулатива, стратешките документи на Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, Дирекцијата за заштита на лични податоци, a разговаравме и со професори и ученици (од сите класови) од средните училишта.
Уочивме дека постои вакуум и реален јаз помеѓу потребите на модерното образование и актуелната „понуда“ на наставата. Во наставните програми и содржини се опфатени основните поими за медиумите и формите на медиумска комуникација, со посебен акцент врз комуникацијата (вербалната и електронската), улогата на медиумите, техниките на креирање на медиумските содржини и влијанието на технологијата врз развојот на човекот. Но, вкупниот фонд на часови е речиси занемарлив, поради што тешко може да се зборува за стекнување сеопфатни знаења од оваа област.



Дури и во новата Стратегија за образование 2018-2025 медиумската писменост воопшто не е спомената како термин. Постои „дигитална писменост“, што секако не е исто. Иако во Стратегијата се инсистира на стекнување вештини неопходни за учениците да бидат „дигитални граѓани“ преку употреба на новите медиуми и ИКТ во наставата, тоа не е медиумската писменост. Медиумската писменост подразбира умешност за критичко восприемање на медиумите, деконструкција на она што ни се сервира, а не само да ги користиме на медиумите како дидактичко средство, како алатка во наставата. Ни треба едукација за медиумите, а едукација со медиумите.

Она што ветува надеж се сигналите од образовните власти, кои покажуваат слух за промена на состојбата. Високата школа неодамна почна соработка со Бирото за развој на образованието со кое ќе работиме на утврдување на медиумската писменост во основното образование и оваа соработка, барем во овој момент, е за поздравување оти последната деценија немавме баш разбирање каде и како треба да се движиме. Сакаме да видиме како медиумски ги описменуваме основците, дали е тоа доволно, дали наставниците имаат дообуки за оваа област. Истражувањето е во почетна фаза и наодите од него, заедно со препораки како понатаму, ќе ги објавиме во декември.
Секако, оваа сфера не зависи само од Бирото, од МОН или од една-две организации. Ова е област која припаѓа и зависи од повеќе чинители: и од институции, и од образовни и академски институции и од граѓански сектор, и од медиумите, и од родителите... од сите нас. Но, треба само да видиме каде сме, што ни е недостаток, како може да се поправиме, што треба да смениме и да ги утврдиме патеките по кои треба да се движиме.