Деветмина наши средношколци создаваат платформа за полесно учење

Деветмина наши средношколци создаваат платформа за полесно учење

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Платформата ја водат млади под 17 години, сите ученици во македонскиот образовен систем. Таа е алатка која на учениците им овозможува индивидуално да го подобрат своето познавање од предметите

„Уште од март годинава, поради корона-кризата, се соочивме со многу предизвици во текот на образовниот процес. Опциите што тогаш ни беа понудени за изучување на материјалот делумно ја задоволуваа потребата на учениците за образование. Така, по неколку непроспиени ноќи и повеќе часови поминати во учење преку интернет се роди идејата да создадеме нешто за ефикасно и лесно достапно изучување на материјалите во образовниот процес на средношколците.“

Вака 16-годишната Анисија Угриновска, ученичка во скопската гимназија „Орце Николов“, ја почна приказната за тоа како таа и уште неколку нејзини врсници ја создале новата дигитална образовна платформа наречена ODAS Education, со која учењето на предметите во и надвор од училишниот материјал, како и учењето на далечина станува полесно и подостапно.
Платформата ја водат исклучиво средношколци помлади од 17 години, сите ученици во македонските училишта.

Анисија е основач, а е и водителка на интервјуа и е одговорна за менаџирање на социјалните мрежи. Таа вели дека пресудно за развој на ваква платформа е што сите во тимот се средношколци и се вклучени во македонскиот образовен процес, што директно им помага да ги лоцираат тешкотиите со кои се соочуваат нивните врсници, а истовремено да најдат и иновативни начини на учење и така да го поттикнат индивидуалното размислување кај младите.


Анисија Угриновска

- Се стремиме да бидеме продуктивни и ефективни при нашата работа за да им помогнеме на нашите соученици. Нашата работна атмосфера секогаш е весела, релаксирана, но истовремено и професионална. Редовно одржуваме тимски состаноци на кои разговараме за предизвиците со кои се соочуваме, идните чекори кои би ги правеле и начините на кои би се подобриле. Планираме и еко-акции и донации на облека и училиштен материјал. Со гордост можам да кажам дека сме успешен тим кој ќе го води и подобрува ODAS Education - вели Анисија.

Со неа во тимот се и Сергио Узеир (16), кој е ученик во СУГС „Никола Карев“ и коосновач на ODAS Education, креатор на анимирани видеа, одговорен за менаџирање на социјални мрежи и интервјуа, Филип Најдовски (14) е креатор и одржувач на веб-страницата на ODAS Education и одговорен за маркетинг, Софија Тодороска (17) е одговорна за одделот за литература, Дамјан Божиновски (16) е креатор на анимирани видеа, камерман и техничка поддршка, Бернарда Малевска (16) е креаторка на анимирани видеа, Бисера Ѓуровска (16) е креаторка на анимирани видеа, Инес Негриеска (15) ученичка во „Јахја Кемал“ е креаторка на анимирани видеа и Ина Ѓоргиева (16), која е ученичка во СУГС „Орце Николов“, воедно е илустратор и одговорна за предметите математика и физика за прва и втора година средно образование.


Бисера Ѓуроска, Филип Најдовски, Инес Негриеска

Помош при полагање државна матура

Анисија вели дека многу студии покажуваат дека аудио-визуелното учење е поквалитетно од читањето од школските учебници и меморирањето тривијални факти.
Токму таков пристап кон учењето има и новата платформа, при што се стреми кон подобрување и реформирање на целокупниот образовен систем во земјава.

- Образовниот систем во земјава може да се оцени како задоволителен, но тоа не го оспорува фактот дека има многу место за подобрување. Всушност, токму тоа беше мислата водилка на сите нас во ODAS, за подобрување на образовниот систем и искуството на учениците - вели таа.

Според неа, ODAS има повеќе цели, но во моментот акцент ставаат на помагање на учениците што се соочуваат со предизвици при наставата, поедноставување на пристапот до информации за (вон)школските предмети, приближување на класичната литература до младите, запознавање на младите со нивните кариерни опции.

- ODAS Education користи софтвери за изработка на анимирани видеа преку кои ќе бидат предавани лекциите по голем број предмети. Учениците треба да ги помнат сите литературни дела од четири години и за нив да полагаат државна матура. Затоа, во одделот за литература при ODAS Education се детално анализирани делата од средно образование, кои се важни за добри оценки на матурата. Набргу на веб-страницата ќе бидат поставени и интервјуа со успешни личности во доменот на својата професија, кои на младите ќе им служат како извор на мотивација - објаснува Анисија.

Иднината на учењето

Таа вели дека во последно време често ја слушаме фразата дека онлајн-настава не е замена за настава во училница, со што делумно се согласува зашто сепак смета дека е незаменлив директниот контакт меѓу професорот и ученикот.

- Изминатиот период сè повеќе се популаризира здобивањето со факултетски дипломи и дипломи за напредни курсеви по далечински пат. Тоа не само што ни укажува дека онлајн-наставата не е невозможна, туку и дека таа е иднината на учењето. Впрочем, високо пласирани универзитети како Стенфорд, УКЛА и други,  одржуваат настава онлајн. Следствено, намената на ODAS не е да ја замени класичната настава, туку да ја надополни и да ја подобри - вели основачката.

Посочува дека за разлика од националната платформа за образование, која е комуникациско-образовна платформа каде што ученикот има директен контакт со професорот, платформата ODAS е алатка која на учениците им овозможува индивидуално да го подобрат своето познавање од предметите.

Бернарда Малевска, Ина Ѓоргиева, Сергио Узеир, Софија Тодороска

- Едноставно се вклучувате на веб-страницата на ODAS и ученикот може да го избере предметот кој најмногу го интересира и сака да го подобри или надгради знаењето во одредена област. Значи, оваа платформа е наменета да им помогне на сите ученици и да ги упати во предметите кои можеби немаат можност да ги изучуваат на училиште - објаснува таа.

Анисија посочува дека оваа платформа засега ќе служи како извор на знаење, со оглед дека во моментот е отежнат образовниот процес.

- Планираме да вклучиме и реномирани професори кои би комуницирале со учениците и би одговарале на нивните прашања - вели Анисија.
Засега материјалот од ODAS Education ќе биде наменет за средношколци, а наскоро ќе биде пренаменет за сите ученици.

- Веќе има членови и корисници од различни градови од земјава. Планот е до крајот на 2021 година ODAS да се прошири и во државите од регионот, а со тоа да им помогне на илјадници ученици - заклучува младата Анисија.