Не земајте „клексан“ или „фраксипарин“ без препорака од специјалист. Битно е и за здравјето и за повратот на пари!

Не земајте „клексан“ или „фраксипарин“ без препорака од специјалист. Битно е и за здравјето и за повратот на пари!

Подготвил: Елица Бочвароска

Лектор: Ивана Кузманоска

Цената за една доза од оваа терапија се движи од 180 до 260 денари, неретко се дозираат по 2 дози дневно, а лекувањето може да трае и подолго од 10 дена

Здравствените власти апелираат граѓаните заболени од Kовид-19 да не земаат лекови против згрутчување на крвта, какви што се „клексан“ (еноксапарин) или „фраксипарин“ (надропарин) без препорака од специјалист, бидејќи ако не им се следи соодветно состојбата, овие лекови може да предизвикаат дополнително влошување на здравствената состојба. Исто така, за Фондот за здравствено осигурување да им врати пари на осигурениците за овие лекови, кои мора сами да ги платат во аптека, треба да имаат специјалистички извештај.
Цената за една доза од оваа терапија се движи од 130 до 260 денари, неретко се дозираат по 2 дози дневно, а лекувањето може да трае и подолго од 10 дена.

Прашањето за овие два лека се отвори и поради различните принципи за лекување кои ги практикуваат матични лекари, во недостиг на официјални протоколи за третман на Ковид-19 наменети за нив. Имено, некои матични задолжително бараат пациентите да направат анализа за да ја проверат состојбата со згуснување на крвта (за што се плаќа приватно без упат од специјалист), а потоа ако тие препишат лек за заштита, пациентот нема право на поврат на пари. Згуснувањето на крвта е една од компликациите што може да ги предизвика Ковид-19.

- Според протоколите, не сите пациенти со лесна и тешка клиничка слика треба да направат анализа за проверка на д-димерите. Процената се прави во консултација со специјалист-трансфузиолог и се препорачува само за пациентите што се во ризичните групи, особено оние со кардиоваскуларни заболувања. Покрај оваа анализа, се прават и други анализи на крвта, но сето тоа оди по препорака на трансфузиолог кој ја препишува терапијата доколку е потребна - велат од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство велат дека оваа терапија за болните може да биде различна, а тоа зависи од резултатите од овие, како и од други анализи, потоа од хроничните болести на пациентот и од неговата моментална здравствена состојба.

- Поради специфичноста, само специјалист-трансфузиолог може и треба да ја препише оваа терапија, а таа е покриена од Фондот за здравствено осигурување. Секоја терапија што не е препишана од специјалист ја плаќаат самите пациенти. Матичните лекари се должни своите пациенти да ги упатат во лаборатории што имаат договор со Фондот и кај лекар специјалист кој ќе ги види резултатите и ќе препише соодветна терапија - велат од Министерството за здравство.

Оттаму велат дека со протоколите за лекување на ковид-позитивни и суспектни пациенти се утврдени параметрите кога болниот треба да се лекува дома или да се препрати на болничко лекување, и дека тие се преземени од светските протоколи и адаптирани на наши услови.

Луѓе заболени од Ковид-19, чие лекување го воделе матичните лекари, велат дека по нивна препорака, покрај други испитувања, направиле и испитување на д-димери, по што лекарот им препишал лекови против згрутчување на крвта. Тие велат дека овие испитувања ги правеле во приватни лаборатории по препорака од матичниот лекар, бидејќи на Клиниката за трансфузиологија има метеж, а и за да не се изложуваат дополнително да чекаат и да им се влоши состојбата. Терапијата потоа им е препишана од матичен лекар, но како што велат, не знаеле дека не им следува рефундација на парите за лекови од Фондот за здравствено осигурување, бидејќи не е препорачана од специјалист.



Дел од матичните лекари велат дека покрај неопходните анализи на крвта и снимање на белите дробови, ги праќаат пациентите и за проверка на д-димери за да не се случи на некој наеднаш да му се влоши состојбата токму поради згрутчување на крвта. Тие велат дека за овие тестови тешко се закажува кај специјалист.

Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека во помалите градови пациентите ги препраќаат на трансфузиолог, бидејќи таму и нема приватни лаборатории што прават вакви анализи.

- Има проблем со термини и за снимање и за д-димери, но ги препраќаме кај специјалист. Побаравме од Фондот за здравствено осигурување да ни овозможи за дел од анализите на крв и за д-димери и ние да може да ги упатуваме за да може да им се следи состојбата и ако дојде до влошување да се реагира навреме - вели Чолакова-Дервишова.