Средношколки од Битола создадоа апликација  што дава совети за почвата, садењето, финансиите  - целата е земјоделките да започнат сопствен бизнис

Средношколки од Битола создадоа апликација што дава совети за почвата, садењето, финансиите - целата е земјоделките да започнат сопствен бизнис

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Беа избрани за тим со најдобра иновативна идеја од Македонија и учествуваа на Форумот на жени и девојки што се одржа во Будимпешта, Унгарија.

Македонија е земјоделска земја, а се соочува со недостиг на храна и увезува земјоделски производи по повисоки цени и не секогаш со квалитет како домашниот. Иако со векови земјоделството е доминантна стопанска гранка, сепак, сѐ уште оваа професија се смета за машка. 

Средношколките од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола - Ана Марија Вељковиќ, Ангела Талева и Матеја Ѓоргиевска, под менторство на професорката по економски предмети Фанија Наумовска, развија идеја за алатка за вештачката интелигенција која ќе помогне во премостувањето на родовиот јаз во земјоделството. Станува збор за апликацијата „Деметра ВИ“, која ги спојува земјоделството и технологијата, овозможувајќи релевантни податоци за почвата во Македонија и какви растенија на неа можат да се одгледуваат, како и едукација и информации како да формираат агробизнис и земјоделките да станат дел од женското претприемништво.



Жените од руралните средини да станат економски независни

- Деметра е божица на земјоделството, а ова е иновативна алатка во форма на апликација, чија целна група се жените. Таа ги едуцира, им дава поголема шанса да бидат избрани на пазарот на трудот, да бидат обучени и сертифицирани земјоделки. Им обезбедува и персонализирани совети, помагајќи им во клучните ресурси, да ги премостат сите финансиски проблеми со кои ќе се соочат при нивната работа во земјоделството. Жените од руралните средини ќе станат економски независни. Ќе добиваат совети како да формираат агробизниси и да бидат дел од женското претприемништво. Со помош на алатката „Деметра“ жените можат да станат вистински претприемачи во агробизнисот и да користат една од најновите технологии во светот и да бидат во ист ранг со други развиени европски земји - вели Ана Марија Велковиќ, ученичка во четврта година во гимназијата во Битола.

Трите средношколки и професорката ја претставија идејата на 4. Форум за жени и девојки во СТЕМ (платформа за интеграција на науката, информатичката технологија и математиката за решавање на различни проблеми), кој во октомври годинава се одржа во Будимпешта. На тој му претходеше учество на меѓународен ученички предизвик поставен од организацијата Girls go circular EU, каде што тимот ја разви своја идеја за алатката за вештачката интелигенција, која ќе помогне во премостувањето на родовиот јаз во СТЕМ. Притоа беа избрани за тим кој ја имаше најдобрата иновативна идеја од Македонија и беа поканети да учествуваат на форумот во Будимпешта.



Дава информации за типот на почвата и какви култури можат да се одгледуваат

- Пред нас беше поставен предизвик - што можеме да направиме да нема поделба на машки и женски професии. Кога се постави ова прашање, ние се сетивме на нашата земја Македонија и земјоделството бидејќи тоа е најзастапено како дејност и имаме многу поволни услови за негов развој. Но, отсекогаш во нашата земја земјоделството се смета за машка професија и сакавме тоа да го промениме. Стапивме во контакт со професорки од Земјоделскиот факултет во Скопје да ни обезбедат информации за земјоделството и почвата во Македонија. Сакавме да вклучиме технолошки новости кои веќе се користат во другите европски земји, како што се сензори, роботи, дронови за наводнување и за садење, сензори кои ќе можат да утврдат колку е кисела или базна почвата, колку е влажна. Сите тие информации се внесуваат во нашата страница и ни кажува на каков тип почва можат да се садат одредени растенија - вели Ангела Талева, ученичка од втора година.

Тимот од Битола беше единствен претставник од Македонија

- Имаше 24 тима од различни земји. Учествувавме во многу активности, предавања и дискусии од областа на примената на вештачката интелигенција од претприемачи кои веќе имаат формирано свои претпријатија. Нашите ученици се вклучија во дискусиите, присуствуваа на обука за тоа како да се направат кратки презентации на бизнис-идејата. Посетивме и кампус каде што се сместени голем број фирми, но изграден како одржлив центар каде што на дело се покажува циркуларната економија. Ова за нас беше големо искуство и можност за споделување искуства со ученици и професори од многу други држави - вели професорката Наумовска.



За овој меѓународен предизвик, средношколците и професорката дознале преку „Џуниор ачивмент“, невладина организација фокусирана на поттикнување на финансиската писменост и претприемачките вештини кај младите преку надополнување на знаењата за претприемништвото преку неформално образование. Со оваа организација училиштето соработува од 2018 година и учениците се вклучени во различни активности кои го поттикнуваат претприемништвото кај нив. Минатата година Ана Марија Вељковиќ и Матеја Ѓоргиевска заедно со други ученици учествуваа на натпреварот за ученичка компанија и го освоија второто место на ниво на држава.

- Организацијата „Џуниор ачивмент Македонија“ е посветена на финансиска едукација и претприемничко образование во средните училишта во земјава. Програмите се засновани на учење преку работа, тимска работа, иновирање и истражување и учениците се стекнуваат со сертификати, како и претприемачки и дигитални знаења, презентациски и лидерски вештини и компетенции барани на пазарот на труд. Најдобрите тимови имаат можност за награди и учество на разни натпревари на национално и европско ниво. Проектот девојчиња во циркуларна економија, координиран од Европскиот институт за информации и технологија и финансиран од Европската Унија, започна да се спроведува во 2020 година и се реализира во 34 земји во Европа, меѓу кои и нашата земја. „Деметра ВИ“ беше дел од овој проект и онлајн платформата за учење за циркуларна економија - вели Љупка Панчевска, директор на „Џуниор ачивмент Македонија“.



Фото: приватна архива