Живот во вертикално село: Ова е облакодерот во Тирана што допрва треба да се изгради

Живот во вертикално село: Ова е облакодерот во Тирана што допрва треба да се изгради

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Рендерите на необичен облакодер кој наскоро треба да биде изграден во главниот град на Албанија последниве денови ги преплавија светските списанија за дизајн и архитектура. Вниманието го привлекува со својот необичен изглед, кој потсетува на огромна детска сложувалка.

фотоизвор: NOA/ Atelier 4

Селото во градот

Фасадата на идниот облакодер е поделена на делови што личат на типични албански селски куќи. Облакодерот е наречен „Сложувалка Тирана/Puzzle Tirana“, а е дизајниран од меѓународни архитектонски фирми со седиште во Италија - „НОА“ и „Ателје 4“. Оттаму велат дека облакодерот наликува на сложувалка што го чека своето последно парче – со што го опфаќа и минатото на градот и неговата ненапишана иднина.

Модулите во облик на куќа, кои го прават овој облакодер малку почовечки и секако незаборавен, се во различни бои, со различни отвори и се ориентирани во различни насоки. Секоја од овие модул-куќи ќе им даде на своите станари дополнителен простор, кој може да биде и внатрешен и надворешен, па лесно ќе стане дополнителна просторија, висечка градина, место за скара или забава.

фото извор: NOA/ Atelier 4

Ова футуристичко вертикално село ќе се издигне 71 метар во воздух, вкупната површина ќе биде 32.700 квадратни метри, а е планирано и за деловни, комерцијални и за станбени цели. Деловните простории на зградата ќе бидат лоцирани на првите два ката, а од вториот до шестиот кат ќе има хотел и апартмани, додека на најгорните три ката ќе има пет пентхауси.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: NOA/Atelier 4