Дивите цвеќиња се приспособуваат на апокалипсата на инсектите преку самоопрашување

Дивите цвеќиња се приспособуваат на апокалипсата на инсектите преку самоопрашување

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во светот има апокалипса на инсекти и нашите мали пријатели се соочуваат со глобално намалување на популацијата со проценети 2 отсто годишно поради комбинацијата од климатските промени, пестицидите, загубата на живеалиштата и други штети предизвикани од човекот.

Како флората, која често се потпира на инсектите за опрашување, се адаптира на оваа голема промена? Истражувачи од Франција открија дека растенијата се свртуваат кон самоопрашување.

Во нова студија објавена во списанието „Њу фитолоџист“ истражувачите откриваат дека дивите цвеќиња во дел од ливада во регионот на Париз сѐ повеќе се адаптираат на самоопрашување.

Тие се фокусирале на полската љубичица и ја споредиле со онаа што растела од семиња собрани од 1992 до 2001 година. За да ги споредат двете популации, научниците направиле генетска анализа, ги измериле физичките карактеристики на растенијата и ги изложиле на бумбари за да видат кои цвеќиња ги преферираат. Од анализата истражувачите утврдиле дека денешните полски љубичици го зголемиле самоопрашувањето за 27 отсто и се помали, создаваат помалку нектар и се помалку атрактивни за бумбарите во споредба со љубичиците израснати од стари семиња.

Можеби овие резултати не звучат толку лошо на прв поглед - растенијата можат брзо да се адаптираат на присуството на помалку инсекти. Но, истражувачите го нарекуваат тоа опасен циклус бидејќи сето ова може да го влоши падот на инсектите.

Ова е ужасно поради многу причини. Инсектите се извор на храна за многу големи животни, како жаби, птици и др. Исто така, важни овошја се зависни од инсектите за опрашување и би било голем научен потег генетски да се одгледаат да станат самоопрашувачи.

Исто така, инсектите се прекрасни суштества и нашиот свет би бил посиромашно место без нив и затоа е важно да ги зачуваме.

Извор: Futurism
Фото: Pixabay