Државна химна, инклузивност, сексуално образование: Кои новини од предлог-законите на МОН предизвикаа полемики во јавноста?
Од четирите големи закони од пакетот од шест закони за образование што МОН го предложи до пратениците, останаа уште три. Предлог-законот за средно образование го помина првиот собраниски филтер и изгласувањето на потребата за негово донесување, но по поднесените амандмани од страна на албанските политички партии, министерката Весна Јаневска го повлече.
Според Јаневска, дискусијата за предлог-законот за средно образование се префрлила во друга тема, а не во тема за образованието и порача политиката да не се вметнува таму каде што не треба, алудирајќи на почитувањето на заедничките државни симболи кои беа камен на сопнување во собраниската расправа.
- Ќе се посветиме на воспитната компонента, на мултиетничноста, на мултикултурализмот, почитување на различностите во образовниот процес. Тука е нашата шанса. Кај младите кои веќе го гледаат новиот свет, свет во кој најмалку е важно на која етничка група ѝ припаѓаш, или дали припаѓаш на мнозински или малцински народ. Технологијата напредува од ден на ден, глобалната слика се менува од ден на ден, ние не можеме да живееме во минатото. Тука ја гледам иднината и просперитетот на оваа држава - рече Јаневска.
Со законот за средно образование кој го повлече МОН, средното образование се дефинира како институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој овозможува образование за сите ученици во средното образование, вклучително и за деца/лица со странско државјанство или деца/лица без државјанство, формирање инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост.
Се планира да се воведе кариерно советување
Со него се планира првпат да се воведе кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование. Со новиот закон се воведува и нова концепција за испити на крајот на средното образование.
За законите беа поднесени околу 50 амандмани, од кои неколку за химната и за државниот испит на директорите што го зборуваат албанскиот јазик. На албанските партии им пречеше членот од законот за средно образование кој предлага интонирање на државната химна иако, според министерката Весна Јаневска, тоа не е обврзувачко затоа што општините ќе решаваат за тоа, како и одредбата директорите задолжително да достават потврда за положен државен испит по македонски јазик.
Образложението зошто се против интонирање на химната на почетокот и на крајот на учебната година, како и на патронатите и на други свечености, е дека интонирање на химната сметаат дека е доброволен акт и не треба да биде законска обврска, затоа предлагаат да не стои во законот.
Пакетот закони за основно образование, стручно образование и обука и за образование на возрасните сѐ уште се на комисиска расправа, но и за нив има 20-ина амандмани.
На реакции наидоа и некои измени во законот за основно образование. Една од нив е поврзана со инклузијата во образовниот процес за децата со атипичен развој. Со претходниот закон се предвидуваше тие да учат во основните редовни училишта, а по учебната 2022/2023 година ресурсните центри да не запишуваат ученици. Со сегашните измени се укинува членот што предвидуваше тие да не запишуваат ученици од 2023 година, со што се остава можност родителите да одлучат дали ќе го запишат своето дете во основно училиште или во ресурсен центар.
Целодневна настава до петто одделение
Министерството предлага и во основните училишта да нема лични асистенти, туку само образовни. Ако, пак, вработен наставник во училиште остане без работа, може да биде испратен да работи во ресурсен центар во општината.
Министерството одлучи дека основците нема потреба да имаат сексуално образование, па со новите измени се предлага тие да учат само за репродуктивното здравје. Сексуалното образование беше предвидено во претходниот закон како изборен предмет во деветто одделение, но предметот се спроведе само како пилот-проект во четири училишта.
Измени во Законот за основното образование има и во делот за тоа каде може да се запишат учениците. Ако досега се предвидуваше дека тие треба да учат онаму каде што живеат, но дека може да се прават исклучоци со претходна согласност од директорот, сега нема да имаат таква можност.
Секој ќе треба да учи во најблиското училиште, освен ако таму нема можност да следи настава на мајчиниот јазик. Се забранува и физичко одделување на учениците Роми, освен во општините со мнозинско ромско население.
Продолжената настава сега законски се регулира дека мора да трае до петто одделение.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), пак, апелираше до Собранието да организира јавни расправи за законите во областа на образованието, а опозициската партија СДСМ обвини дека со предложените промени се нарушува концептот за инклузија на деца со попреченост.
Се очекува од МОН наскоро да бидат предложени и законите за педагошка служба и за високо образование.