Интервју со Марија Јовановиќ, примена на Универзитетот во Сарбрикен, Германија: „Знаењето од ФЕИТ ми помогна да се запишам на магистерски студии“
Се запишавте на магистерски студии на Универзитет во Сарбрикен, Германија, по успешно завршување на студиите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Како дојдовте до оваа високообразовна институција?
- Уште додека студирав на ФЕИТ, знаев дека сакам да продолжам да се усовршувам во полето на кибербезбедноста. При крајот на моите студии на ФЕИТ, започнав активно да истражувам за магистерски студии во странство, така што правев листа со универзитети кои нудат магистерски студии во полето на кибербезбедноста. Најмногу се фокусирав на универзитети во Европа, и тоа најмногу во Германија и во Шпанија. По долго размислување и анализа на предностите и недостатоците, се одлучив токму за Универзитетот во Сарбрикен, Германија. Клучен фактор во мојот избор беше светски познатиот институт за кибербезбедност CISPA (CISPA Helmholtz Center for Information Security) кој соработува со овој универзитет.
Колку знаењето од ФЕИТ помогна во новите студии во Германија во областа на кибербезбедноста, особено на CISPA кој е број 1 институт за кибербезбедност во светот?
- Студирањето на ФЕИТ ми овозможи да се стекнам со широко инженерско познавање од областа на компјутерските технологии. Кибербезбедноста е широко поле кое се темели на основни инженерски концепти. За еден експерт да може да се занимава со заштита на компјутерски системи, првично мора да има солидно познавање за начинот на работа на тие системи. Освен тоа, ФЕИТ дополнително ми помогна, првпат, да зачекорам во светот на кибербезбедноста преку слушање стручни предмети, како што се сигурносни комуникации и форензика на мрежи. Ентузијазмот на професорите да им го пренесат нивното знаење на студентите и нивната целокупна поддршка помогна да се одлучам мојот дипломски труд да биде во оваа област и со тоа да стекнам вредно практично знаење. Сето ова овозможи со леснотија да ги започнам моите магистерски студии. Истовремено, поголем поттик беше што ФЕИТ е акредитиран од АСИИН – Германска агенција за акредитација, која лесно го препозна моето знаење и дипломата стекната на ФЕИТ.
Може ли да направите споредба меѓу образовните процеси во двете земји бидејќи завршивте на најдобриот технички факултет во Македонија и сега сте на најдобриот CISPA институт, број 1 во светот во областа на кибербезбедноста?
- Да направиме разлика: ФЕИТ беа дипломски студии, а на CISPA сум на мастер-студии. Образовните процеси во двете земји се многу слични, но сепак имаат неколку клучни разлики. Во Германија за мастер-студии вообичаено е потребно студентот да покаже дека има доволно познавање од предметот за воопшто да може да биде примен да полага испит. Најчесто тоа се постигнува преку редовно работење на зададени задачи во текот на семестарот и собирање доволно поени за прием на испит. Но сето тоа е недоволно без претходно стекнато знаење кое го добив на ФЕИТ.
Дозволено е трипати да се полага еден испит и доколку третиот пат е неуспешен, следува ексматрикулација од студиите и дополнителна забрана за студирање на други универзитети во Германија во истата област. Ова правило важи и за додипломски и за мастер-студии. Во Македонија, студентите добиваат поголема помош од професорите во текот на студиите, додека во Германија студентите се повеќе оставени сами на себе да истражуваат и да наоѓаат решенија.
Како е да се работи со експерти од највисок светски ранг?
- Голема привилегија и чест е да се има можноста за соработка со првокласни експерти, но исто така бара и големо залагање, посветеност и труд. Постојано се работи на многу интересни, иновативни и двигателни проекти кои имаат цел да го подобрат општеството. Освен CISPA институтот, на самиот универзитетски кампус се наоѓаат уште неколку светски познати истражувачки институти како што се MPI (Max Planck Institute for Informatics) и DFKI (Deutsches Forschungszentrum für Künstliche Intelligenz). Голем дел од студентите почнуваат со работа токму во овие институти. Во иднина се гледам и јас како член на овие заедници, залагајќи се за корисен придонес за целокупното општество.
Дали освен образованието, во Германија сте ангажирани и на други проекти или работни ангажмани. Дозволува ли процесот на образование да бидете активни и во други полиња?
- Моментално сум прв семестар на магистерските студии и како за почеток одлучив да си дадам време за приспособување на новото место и новиот образовен процес. Понатаму во текот на студиите како дел од програмата ќе треба да работам на разни семинарски работи и проекти во соработка со истражувачкиот институт CISPA. Со други зборови, постојат многу можности за оние што навистина сакаат да се усовршуваат. Секако, освен професионални можности, универзитетот постојано одржува разни настани за дружба, спорт и рекреација, така што слободното време може да биде исполнето со активности по желба.