Работниот ден ѝ почнува во 7 часот наутро: Ана има 100 години и веќе 70 години го води своето кафуле

Работниот ден ѝ почнува во 7 часот наутро: Ана има 100 години и веќе 70 години го води своето кафуле

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Среда попладне е, а Ана Поси, сопственичката на „Бар централе“ во Небиун, мало гратче на брегот на езерото Маџоре во Северна Италија, служи кафе од 7 часот наутро. Работниот ден обично ѝ завршува во 19 часот.

Ова е просечен работен ден за еден шанкер во Италија, иако Поси е далеку од просечен шанкер во еден клучен аспект: таа има 100 години и е најстарата личност во Италија. Оваа 100-годишна жена, која неодамна ја доби почесната титула „командант на Републиката“, им е добро познато лице на редовните посетители на кафулето.

- Секогаш работам, и во недела, и за Велигден и на Божиќ. Никогаш не сум на одмор - вели Ана.

Оваа рутина Поси ја практикува од 1 мај 1958 година кога со сопругот го отвориле кафулето, каде што на гостите им служела есперсо и капучино. Во 1971 година биле додадени и алкохолните пијалаци, кога парот успеал да купи лиценца.

Но, џубоксот бил тој што ги привлекол гостите. „Бар централе“ било место за излегувања, а муштериите доаѓале од далеку.

- Доаѓаа тука за да се дружат и да танцуваат. Имавме и маса за фудбалче, бевме најмодерниот локал во градот - вели Поси.

Откако нејзиниот сопруг починал во 1974 година, таа го посветила животот на децата и кафулето.

ana
Фото: Ana Possi

- Откако почина тато, таа повеќе не сакаше да има друга врска. Се фокусира на нас и на работата - вели нејзината ќерка Кристина.

Ана ги опишува годините од 60-тите до 80-тите како најубави години во историјата на кафулето. Меѓу познатите гости во тие години биле фудбалерите Џани Ривера и Фулвио Коловати.

Сепак, таа не е некој што сака да се препушта на носталгија. Можеби џубоксот го нема, но сега има полица за книги каде што клиентите можат да тргуваат со книги и да читаат додека пијат кафе. Ако одат во недела, може да добијат и парче домашна пита со јаболка.

Во кафулето Ана има и компјутер, на кој секое утро чита вести и ја следи берзата.

- Читам сè. Сè уште сакам да учам и да ги разбирам работите подобро - вели Ана.

Нејзините редовни клиенти главно се пензионери од градот, кои понекогаш влегуваат само за да разговараат со неа. Но, медиумското внимание по повод нејзиниот 100. роденден, кој го прослави на 16 ноември, донесе нови клиенти од други места.

- Луѓето доаѓаат да ме запознаат бидејќи им е тешко да поверуваат дека сè уште работам. Кога заминуваат, си заминуваат среќни и полни со енергија - вели таа.

Таа верува дека друштвото на други луѓе е клучот за нејзиниот долг живот.

- Не сакам да бидам меланхолична. Сакам да живеам, да бидам меѓу луѓето - вели таа и додава дека нема намера наскоро да престане да работи.

- Ќе продолжам сè додека здравјето ми дозволува - вели таа, притоа советувајќи ги младите да изберат работа што ќе ја сакаат.

Извор: 6yka.com
Фото: Ana Possi