Е-учебниците за средно стручно три години чекаат печатење

Е-учебниците за средно стручно три години чекаат печатење

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

За предметите за кои веќе постојат наставни програми се случува на конкурси за изработка на учебници да не се пријави ниту еден автор за одредени струки и образовни профили, од тие причини сме принудени законски да објавуваме повторен конкурс, процедура која трае од еден до шест месеци, појаснува директорката на Педагошката служба

Учебници по многу предмети во средното стручно образование во Македонија воопшто не се напишани, но и тие што се одобрени постојат само во електронска форма. Печатењето на електронските учебници е заглавено од 2015 година.
- Електронските учебници ги нема во печатена верзија зашто Министерството за образование и наука уште од 2015 година направило неколку обиди за јавни набавки и не била одобрена печатница. Периодично овие јавни набавки траат предолго и МОН нема склучено договори. Во тек е јавна набавка за печатење, а паралелно со оваа тече и работата на комисијата за законски измени со цел да се изнајдат можни решенија за надминување на временскиот теснец - вели директорката на Педагошката служба, Вања Велева, и додава дека електронските учебници се достапни на интернет-страницата на МОН.

Професорите од стручните училишта во земјава со години се мачат да им предаваат на учениците во речиси сите типови средни училишта бидејќи литературата е минимална или некаде и никаква. Во август минатата година министерот за образование и наука Арбер Адеми најави дека во фаза на изработка се 31 учебник за средното стручно образование.



Се случува и никој да не се пријави
 
Зошто недостигаат толку многу учебници? Побаравме одговор во Педагошката служба при МОН. Оттаму велат дека предолгите постапки во процесот на изработка и одобрувањето на учебниците се најчестите причини зошто нема учебници по дел од стручните предмети.

- Педагошката служба е исправена пред многу предизвици. На пример, за предметите за кои веќе постојат наставни програми се случува на конкурси за изработка на учебници да не се пријави ниту еден автор за одредени струки и образовни профили, од тие причини сме принудени законски да објавуваме повторен конкурс, процедура која трае од еден до шест месеци. Доколку на конкурсот повторно не се пријават автори со учебници, Педагошката служба распишува јавен повик за искажување интерес за формирање авторски тим за изработка на учебник и тој, доколку се пријават авторите, трае три месеци, а доколку не, остануваме без учебник по одреден предмет - објаснува Велева.

Таа додава и дека времетраењето на законските процедури за одобрување и печатење учебници е долго. Учебниците поминуваат низ повеќе комисии кои имаат временски рамки за постапување.
- Ова се дел од причините поради кои Педагошката служба во изминатиот период се залагаше за измена и дополнување на Законот за учебници, што резултира со формирање на комисија која работи на предлог-измените - објасни Велева.


Министерот Арбер Адеми и директорката на Педагошката служба, Вања Велева

Нова веб-апликација за брзо симнување учебници

Според Велева, диктирањето како метод не е алтернатива и не е оправдан начин за пренесување знаење на ученикот.
- Наставникот е креатор на часот. Учебниците што недостигаат на терен, зборувам за нивна печатена верзија, ги има во електронска форма и можат да се користат. Педагошката служба за таа цел изготвува и веќе е во завршна фаза нова веб-апликација што ќе овозможува брзо и лесно симнување на содржините.
Важно е да се напомене дека МОН и Педагошката служба координираат со наставната фела и ги разбираат проблемите со кои се соочуваат наставниците. Секое нивно укажување е причина да се бараат соодветни решенија за надминување на проблемите. Во таа насока е и промената на Законот за учебници за основно и средно образование, со чии измени се претендира да се „одглават“ сите недостатоци што досега се појавувале на терен – вели Велева.

Таа додава:
- Секој чекор треба да биде осмислен и издржан зашто целта е да генерираме позитивни резултати, а не да заглавиме во лавиринт на неосмислени постапки.