Цел свет гледа во Израел: Што покажува масовното вакцинирање во оваа земја?

Цел свет гледа во Израел: Што покажува масовното вакцинирање во оваа земја?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Израел, која е водечка земја во светот во вакцинирањето на своето население против коронавирусот, има охрабрувачки вести: првите резултати покажуваат значителен пад на инфекцијата по само една примена доза на вакцина и подобри резултати од очекуваното по двете дози.

Експертите за јавно здравје предупредуваат дека податоците засновани на вакцината „Фајзер-Бајонтек“ се прелиминарни и не биле подложени на клинички испитувања. Дури и да е така, д-р Анат Ека Зохар, потпретседател на „Здравствени услуги во Макаби“, една од израелските организации за одржување на здравјето што ги објави податоците, ги нарече „многу охрабрувачки“.

Во првиот ран извештај, „Клалит“, најголемиот фонд за здравство во Израел, спореди 200.000 лица на возраст над 60 години што примиле прва доза на вакцината со соодветна група од 200.000 лица што сè уште не биле вакцинирани. Во него се вели дека 14-18 дена по примањето на вакцината делумно вакцинираните пациенти имале 33 отсто помали шанси да се заразат.

Истовремено, истражувачите на „Макаби“ велат дека откриле уште поголем пад на инфекциите по само една примена доза: намалување од околу 60 отсто, 13 до 21 ден по првата доза на вакцината, кај првите 430.000 луѓе што ја примиле. „Макаби“ не наведе возрасна група или дали ги споредила податоците со соодветна, невакцинирана група.

Во понеделникот израелското министерство за здравство и „Макаби“ објавија нови податоци за луѓето што ги примиле двете дози на вакцината, покажувајќи екстремно високи стапки на ефикасност.

Министерството откри дека од 428.000 Израелци што ја добиле втората доза, една недела подоцна само 63, или 0,014 отсто се заразиле со вирусот. Слично на тоа, податоците на „Макаби“ покажаа дека по повеќе од една недела откако ја примиле втората доза само 20 од околу 128.600 луѓе, околу 0,01 процент, се заразиле со вирусот.

Во клиничките испитувања вакцината на „Фајзер“ покажа дека е 95 отсто ефикасна по примени две дози во спречување на инфекцијата кај луѓе без докази за претходна инфекција. Израелските резултати, доколку се задржат, посочуваат дека ефикасноста може да биде уште поголема, иако строгите споредби со невакцинираните лица сè уште не се објавени.

vakcina
Фото: Freepik

- Ова се многу охрабрувачки податоци. Ние внимателно ќе ги следиме овие пациенти со цел да испитаме дали тие ќе имаат само лесни симптоми или ќе развијат компликации како резултат на вирусот - рече д-р Зохар.

Израел, каде што повеќе од 40 отсто од населението веќе ја примиле првата доза на вакцината, стана меѓународен тест за ефикасност на вакцинацијата.

Со своето малобројно население, високо дигитализираниот универзален здравствен систем и брзото вакцинирање со воена помош, податоците од Израел се корисен додаток на клиничките испитувања за истражувачите, фармацевтските компании и креаторите на политики.

Израел склучи договор со „Фајзер“ за рано и стабилно снабдување со вакцини во замена за податоци. Министерството за здравство ја објави јавно преработената верзија на договорот.

Раните израелски бројки се базираат на првите луѓе што ја примиле вакцината. Според експертите, тие веројатно ќе бидат позагрижени или поинформирани за вирусот и затоа повеќе внимаваат на физичкото дистанцирање и носењето маски. Тие, исто така, може да се разликуваат од оние што не брзаа да се вакцинираат според местото на живеење и социо-економскиот статус.

Но, главната порака според „Макаби“ е дека дури и првата доза на вакцина е ефикасна и го намалува морбидитетот, како и хоспитализациите за речиси 10 отсто.

Анат Ека Зохар вели дека резултатите се многу добри и дека ако продолжи вака, вакцината може да биде поефикасна отколку што се мислеше.

Иако ова се првите податоци, тие се многу важни во време кога целиот свет гледа кон Израел за да ја утврди ефикасноста на вакцината, додаде таа.

Израел почна да го вакцинира населението на 20 декември. Првата доза ја примија повеќе од 2,6 милиона Израелци, додека втората доза повеќе од милион.

Откако почна со луѓе на возраст од 60 години и повеќе, здравствени работници и други со висок ризик, Израел сега нуди вакцини за луѓе над 40 години и за средношколци на возраст од 16 до 18 години за да им се овозможи да се вратат на училиште. 700 резервни медицински лица во армијата помагаат во центрите за вакцинација.

Извор: New York Times
Фото: Freepik