Најмирното место на светот: Животот на карпа висока 40 метри

Најмирното место на светот: Животот на карпа висока 40 метри

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Столбот на животот или столбот Кацки е природен варовнички монолит во истоименото село во Западна Грузија, опкружено со речната долина Катхура.

Висок е околу 40 метри, а на неговиот врв се наоѓаат остатоците од црквата „Св. Максим Исповедник“, која датира од 9 или 10 век, крипта, визба за вино и остатоци од некогашна тврдина. По изгледот потсетува на манастир во облаците: тука живееле монаси кои повеќе би сакале да умрат од глад отколку да добијат храна од жена.


Целиот простор на врвот опфаќа 150 квадратни метри, а со оглед на тоа што не е изграден лифт, до него може да се дојде само со искачување, со помош на рацете, нозете и малку среќа.


Затоа и не е чудно што градбите на врвот долго време биле занемарени. Првото искачување се случило во 1944 година кога планинарите Александар Јапарџе и Леван Готуа на врвот нашле тело од некој претходен жител.

Се верува дека тоа било место за молитва, наменето за испосници што сакале да се изолираат од остатокот од светот.

2
Фото: Freepik

Поинтензивно истражување било спроведено помеѓу 1999 и 2009 година, кога градбите биле реставрирани со помош на Националната агенција за зачувување на културното наследство на Грузија, а била додадена и црква.

Сега на врвот на карпата живее 67-годишниот свештеник Максим Кавтарадзе, кој направил импровизирани скали со кои се спушта и се качува на карпата двапати неделно. Храната му се доставува со помош на чекрек — механички уред кој се користи за подигнување или повлекување голем товар.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik