Џаред Исакман - новиот шеф на НАСА и милијардер кој собира борбени авиони како играчки
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Џаред Исакман, новоименуваниот шеф на НАСА, е едно од најинтересните и најбогати имиња во светот на технологијата и приватната авијација. Според процените на „Форбс“, неговото лично богатство изнесува 1,8 милијарди долари, а значителен дел од тоа доаѓа од 38 отсто удел во „Шитфт4 пејментс“, компанија која се занимава со обработка на плаќања, која ја основал уште како тинејџер.
Како дел од неговата нова улога, Исакман ќе го надгледува буџетот на НАСА, кој изнесува 25 милијарди долари, и е посветен на проектот „Артемис“, чија цел е враќање на човекот на Месечината. Програмата ќе се потпира на ракетата „Старшип“ на „Спејс екс“. Познато е дека Исакман има тесна врска со основачот на компанијата, Илон Маск. Овој приватен авантурист не е само лидер во бизнисот, туку и во авијацијата и вселенските истражувања.
Исакман е познат по тоа што во септември 2022 година го финансираше проектот „Поларис дон“, историска мисија во вселената во која цивилни, односно непрофесионални астронаути беа на вселенска прошетка. Ова беше прва ваква прошетка во рамките на приватна вселенска мисија, а искористени беа новите вселенски костуми на „Спејс екс“ Овој храбар подвиг дополнително ја зацврсти неговата репутација како лидер во новата ера на комерцијални вселенски патувања.
Неговото богатство е поврзано со иновацијата и страста што ја има за авијацијата и високите летови. Исакман е исклучителен пилот и колекционер на авиони, вклучувајќи борбени авиони, а во неговата колекција има десетина авионски модели. Некои од нив, како рускиот „миг“, се дел од неговото богатство проценето на 100 милиони долари. Исакман ги користи овие авиони не само како дел од своето хоби, туку и за да ја задоволи својата љубов кон авијацијата.
Тој е пример за човек кој не се задоволува само со успехот во една област, туку продолжува да го турка својот потенцијал до нови граници. Како нов шеф на НАСА, неговото влијание ќе биде пресудно за иднината на американската вселенска програма и за продолжувањето на истражувањето на вселената.
Исакман го стекнал своето богатство на невообичаен начин - откако го напуштил средното училиште, ја основал компанијата „Шифт4 пејментс“ во подрумот на родителите, а сега таа обработува повеќе од 260 милијарди долари годишно. Ова му овозможило да инвестира во различни хобија, а со својата страст за планинарење, тој неодамна ја помина Новата година на Антарктикот, обидувајќи се да го освои највисокиот планински врв на континентот. Морал да се врати 152 метри од врвот поради дехидрација, но ветил дека ќе се обиде повторно.
Извор:
Express24.hr
Фото:
Wikipedia