Германски инженер постави светски рекорд - помина 120 дена под вода

Германски инженер постави светски рекорд - помина 120 дена под вода

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Германски инженер за воздухопловство влезе во историјата бидејќи помина 120 дена под вода.

Педесет и деветгодишниот Рудигер Кох излезе од својот подводен дом од 30 квадратни метри, додека судијката на Гинисовата книга на рекорди, Сузана Рејес, потврди дека го соборил претходниот рекорд од 100 дена поставен од Американецот Џозеф Дитури, во лагуна на Флорида.

Кох е коосновач на „Оушн билдерс“, компанијата која ја дизајнира и изгради подводната просторија каде што помина четири месеци набљудувајќи ги рибите. Со седиште во Панама Сити, компанијата создава таканаречени „сиподс“ (вид на капсула) на соларна енергија, кои лебдат 3 метри над океанот и исто така можат да поддржат дополнителна таква капсула под вода.

Кох изјавил дека неговото 120-дневно подводно искуство е голема авантура и признал дека имал чувство на жалење што му дошол крајот. Тој ја истакнал мирната убавина на блескавото море во текот на ноќта, како еден од најнезаборавните аспекти на неговото патување, а исто така успеал да направи над 1.000 часа снимки од морски животни низ отворот.

Капсулата на Кох била опремена со неопходни работи, вклучувајќи кревет, тоалет, ТВ, компјутер, интернет и велосипед за вежбање. Сместена на околу 15 минути оддалеченост со брод од северниот брег на Панама, капсулата била поврзана со друга комора над брановите, со цевка со тесни спирални скалила, овозможувајќи испорака на храна и посети, вклучително и од лекар.

Соларните панели на површината обезбедувале електрична енергија, со резервен генератор на располагање, иако немало туш. Германскиот инженер ја одбележал пригодата со пиење шампањ и пушење пура пред да се нурне во Карипското Море, каде што бил земен со брод и одведен на суво на прослава.

- Невозможно е да се опише, тоа треба да го доживеете - се обидел Кох да го опише искуството со овие зборови.

На половина пат од неговата мисија, Кох изјавил дека се надева оти искуството ќе ја смени нашата перспектива за човечкиот живот и потенцијалот за постојани населби, дури и во такви екстремни средини.

Тој чувал копија од научнофантастичната класика на Жил Верн од 19 век - „Дваесет илјади милји под морето“ на неговата ноќна маса.


Дополнително, четири камери ги снимиле активностите на Кох во капсулата, документирајќи го неговиот секојдневен живот, следејќи го неговото ментално здравје и потврдувајќи дека тој никогаш не се избезумил.

Според судијата на Гинисовата книга на рекорди, камерите биле неопходни за да се обезбеди постојано следење.

- Она што се обидуваме да го направиме овде е да докажеме дека морињата се всушност одржлива средина за човечка експанзија - заклучил Кох.

Извор: interestingengineering.com

Фото: YouTube screenshot