„Гугл“ го менува името на Мексиканскиот Залив иако настанало долго време пред формирањето на САД
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Гугл“ вчера објави дека ќе го промени името на Мексиканскиот Залив во Заливот на Америка на „Гугл мапс“ откако претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела потпиша прописи што вклучуваат промена на името на официјалните карти и во официјалните комуникации на федерално ниво.
- Добивме неколку прашања за имињата во рамките на „Гугл мапс“. Нашата долгогодишна практика е да ги спроведуваме промените на имињата кога тие се ажурираат во официјални владини извори - се вели во објавата на „Гугл“ на социјалната мрежа „Х“.
Од „Гугл“ додаваат дека името Мексикански Залив ќе остане за корисниците на Мексико, додека корисниците од другите земји ќе ги гледаат двете имиња.
Интересно е тоа што Мексиканскиот Залив го носи тоа име од 16 век, кога шпанските истражувачи почнале да го мапираат регионот по доаѓањето на Хернан Кортес во 1519 година. Терминот настанал бидејќи ова огромно водно пространство се наоѓало источно од земјите кои денес ги познаваме како Мексико.
Називот Мексикански Залив се појавува на картите и историските документи од првите шпански истражувања.
Европските картографи почнале да го користат за означување на овој полузатворен базен поради неговата близина до мексиканската територија. Иако Мексико не постоело како држава (Мексико станало независен во 1821), името се однесувало на мезоамериканскиот регион под шпанска контрола и поврзан со Мексиканското Царство. Името Мексикански Залив настанало многу пред формирањето на САД во 1776 година. Во текот на 16 и 17 век областа која денес ги вклучува државите Тексас, Луизијана, Алабама и Флорида била дел од шпанските и француските колонијални територии и немала никаква врска со идната држава САД. Ова потврдува дека Мексиканскиот Залив, и како географски регион и во номенклатурата, има историски корени кои му претходат на создавањето на САД.
Мексиканскиот Залив го носи тоа име повеќе од 500 години, многу пред САД да постојат како нација. Овој поим ја одразува неговата историска и географска поврзаност со мезоамериканските земји бидејќи е име кое се задржало уште од првите мапи што ги изработиле европските колонизатори. Промената на името, по иницијатива на актуелниот претседател на САД, веројатно нема да наиде на поддршка од остатокот на светот.
Извор:
Cnbc/
ИГЕО Портал