Колку заработуваат наставниците во Македонија и во Европа? Во кои земји платите растат, а во кои се намалуваат

Колку заработуваат наставниците во Македонија и во Европа? Во кои земји платите растат, а во кои се намалуваат

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога ќе се земе предвид инфлацијата, во изминативе години платите на наставниците се намалени во многу европски земји. Анализата на „Јуроњуз бизнис“ го следи овој тренд низ времето.

Според извештајот на Националната фондација за образовни истражувања (NFER), во учебната 2023/2024 година регрутирањето наставници во средното образование во Англија достигна само половина од планираната цел. Истовремено, според огласите за работа на платформата „Индид“, наставничката професија е рангирана како најдобра работа во Обединетото Кралство за 2025 година. Недостигот на наставници е широко распространет проблем низ Европската Унија.

Дали ова е изненадувачки резултат? И не баш. Станува збор за сложен проблем за кој придонесуваат повеќе фактори. Трендовите во платите на наставниците даваат важен увид во ситуацијата. Во последниве години платите на наставниците се намалени во многу европски земји, вклучувајќи ги Англија, Ирска, Италија, Грција и Финска.

Како се менуваа платите на наставниците во Европа од 2000 наваму?

Во текот на последната деценија платите во реална вредност се намалија во речиси половина од анализираните земји. Според извештајот на ОЕЦД наречен „Образованието на прв поглед“, платите на наставниците во основните училишта паднаа во 10 од 22 земји и региони меѓу 2015 и 2023 година.

plata

Најголем пад е забележан во Луксембург, каде што платите се намалија за 11 отсто, потоа следуваат Грција со 9 отсто,  Ирска, Финска и Италија со по 6 отсто. Во Англија падот изнесува 5 отсто, додека во Португалија и Унгарија изнесува 4 и 3 отсто.

Во истиот период, просечното зголемување на платите во ЕУ-25 беше 4 отсто, со пониски стапки во некои од водечките економии, како Шпанија (2 отсто) и Германија и Италија (1 отсто). Од друга страна, Турција забележа најголемо зголемување на платите, со раст од 31 отсто, а по неа се Чешка со 16 отсто и Шкотска со 12 отсто.

Промени во платите од 2005 година

Ако се разгледаат подолги временски периоди, како од 2005 до 2023 година, забележан е драматичен пад во Грција, каде што наставниците загубиле една третина од своите плати во реална вредност (33 отсто). Значајни падови се забележани и во Португалија (13 отсто), Италија и Англија (по 12 отсто).

Спротивно на тоа, Турција пријави значително зголемување од 59 отсто, додека Полска (28 отсто), Германија (16 отсто отсто) и Норвешка (15 отсто) се со помали стапки на раст. Иако намалувањата беа помали, платите се намалија и во Шпанија и Финска (5 отсто) и Франција (2 отсто).

Колкави се платите на наставниците во различни земји?

Платите на наставниците значително се разликуваат низ Европа, со тоа што квалификациите и искуството играат клучна улога. Според „Еуридика“ на Европската комисија, годишните бруто-плати за наставници кои започнуваат кариера во 2022/2023 година се движат од 9.897 евра во Полска до 84.589 евра во Луксембург.

Германските наставници заработуваат речиси двојно повеќе од своите колеги во Франција, додека платите во Шпанија се нешто повисоки од француските, но во Италија се под тој просек. Наставниците во земјите кандидати за членство во ЕУ, пак, заработуваат помалку од 12.000 евра годишно.

Кога платите се изразени во стандард за куповна моќ, што овозможува фер споредба, разликите помеѓу земјите се намалуваат, но и понатаму постојат. Според овој индикатор, годишните плати изразени во куповна моќ за наставници кои започнуваат кариера се движат од 11.826 во Словачка до 49.015 во Луксембург.

Платите на Балканот и во Македонија

Според податоците од „Јуроњуз“, платите на наставниците во земјите од Балканот се значително пониски во споредба со највисоките плати во Европа. На пример, во Луксембург годишната бруто-плата на наставник изнесува околу 84.000 евра, што е највисока во Европа. За споредба, во Северна Македонија, Србија и Црна Гора годишните плати на наставниците се значително пониски, често под 10.000 евра.

1
Фото: Еuronews

Почетната плата за наставник во нашата земја изнесува 8.632 евра бруто-плата и се наоѓа на претпоследно место во Европа. По 10-годишно работно искуство, наставничката плата се зголемува за 442 евра на годишно ниво и изнесува 9.074 евра. По 15 години поминати во образование, платата на македонски наставник изнесува 9.303 евра, а највисоката плата што наставник во Македонија би можел да ја достигне е 10.351 евро.

Повик за промени


Според ОЕЦД, платите се само еден од многуте фактори што ја одредуваат атрактивноста на наставничката професија. Неопходно е да се обезбедат повеќе можности за професионален развој и да се гарантира дека професијата останува интелектуално стимулирачка низ целата кариера на наставниците.

Џек Ворт, водечки истражувач за работната сила во училиштата при Националната фондација за образовни истражувања (НФЕР), нагласи дека се потребни амбициозни и ефикасни политики за да се решат предизвиците поврзани со регрутирање и задржување на наставниците.

- Состојбата со наставничкиот кадар е критична и го загрозува квалитетот на образованието што го добиваат децата и младите - вели тој.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik