Колумна: Кога, всушност, почнува староста

Колумна: Кога, всушност, почнува староста

Во психолошката литература се споменува дека повеќето луѓе имаат извесно поимање за тоа кога почнува староста и на која возраст луѓето можат да се сметаат стари. Ова поимање е наречено перципиран почеток на староста. Така, општо земено, се наведува дека групите родени подоцна (помлади по години), перципираниот почеток на староста го поставуваат подоцна отколку групите родени порано (постaри по години). Но, овие тврдења не се емпириски проверени. Докази за промените на перципираниот почеток на староста и неговата траекторија низ времето нема.

За да ja пополни оваа празнина, Ветстин (M. Wettstein), професор по психологија на Хумболтовиот универзитет во Берлин, составил тим од 6 лица со цел да истражат како се менува перцепцијата на почетокот на староста со текот на времето.

Тимот сакал да истражи како се менува перцепцијата на почетокот на староста со текот на времето, на средовечни и постари лица.

Податоци добиле од Германскиот центар за геронтологија. Датотеката ја сочинувале лица родени од 1911 до 1974, на возраст од 40 до 85 години, вкупно 14.056 лица. Според годината на раѓање, сочинувале три возрасни групи: 1911-1935, 1936-1951 и 1952-1974. Испитаниците изразиле согласност да учествуваат во студијата и биле информирани дека можат да се откажат од истражувањето во кое било време.

Истражувањето траело 25 години и во овој период испитаниците биле испитувани во 8 наврати. Тие требало да пополнат повеќе психолошки инструменти, преку кои тимот добил истражувачки податоци.

Испитаниците требало да одговорат на ова прашање: На која возраст би опишaлe некого како стар? Одговорите на ова прашање ги споредиле наспроти одговорите на прашања кои се однесувале на повеќе социодемографски, психосоцијални и здравствени фактори.

Што покажале резултатите

Најнапред, истражувачите ја споредиле хронолошката возраст на испитаниците со нивната перципирана возраст. Просечната хронолошка возраст на испитаниците била 58,1 години, додека перципираната просечна возраст на почеток на старост била 73 години. Значи, перципираната старост била повисока од хронолошката старост.

Понатаму, истражувачите сакале да утврдат која возраст се перципира како стара. Тие нашле дека перципираниот почеток на староста не се сложува со хронолошката возраст, при што, општо земено, за секои 10 години хронолошка возраст, перципираниот почеток на староста бил околу 2 години повисок. На пример, за лица стари 64 години, перципираниот почеток на староста бил 74,7 години, додека за лица стари 74 години, перципираниот почеток изнесувал 76,8 години.

Општо земено, за група испитаници подоцна родени (помлади лица), најдено е дека староста почнува подоцна. Конкретно, лицата родени по 1935 година соопштиле подоцнежен почеток на староста, отколку оние родени помеѓу 1911 и 1935.

На иста возраст, испитаниците родени подоцна перципирале повисок почеток на староста. Кога испитаниците родени во 1911 година имале 65 години, тие перципирале дека староста почнува на возраст од 71 година. Од друга страна, на иста возраст, лицата родени во 1956 година соопштиле дека староста почнува на 74 години.

Забележано е дека перципираниот почеток на староста помеѓу групите се менува нелинеарно со текот на времето. Подоцна родените групи покажувале пострмна промена кон подоцнежен почеток на староста, додека кај најрано родената (најстари испитаници) група, била забележена нелинеарна промена, па дури и децелерација (смалување) на перципираниот почеток на староста. На пример, перципираниот почеток на староста за едно лице на возраст од 64 години, родено во 1944 година, се очекува да се зголеми за 1,9 години во текот на 10 години, додека перципираниот почеток на старост на едно лице на возраст од 64 години, родено во 1934 година, се очекува да се зголеми за 0,05 години во период од 10 години, што изнесува помалку од 1 месец.

Покрај хронолошката возраст, и други фактори влијаат врз перцепцијата на почетокот на староста.

Од социодемографските варијабли, во истражувањето посебно внимание било посветено на улогата на регионот на живеење: Источна наспроти Западна Германија, што соодветствува на поранешните граници помеѓу нив. Овој фактор е релевантен затоа што е показател на регионални и социодемографски разлики помеѓу нив. Во трудот се наведува дека социјална нееднаквост и економски разлики помеѓу нив, и сега, децении по соединувањето, сѐ уште постојат.

Така, се наведува, источните Германци имаат помали животни очекувања, зголемена осаменост, полошо здравје и постара субјективна возраст, што влијаело перцепцијата на почетокот на староста да се лоцира порано. Затоа е можно источните и западните Германци да имаат различни перцепции за почетокот на староста. Имено, западните Германци перципираат дека староста почнува подоцна отколку источните Германци.

Полот на испитаниците е значајна социодемографска варијабла и истражувачите му посветиле соодветно внимание. Тие, најнапред, го изнеле податокот дека женските испитаници оцениле дека староста почнува подоцна отколку што оцениле машките испитаници. Вниманието потоа го насочиле на разликата помеѓу машките и женските субјекти од различни возрасни групи. Еве што нашле: разликата е поголема кај групата испитаници родени подоцна. На пример, за групата испитаници родени во 1944 година, разликата помеѓу машките и женските испитаници е 2,4 години, додека за оние родени во 1974 година таа изнесува 4,3 години.

Истражувачите сметале дека полот е еден од позначајните фактори што влијае врз перцепцијата на почетокот на староста.

Осаменоста, исто така, може да игра улога бидејќи повисоките нивоа на осаменоста се поврзани со постара субјективна возраст. Така, оние испитаници што изјавиле дека се чувствуваат осамени, порано го одредиле почетокот на староста.

Образованието е индикатор на социоекономскиот статус. Лицата со повисоки нивоа на образование перципираат дека староста почнува подоцна. Образованието е поврзано со други варијабли, како социоекономски статус, работа, брак и сл.

Факторот здравје, исто така, влијае врз перцепцијата на почетокот на староста и тоа така што лицата со подобра самооцена на своето здравје подоцна го лоцираат почетокот на староста во споредба со лица кои своето здравје го проценуваат како лошо. Овој фактор опфаќа како физичко така и ментално здравје.

Сѐ на сѐ, може да се рече дека главните наоди од ова истражување сугерираат дека постои јасен тренд кон одложување на перципираниот почеток на старост и покрај тоа што се најдени мали разлики помеѓу групите со различна хронолошка возраст.

Истражувачите нагласиле дека споменатите наоди важат за Германија, каде што е извршено истражувањето. Но, за да се извршат пошироки воопштувања, потребни се и други истражувања.

Врз основа на ова истражување, можам да констатирам дека поимањето на староста е длабоко субјективно, а на оние од нас што се загрижени за годините што брзо поминуваат, ќе им испорачам една убава вест: можат да ги преобликуваат размислувањата за своите години и почетокот на староста да го „одложат“, барем само како број.

Автор: д-р Томе Николоски, професор на УКИМ во пензија

Трудот изворно може да се прочита на: Wettstein, M., Park, R., Kornadt, A. E., Wurm, S., Ram, N., & Gerstorf, D. (2024). Postponing old age: Evidence for historical change toward a later perceived onset of old age. Psychology and Agi ng, 39(5), 526–541.