Се зголемува поддршката за забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години во Холандија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во Холандија расте поддршката за забрана на користењето на социјалните мрежи за деца под 16 години, покажува истражување спроведено од најголемото холандско истражувачко здружение за трендовите на социјалните мрежи. Според резултатите, 57 отсто од испитаниците се за зголемување на минималната возраст за користење социјални мрежи од 13 на 16 години.
Истражувачот Нил ван дер Веер, директор на агенцијата за истражување „Њуком“, ја опиша оваа промена како „основен пресврт“ во ставовите на јавноста кон користењето на социјалните мрежи од страна на деца под 16 години.
- Холандската јавност сфаќа дека младите тинејџери не се доволно подготвени да се справат со штетните последици од бесконечното скролање. Ова не е само перцепција - нашите податоци покажуваат директна врска помеѓу зголеменото користење на социјалните мрежи и намаленото ниво на среќа - изјави тој.
Поддршката за забраната е присутна во речиси сите возрасни групи, освен кај генерацијата З, која ги вклучува лицата на возраст од 15 до 28 години. Противниците на предложената забрана тврдат дека социјалните мрежи можат да им помогнат на младите корисници да развијат вредни вештини.
Поддржувачите на зголемувањето на возрасната граница сметаат дека младите тинејџери се особено подложни на штетните ефекти на социјалните мрежи, вклучувајќи изложеност на несоодветна содржина и притисокот да го одржуваат своето онлајн присуство. Исто така, тие укажуваат на подобрени академски резултати и намален стрес кога децата се помалку поврзани со дигиталните платформи.
Поттикот за оваа забрана следува по одлуката за забрана на мобилни телефони во холандските училишта и училници, која стапи во сила на почетокот на 2024 година.
Истражувањето покажало дека 6,9 милиони Холанѓани веруваат дека социјалните мрежи претставуваат закана за менталното здравје, што е зголемување во однос на 6,3 милиони во 2024 година. Исто така, 2,4 милиони корисници изјавиле дека се помалку среќни поради користењето на социјалните мрежи, во споредба со 2,2 милиони минатата година.
Повеќе од 5,2 милиони луѓе на возраст од 15 години и активно се обидуваат да го намалат времето што го поминуваат користејќи апликации.
И покрај растечката загриженост, употребата на социјални мрежи во Холандија останува висока. Меѓутоа, холандските корисници стануваат сè поселективни во изборот на платформите што ги користат.
Најголемиот пад беше забележан на платформата „Х“ (поранешен „Твитер“), која изгуби 450.000 корисници во 2024 година, што претставува пад од 14 отсто, а главната причина се негативната атмосфера и проблемите со дезинформациите по нејзиното преземање од страна на Илон Маск во 2022 година.
Апликацијата „Биријал“, која ги охрабрува корисниците да објавуваат една непоправена фотографија секој ден, исто така забележа пад на популарноста меѓу тинејџерите и младите возрасни лица. Оваа социјална мрежа загуби 600.000 корисници во Холандија минатата година, што ги зголеми загубите од претходната година.
Сепак, Ван дер Веер нагласи дека намалувањето на вкупното време поминато на социјални мрежи останува предизвик.
- Некои трендови едноставно не може да се спречат. Учењето како да се адаптираме е поефективно отколку да се обидуваме да им се спротивставиме - изјави тој.
Извор:
Nltime.com
Фото: Freepik