Изгледа Земјата фатила уште една месечина, а не сме забележале цели три години
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во небото над Земјата астрономите од проектот наречен „Каталински небески преглед“ забележаа нешто што може да биде наш нов пријател: астероид кој привремено е уловен од гравитацијата на нашата планета и го нарекуваме мини-месечина.
Се вика 2020 ЦД3, мало парче најверојатно јаглеродна карпа со дијаметар меѓу 1,9 и 3,5 метри. А неочекуваното откритие е тоа што траекторијата на карпата посочува дека е во орбитата веќе околу три години.
Соседството на нашата планета е релативно живо место и има многу астероиди што летаат наоколу. Точниот број, сепак, е непознат. Процените велат милиони, но до 25 февруари бројот на откриени беше само 22.211.
Тоа е така затоа што астероидите се навистина мали, не знаеме каде се (па не знаеме каде да гледаме) и тие обично не светат многу, дури и кога рефлектираат сончева светлина.
Ќе помислите дека при толку многу карпи што летаат наоколу, Земјината гравитација постојано ќе „срка“ од нив. Тоа и е така, но повеќето од нив не остануваат доволно долго за да станат мини-месечини.
Овие вселенски карпи, кои се фаќаат накратко или се упатуваат право кон атмосферата, горат при самиот влез или брзината ги носи понатаму. Многу мал број вселенски карпи може да станат мини-месечини. Според симулација од 2012 година во која беа вклучени 10 милиони виртуелни астероиди, само 18.000 се фатени во Земјината орбита.
Знaчи, не само што е тешко да се забележат, туку се и супер ретки. Имаше неколку кандидати за мини-месечини, но само една потврдена - астероид наречен 2006 РХ 120, кој орбитираше околу Земјата околу една година, од 2006 до 2007 година.
Па, 2020 ЦД3 е прилично големо нешто. Не само затоа што реткоста го прославува туку и затоа што мини-месечините нудат можност за истражување на астероидите.
Праќањето вселенски брод на астероиди е скап опит за кој е потребно доста време, а често станува збор за голема оддалеченост. Ако астероид орбитира околу Земјата подолго време, тоа ќе го направи и полесна мета.
За жал, веројатно е многу доцна за 2020 ЦД3. Според симулациите, нашиот мал пријател ќе тргне на пат надвор од Земјината орбита до април годинава. Но, можно е симулацијата и да не е точна, па опсервациите продолжуваат.
Насловна фотографија: Science Alert