Победниците од натпреварот за најдобар фотограф на подводни фотографии за 2020 година

Победниците од натпреварот за најдобар фотограф на подводни фотографии за 2020 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Натпреварот за најдобар фотограф на подводни фотографии за 2020 година штотуку ги круниса своите победници. Биле доставени 5.500 фотографии од над 500 учесници од целиот свет, така што судиите имаа прилично тешка задача.

- Знам колку напор вложуваат фотографите кога избираат кои фотографии да ги пријават - изјави Александар Мастард, претседател на судиите.

- Ние се обидовме да вложиме уште поголем напор и да ги избереме најдобрите од нив. Нашите судии имаат прилично различен вкус, но сите се почитуваме меѓу себе и ги слушаме аргументите и мислењата што ги изложуваме. Токму тоа е клучот што натпреварот има неверојатни фотографии секоја година - додава тој.

За победник е прогласен Грег Лекоер од Ница.

Освен за големата награда, натпреварувачите се бореа во 12 главни категории и 2 дополнителни.

- Не постои предуслов за победа, освен создавање неверојатна фотографија под вода. Некои од нашите победници се професионални фотографи. Некои едноставно уживаат во фотографирањето како хоби. Но, сите имаат вистински талент за фотографирање - вели претседателот.

Претходните победници велат дека титулата за најдобар фотограф е фантастично искуство. Според нив, титулата отвора и мрежа на контакти и можност да се прошири делото на фотографот низ медиумите.

- Почнуваат да те контактираат сите големи имиња: „Нешнл џиографик“, „Гардијан“, „Фокус“ и „Анса“ - вели Давид Лопрести, кој ја освои наградата за најдобар фотограф во 2016 година.

Мастард беше навистина импресиониран од овогодишната победничка фотографија.

- Фотографијата на Грег е неверојатна. Не само што патувал до крајот на Земјата во мал брод за да го фотографира светот што малкумина го виделе, туку и создал фасцинантна и грациозна композиција од четирите фоки и ледениот брег - вели Мастард.


Извор: Bored Panda