Милена Гривчевска заврши медицина со 9,94, волонтира на Клиниката за хематологија и се подготвува тежината на професијата да ја носи грациозно и со насмевка на лицето

Милена Гривчевска заврши медицина со 9,94, волонтира на Клиниката за хематологија и се подготвува тежината на професијата да ја носи грациозно и со насмевка на лицето

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Потребно е студентите да имаат повеќе контакт со пациентите и да се дел во секојдневната работа на своите повозрасни колеги и ментори, особено во подоцните години од студиите. Медицината е навистина комплексна, а пристапот кон пациентите и начинот на размислување како доктор се учат само со применување на теоретските знаења во секојдневната практика, вели младата докторка

Кој е предизвикот за студирање медицина, колку е тешко да се постигне висок просек, вредни ли се жртвата и откажувањата дадени за време на студиите? Сите овие прашања можат да имаат различни одговори, но за сите нив клучен е мотивот на оној што одлучува да седне во клупите на Медицинскиот факултет. Од тие клупи секој студент излегол со свои приказни, но најмотивирачки се оние на студентите што оставиле трага. Таква е приказната на Милена Гривчевска, која има 25 години и со просек 9,94 ги завршила студиите по општа медицина, во јуни 2021 година, на Медицинскиот факултет при УКИМ. Ѝ била доделена наградата првенец на генерација од Фондацијата „Трајче Мукаетов“, каде што била стипендист. Сега е волонтер-доктор на Универзитетска клиника за хематологија.
Студиите по медицина за младата докторка се широко поле од искуства и специјалности со кои се среќаваат како студенти.

- Чувството да се пронајдеш себеси како доктор во одредена гранка е навистина бесценето - заклучуваа младата докторка.


Отсекогаш мечтаела да стане доктор. Смета дека човекот е навистина богат кога друг човек му верува со својот живот, а тој има знаење и емпатија да му помогне. За неа не постои поблагодарно чувство од тоа да се има тоа богатство.

- Успех во кариерата е да ја работам својата работа со љубов и посветеност, со желба за континуиран напредок и остварување подобра верзија од себеси, пред сѐ, за моите пациенти. Вистински успех е никогаш да не ме напушти мотивот да чекорам низ бурата на новитети, сознанија во областа, како и желбата за континуирано учење и работа - посочува Гривчевска.

Следен предизвик - академско усовршување

Студиите по медицина, според Гривчевска, се турбулентен процес.
- За што точно зборувам знае секој што бил студент по медицина. Низ студиите научив многу за медицината, за себе и за моите можности, а стекнав и искрени пријателства. Во голема мера ме изградија како личност, за што сум благодарна - раскажува таа.
Високите оценки на младата Гривчевска биле резултат на континуираното учење и посветеност. Во целиот процес ѝ помогнале и доброто друштво и соработката со нејзината најдобра пријателка.



- Заедно ги подготвувавме поголемиот број испити. Тоа вроди со плод, па учењето и надградувањето низ студиите беа навистина многу позитивно искуство за мене - додава таа.

Омилени предмети ѝ биле Интерна медицина и Гинекологија и акушерство.
Студиите ги завршила навреме, а испитите се трудела да ги подготвува темелно и со разбирање зашто сметала дека само така може да се изучува медицината како наука.
Сѐ уште не е запишана на специјализација или постдипломски студии, но тоа го гледа во својата иднина.
- Би било вистинско остварување на моите соништа да се надградам и академски во текот на мојата понатамошна кариера - додава таа.

Патот на медицината не е трнлив ако се оди со срце

Има и предлози како да се подобри македонскиот образовен систем. Оценува дека во студиите по медицина недостига практичната настава.



- Потребно е студентите да имаат повеќе контакт со пациентите и да се дел во секојдневната работа на своите повозрасни колеги и ментори, особено во подоцните години од студиите. Медицината е навистина комплексна, а пристапот кон пациентите и начинот на размислување како доктор се учат само со применување на теоретските знаења во секојдневната практика - посочува Гривчевска.

Вели дека најголема мотивација за студентите да ја градат својата кариера и иднина во земјава е преку нивната вклученост во секојдневната работа и практика како доктори.

- Потоа, соработка со индивидуални ментори или ментори на помали групи со цел да се доближат до пациентите и медицинската практика, што ултимативно дава можност да се пронајдат и да се изградат себеси. Тука е, секако, и препознавањето на желбата за учење и работа кај младиот просперитетен кадар, соодветното вработување и создавањето можности за кариерен напредок - смета докторката.



Своите помлади колеги што се на почетокот на студиите би ги советувала дека патот на медицината не е толку трнлив доколку изборот да се чекори по него е сопствен избор и доаѓа од срцето.
- Учете, уживајте и дружете се. Има светло на крајот од тунелот, но ваше е да си го осветлите целиот пат со меѓусебна мотивација, соработка и со тоа што безусловно ќе верувате во себе, во своите способности, во своите соништа и вашата моќ да ги остварите - вели таа.

Гривчевска вели дека медицината нуди просперитет во земјата.
- Во текот на студиите, но особено со волонтирањето на Клиниката за хематологија имав шанса и одблизу да видам дека во нашата држава навистина има лекари кои се стручни во својата област, лекари кои го даваат својот максимум да создадат услови за работа кои парираат на медицината во светот, како и дека има кадри што се трудат, работат и се спремни да ги обучат младите лекари во нашата држава - посочува таа.

Борбата на докторите - предизвик за животот на пациентите

Младата докторка раскажува и колку е исцрпувачки како млад доктор да биде токму во жариштата меѓу болните од ковид-19, но и колкава е пожртвуваноста на докторите на Клиниката за хематологија, каде што таа волонтира.
На Клиниката за хематологија се соочила со пациенти чија патологија на болеста не може да ја трпи кочницата која е ставена врз светот поради пандемијата на ковид-19.

- Тука работата никогаш не згаснува, ниту борбата на нашите пациенти. Пациентите и колегите даваат сѐ од себе да се борат и со хематолошката болест и со денешниот начин на живеење, односно сѐ што со себе донесе пандемијата. Секако дека не е лесно, но е големо искуство и горда сум на храброста и упорноста на кои сведочам секој ден -објаснува таа.

Својата иднина никогаш не ја гледала во странство.

- Би сакала да останам да ја градам мојата кариера тука. Би ми била особена чест да бидам тука за нашите пациенти и да го дадам мојот придонес и ентузијазам за македонското здравство - одлучно раскажува Гривчевска.



Младата докторка вели дека и сега и во текот на студиите имала време за приватен живот, да им се посвети на најблиските и на пријателите. Смета дека тоа во никој случај не треба да се запостави зашто здравјето на докторот, ментално и физичко, според неа, е од исклучителна важност не само за него како индивидуа, туку и за неговите пациенти.

- Медицината навистина некогаш бара жртви и откажувања, иако јас не би ги нарекла така. Тоа се повеќе ситуации кои нѐ тестираат, нѐ обликуваат, нѐ учат на нови нешта за себе. Медицината е неоспорно тешка и уметност е нејзината тежина да се носи грациозно и со насмевка на лицето - вели д-р Гривчевска.

Фото: приватна архива