Дали вашиот мозок почнува да „се јаде“ за време на напорни вежби?

Дали вашиот мозок почнува да „се јаде“ за време на напорни вежби?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога мозокот останува без енергија, почнува да „се храни“ со сопственото масно ткиво, покажува ново пилот-истражување кое се занимава со мозокот на маратонците.

Ова откритие сугерира сосема нова форма на невропластичност, која може да помогне мозокот да функционира за време на долготрајни и исцрпувачки физички напори.

Според мозочните снимки на учесниците, кога нивото на гликоза во мозокот драматично опаѓа за време на маратон, некои неврони можат да почнат да користат миелин - масна обвивка што ги покрива нервните влакна, како извор на енергија.

Миелинот долго време се сметал за пасивен изолатор кој ја подобрува комуникацијата меѓу невроните, но новите истражувања посочуваат дека овие обвивки не се статични. Напротив, тие можат да се обновуваат и да ја менуваат својата дебелина во зависност од потребите на мозокот. Сега, научниците откриваат дека некои мозочни клетки можат дури и да го рециклираат миелинот како гориво, но само доколку е апсолутно неопходно.

На МРИ-снимки од 10 маратонци (8 мажи и 2 жени), направени пред и по трчање 42 километри, невронаучниците од Шпанија забележале значителни промени во миелинот во белата маса на мозокот, регионот каде што оваа масна обвивка е најконцентрирана.

Во првите 24 до 48 часа по маратонот снимките покажале значително намалување на миелинот во областите на мозокот поврзани со моторната функција, координацијата, како и сензорната и емоционалната интеграција. По две недели, маркерите на миелин почнале да се враќаат во нормала, а по два месеца кај шест учесници кои останале во истражувањето нивото целосно се стабилизирало.


Истражувачкиот тим, предводен од Педро Рамос-Кабрер и Алберто Кабрера-Зубизарета, смета дека нивното откритие може да даде нова перспектива за миелинот како резерва на енергија што мозокот може да ја искористи кога вообичаените нутриенти се во недостиг.

Тие веруваат дека миелинот функционира како метаболичка заштитна мрежа, овозможувајќи му на привремено „изгладнетиот“ мозок да црпи гориво од одредени региони, додека остатокот од белата маса останува недопрен.

Во минатото научниците претпоставувале дека мозокот во голема мера избегнува согорување на масти за енергија, дури и кога е во состојба на нутритивен стрес. Но, новите сознанија го стават ова под знак прашалник.

Иако истражувањето било спроведено на мал примерок и врз основа на индиректни маркери на миелин, неговите резултати се совпаѓаат со неодамнешни истражувања кај глувци, кои покажале дека миелинот може да служи како масен резерват кога нивото на гликоза во мозокот опаѓа.

Еволуциски гледано, најновите делови од човечкиот мозок содржат најмногу миелин, што сугерира дека овој масен слој можеби бил клучен за опстанокот на нашиот вид. Можеби токму миелинот ни овозможил да ловиме крупен плен со релативна физичка леснотија, а притоа да останеме ментално будни и фокусирани.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik