Истражувачите открија огромна пирамида полна со оружје: „Ова е една голема мистерија“

Истражувачите открија огромна пирамида полна со оружје: „Ова е една голема мистерија“

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Археолозите во Израел открија мистериозна структура во облик на пирамида стара околу 2.200 години. Структурата, која се наоѓа во долината Нахал Зохар во близина на Мртвото Море, се разликува од египетските пирамиди по својата конструкција - наместо совршено наредени блокови, таа се состои од рачно издлабени камени грамади, од кои секоја тежи стотици килограми.

Истражувачите од израелската управа за антиквитети (ИАА) пронајдоа документи напишани на грчки јазик на папирус во структурата, како и разни предмети од хеленистичката ера - оружје, ткаенини, корпи, мониста и бронзени монети.

- Овие откритија се возбудливи и емотивни, а нивното значење за археолошките и историските истражувања е огромно - изјави Ели Ескусидо, директор на „ИАА“.

Но, и покрај богатството на наоди, археолозите сè уште не се сигурни за вистинската цел на оваа пирамидална структура.

Гроб, споменик или воен пункт?


Научниците разгледуваат неколку теории. Една од можностите е структурата да служела како гробница или историски споменик. Алтернативно, тоа би можело да биде караула што ја штитела трговската маршрута покрај Мртвото Море.

Пред 2.000 години вредни ресурси, како сол и битумен - супстанција што се користела во антиката како лепило, малтер и за хидроизолација - биле транспортирани по оваа маршрута. Кога овие производи ќе стигнеле во пристаништата покрај Мртвото Море, богатите трговци ги купувале и ги дистрибуирале понатаму.

Наследство на Птоломејците и Селевкидите

Докази за тоа се најдени меѓу бронзените монети, кои ги носат ознаките на династијата Птоломеј и Антиох IV, кралот на Селевкидската Империја. Освен тоа, под пирамидата биле откриени остатоци од „попатна станица“ - место каде што патниците можеле да се одморат за време на долгите патувања.


Едно од најбогатите ископувања во пустината


Водачите на ископувањата Матан Толедано, д-р Ејтан Клајн и Амир Ганор истакнаа дека тоа е многу ветувачко место.

- Ова е едно од најбогатите и најинтригантни археолошки наоди што некогаш биле пронајдени. Оваа пирамидална градба е огромна, направена од рачно врежани камени блокови тешки стотици килограми. Во првата недела од ископувањето најдовме историски записи, исклучителни бронзени садови и остатоци од антички мебел. Секој ден носи нови откритија, а ние со нетрпение чекаме што ќе донесат следните три недели - истакнаа истражувачите.

Иако структурата е наречена „пирамидална“, научниците нагласуваат дека тоа не е пирамида во класична смисла како оние во Египет.

Зачувано благодарение на сувата клима

Поради екстремно сувата клима на Јудејската Пустина, предметите пронајдени во оваа структура се исклучително добро сочувани.

Ископувањето е дел од сеопфатната операција за заштита на археолошките наоди, која започнала пред осум години. Целта е да се заштитат локалитетите од кражби и диви ископувања кои се вообичаени на овој простор.

Експерти од „единицата за спречување грабежи“ пребарале над 160 километри карпи во потрага по антички артефакти. При истражувањето биле идентификувани околу 900 пештери, а во нив биле пронајдени скриени свитоци, фрагменти од папирус, дрвени предмети, оружје, кожени предмети и складишта со монети.

Покана до јавноста да учествува во ископувањето


Израелската управа за антиквитети и Министерството за наследство ја покануваат јавноста да се приклучи на ова историско истражување. Експертите организирале камп за волонтери, каде што на учесниците им се обезбедува храна, вода и вечерни предавања за археологија.

Ископувањето ќе трае уште три недели, а заинтересираните можат да се пријават за учество на официјалната веб-страница.

- Ова е фасцинантна историска загатка. Среќни сме што јавноста учествува во откривањето на одговорите - соопштиле од ИАА.

Извор: klik.hr

Фото: YouTube screenshot