„Немате претстава колку помош ќе им треба на тешко повредените“, вели Иван Ивановски, кој со група волонтери создаде платформа за донирање средства за жртвите од Кочани

„Немате претстава колку помош ќе им треба на тешко повредените“, вели Иван Ивановски, кој со група волонтери создаде платформа за донирање средства за жртвите од Кочани

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Група волонтери од Кочани, предводени од Иван Ивановски, ја креираа дигитална платформа www.supportkocani.com на која се поставени податоци за донирање средства директно на сметките на семејствата на сите погодени од пожарот во дискотеката во Кочани.

- Буквално по погребот, на 20 март, седнавме во паркот во Кочани и дискутиравме, се прашувавме како се нашите сограѓани. Разбравме дека некои родители зеле брзи кредити, зеле пари на заем за да одат во странство кај своите деца. Се собираа пари од Црвен крст и од Владата, но најверојатно кај нив процедурата е побирократска и ние баравме начин како веднаш да реагираме за да им помогнеме на луѓето. Прво креиравме еден ексел-документ и почнавме да пишуваме листа. Се собравме веднаш група волонтери кои се знаеме меѓу себе и знаеме што работиме. За половина час имавме „View only“ модел на страницата. Почнавме да правиме прва итерација, па втора итерација и веќе за четири часа имавме функционална страница на која луѓето почнаа да донираат - објаснува Иван Ивановски за „Факултети.мк“.



Иако донациите официјално ги води Црвениот крст, а се собираат донации и преку јавната платформа e-crowd, волонтерите со програмерско искуство и финансии сметаат дека е потребна и ваква алатка која е верифицирана за да може собраната помош побрзо и директно да им се распредели на погодените од несреќата.

- На „Инстаграм“ и „Фејсбук“ излегуваа донации, но тоа не функционираше брзо. Кочани е мал град, се знаеме сите. Тие што дојдоа да волонтираат, повеќето биле во дискотеката таа кобна ноќ. И тие знаеја каде да се јават, секој од нив имаше понекој сосед, роднина или другар што настрада во пожарот. Се јавувавме кај семејствата и ги прашувавме со нивна согласност да ни споделат информации за нивните сметки. Од сите добивме дозвола. Имаше некои од семејствата што ни рекоа: „Имаме пари, фала ви многу, нема за што да стои сметката, за другите деца нека има“. Или пак, некој ќе речеше дека нивното дете нема сериозни повреди и нема потреба од донации. Сите беа солидарни, човечни во оваа ситуација и така функционира целиот модел – вели Иван.

На веб-страницата се достапни податоци за повредените, каде се лекуваат, нивната трансакциска сметка и банката на сметката. При донација, на веб-страницата се истакнува да се користи шифрата 562 која е уплата за донации. По донацијата, граѓаните се повикуваат да испратат принтскрин со името на лицето и износот преку „Вибер“ на 078 301 041.



Целта е семејствата веднаш да ги користат средствата и банките да не им земат провизии.

- Ние не можеме да оцениме кој е во покритична ситуација, а кој не е. Некој си има поголемо семејство кое ќе донира повеќе. Во неколку наврати некои родители ги пренасочија парите. Еве, Јорданчо Евтимов рече: „Слушајте, јас сум програмер, имам плата, не ми е проблем, јас ќе ги префрлам средствата кај оние што мислам дека имаат помалку.“

Досега, последна сума е околу 13 милиони денари. Но, нашите податоци не може да бидат целосно точни, наш доказ се сликите од донации кои ни ги испраќаат роднините. Ја немаме точната бројка. Но приближно е тука некаде сумата. Податоците за износот на донациите објавени за секоја сметка се само врз основа на информациите што ни биле испратени од донаторите - додава Иван.

Платформата ќе продолжи да постои сѐ додека настраданите што се лекуваат имаат потреба за тоа бидејќи, според Иван, дел од пациентите имаат повреди за кои ќе бидат потребни неколку операции, што е прилично скапо, а со самото тоа ќе имаат и подолг процес на рехабилитација, кој исто така ќе бара многу средства.



- Има многу лоши ситуации. На пациентот Љупче во Анкара му бараат 16.000 евра за операција на очите за да не остане слеп. Тоа државата нема да го плати, треба тој сам да си плати. На тие луѓе, за да ги покријат сите работи, ќе им требаат стотици и стотици евра. Немате претстава колку помош ќе им треба на овие луѓе во следниот период. Се работи за наши сограѓани помеѓу 18 и 30 години, млади деца кои само што завршиле факултет, почнале да работат, почнале да ѝ се оддолжуваат на оваа држава за своето образование - потенцира Иван Ивановски.

Преку оваа платформа граѓаните ќе можат да најдат и информации за психолошка помош, правна поддршка и превод на документи за лекување во странство. Тимот работи на понатамошно подобрување на страницата за да обезбеди што повеќе ресурси за семејствата погодени од оваа трагедија.

Во кочанската трагедија, на 16 март загинаа 59 лица, а повредени се над 190. Во истрагата за тоа како дошло до несреќниот случај се опфатени 34 физички лица и три правни лица.



Фото: приватна архива