Полска сериозно се подготвува за војна: Секој возрасен маж ќе мора да помине посебна обука
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Од страв од ескалација на војната во Украина, Полска започна амбициозна одбранбена програма која предвидува обука за секој возрасен маж во случај на воен конфликт. Премиерот Доналд Туск нагласи дека станува збор за доброволен модел што ќе ѝ овозможи на државата побрза и поефикасна реакција во случај на директна закана.
- До крајот на годината сакаме да имаме модел според кој секој возрасен маж во Полска ќе биде обучен за војна, а резервниот состав подготвен за можни закани - изјави Туск, додавајќи дека и жените се добредојдени во програмата.
Гранична зона во нестабилен регион
Овој план доаѓа во чувствителен геополитички момент. Полска се граничи со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, а руската инвазија врз Украина дополнително ја зголеми загриженоста. Според началникот на Генералштабот на полската армија, генерал Виеслав Кукула, Полска нема стратешка длабочина како некои други европски земји.
- Граничиме со Руската Федерација и нејзиниот сојузник Белорусија, што значи дека немаме тампон-зона и имаме многу ограничено време за подготовка и реакција - предупреди Кукула.
Полска веќе е на врвот во НАТО според уделот на воената потрошувачка во БДП – издвојува дури 4,7 отсто и планира да го зголеми бројот на војници на 500.000, како и да вложи милијарди во модернизација на вооружените сили. Но, новата стратегија не е насочена само кон професионалната армија, туку и кон јакнење на резервниот состав и обука на граѓаните за кризни ситуации.
Обука за сите
Програмата што се развива ќе вклучува кратки курсеви од неколку дена до еден месец, а ќе опфати основни вештини како прва помош, снаоѓање на терен, ракување со огнено оружје и основи на цивилна заштита. Посебен акцент ќе се стави и на специјализирани знаења како борбена медицина, управување со дронови и сајбер-безбедност.
- Првиот приоритет е зголемување на бројот и квалитетот на резервистите. Имаме многу, но просечната возраст им е околу 45 години. Ако конфликтот и притисокот врз Полска траат подолго, ќе ни бидат неопходни добро обучени резервисти кои ќе можат да дејствуваат заедно со професионалните војници и територијалната одбрана - објасни генерал Кукула.
Финансиски стимулации за мотивација
Полска има амбиција до 2026 година да обучи најмалку 100.000 граѓани. Владата размислува за финансиски поттик, даночни олеснувања и субвенции за работодавците со цел да поттикне што повеќе луѓе да се вклучат во обуката.
Воениот аналитичар Марек Козубел смета дека токму финансиските стимулации ќе бидат клучни.
- Клучни ќе бидат финансиските надоместоци, заедно со силна маркетиншка кампања која ќе ги истакне придобивките од учеството во обуката. Треба да се понудат и вештини корисни во секојдневниот живот, како што се механика или управување со дронови - вели тој.
Широк опфат на подготовките
Министерот за одбрана Владислав Кошинијак-Камиш порача дека никој нема да биде исклучен.
- Не секој ќе стане војник, поради годините или други причини, но може да добие обука за цивилна заштита, прва помош и кризен одговор - вели тој.
Владата планира слични програми да вклучи и во образовниот систем, па така наставата по физичко образование од есен би можела да вклучи елементи од цивилната одбрана.
Извор:
Tportal.hr
Фото: Freepik