Што е поефикасно: 10.000 чекори дневно или 30-минутен тренинг?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во последниве години броењето на чекорите стана дел од секојдневието на многумина. Кога фитнес-уредот ќе покаже 10.000 чекори, често добиваме впечаток дека веќе сме направиле доволно и можеме да го прескокнеме планираниот тренинг. Но, дали навистина е така?
Кога станува збор за здравјето, не постои едно универзално решение. Дали е подобро да се посветите на интензивно пешачење или напорен тренинг?
Според експертите, најдобро е да се комбинираат двата вида физичка активност. Движењето и пешачењето се важни за општата активност во текот на денот, но тоа не значи дека треба да се откажеме од организиран тренинг. Аеробните вежби и тренингот за сила се клучни за здравјето и добросостојбата.
Тренингот за сила помага во градењето мускули, кои се метаболички активни и играат значајна улога во одржувањето на целокупното здравје.
Доколку располагате со само 30 минути за вежбање, тогаш треба да ги искористите што е можно поефикасно. Експертите препорачуваат високоинтензивен интервален тренинг (HIIT), кој комбинира кардио-вежби и вежби за сила.
Овој тип тренинг не само што ќе ви помогне да останете во форма, туку е одличен и за кардиоваскуларното здравје.
Не занемарувајте го броењето чекори
Промената на тренингот не значи дека треба да престанете да броите чекори. Напротив, следењето на овој параметар ќе ви даде подобра слика за тоа колку сте активни во текот на денот.
Континуираното движење е одличен мотиватор, кога ќе видите добри резултати на подолг период, тоа ќе ве поттикне да продолжите. Дури и во денови кога немате многу енергија за тренинг, свесноста за вашата активност може да ве мотивира да ги искористите и тие 30 минути за вежбање.
Најдобриот пристап? Комбинирајте различни форми на физичка активност – вежбајте и движете се што повеќе, дури и ако понекогаш ви се чини дека е недоволно.
Извор:
Avaz.ba
Фото: Freepik