Мистерија што трае 42 години: Дали со смртта на папата згасна и надежта за решавање на случајот со исчезнатата девојка од Ватикан?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Што се случило со девојката од Ватикан? Така ја нарекуваат 15-годишната ученичка Емануела Орланди, чие исчезнување е еден од најбизарните и најмистериозни случаи во историјата на Ватикан и Италија.
За разлика од неговите претходници, папата Франциск вложи огромни напори за да ја открие вистината. Но, изгледа надежта за разјаснување на тоа што ѝ се случило на Емануела згасна заедно со него.
Емануела Орланди е родена на 14 јануари 1968 година, а пораснала во Ватикан. На денот на исчезнувањето, таа имала часови по музика, но никогаш не се вратила дома. Првичните истраги посочувале дека била киднапирана.
Од 22 јуни 1983 година, кога Емануела, ќерка на вработен во Ватикан, Ерколе Орланди, мистериозно исчезнала, случајот бил предмет на многу теории на заговор, шпекулации и истраги. И денес е многу популарен делумно благодарение на папата Франциск, кој активно се обидуваше да го расветли.
Децении по исчезнувањето, семејството Орланди не добило конкретни одговори на прашањето каде исчезнала нивната ќерка и што бил мотивот за злосторството. Случајот бил повторно отворен неколку пати, но никогаш не донел јасни заклучоци.
По многу неуспешни потраги, мистериозното исчезнување на девојката почнало да привлекува внимание. Ватикан повторно ја отвори истрагата откако случајот се најде во центарот на вниманието со серијата на „Нетфликс“ - „Девојката од Ватикан“. Серијата истражуваше теории што се појавиле низ годините, од кои првата беше дека била киднапирана од банда која сакала да го уценува Ватикан за да го ослободи Мехмет Али Агџа, кој бил затворен во 1981 година по неуспешниот обид за атентат на папата Јован Павле II.
Втората теорија беше дека по киднапирањето, Емануела била одведена во Лондон, каде што живеела во младински хостел воден од католичка конгрегација, а трошоците биле платени од Ватикан. Според оваа хипотеза, таа умрела во Лондон, пред нејзиното тело да биде вратено во Рим и погребано во Ватикан. Во Ватикан, во 2019 година, биле отворени две гробници по објавата дека девојката можеби била погребана таму. Сепак, во нив не биле пронајдени човечки останки.
Најновото тврдење во документарецот доаѓа од пријателка на Емануела. Таа изјавила дека девојката ѝ доверила шокантно откритие. Наводно, некој близок до папата Јован Павле II сексуално ја вознемирувал Емануела. Таа кажала дека разговорот се одржал неколку дена пред исчезнувањето на Емануела и дека инцидентот се случил во ватиканиските градини, изјавил Пјетро Орланди, брат на исчезнатата девојка. Според Орланди, најверојатната теорија е дека неговата сестра била жртва на педофилија.
Потрагата по вистината
Братот на Емануела го посветил својот живот на потрагата по неа. Тој претходно предизвикал контроверзии сугерирајќи дека папата Јован Павле II бил вклучен во исчезнувањето на неговата помала сестра.
- Ватикан пред неколку години тврдеше дека нема информации за нејзиното исчезнување во Италија и дека тоа треба да се истражува. Од друга страна, ми беше кажано дека Рим има многу документи. Сите овие години Ватикан молчеше. Можеби тоа значи дека некој таму има докази што се случило - изјавил Орланди.
Папата Франциск одлучил да интервенира во мистериозниот случај. Во 2023 година официјално наложил отворање на архивите во врска со случајот и му наредил на ватиканскиот промотор Алесандро Диди да почне нова истрага.
Според извештаите од 2024 година, Диди собрал и анализирал стотици страници документи, интервјуирал десетици сведоци, вклучувајќи поранешни вработени во Ватикан, па дури и обвинети членови на мафијата. Во меѓувреме, папата Франциск јавно изјавил дека Ватикан нема што да крие и дека вистината за Емануела мора да излезе на виделина, колку и да е болна.
Меѓутоа, папата почина, а резултатите од истрагата никогаш нема да бидат познати. Којзнае дали јавноста, особено семејството Орланди, некогаш ќе ги види.
Случајот на друга исчезната тинејџерка
Наводното киднапирање на Емануела често се поврзува со случајот на друга тинејџерка, Мирела Грегори, која исчезнала во мај 1983 година, 40 дена пред Емануела. Некои теории се дека исчезнувањето на двете млади девојки би можело да биде поврзано. Мирела Грегори, исто така 15-годишна Италијанка, исчезнала на 7 мај 1983 година во Рим.
На денот на исчезнувањето, Мирела примила телефонски повик од некој што се претставил како нејзин поранешен другар од класот, Алесандро. Таа ѝ кажала на мајка си дека ќе се сретне со него и ќе се врати за 10 минути. Меѓутоа, претходно свратила во барот под нивниот стан, каде што разговарала со својата најдобра пријателка Соња де Вито. Потоа заминала. Оттогаш не била видена. Полициските истраги подоцна откриле дека Алесандро имал алиби и не ја сретнал Мирела. Нејзиното исчезнување остана нерешено до ден-денес.
Извор:
Telegraf.rs
Фото:
Wikimedia Commons