Наместо да завршува на депонии и да се разградува со години, отпадниот текстил да се рециклира во модни додатоци, идеја со која тимот „Екорозе“ од Битола победи на натпреварот по циркуларна економија

Наместо да завршува на депонии и да се разградува со години, отпадниот текстил да се рециклира во модни додатоци, идеја со која тимот „Екорозе“ од Битола победи на натпреварот по циркуларна економија

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Тимот „Екорозе“ составен од учениците Андреа Трајковска, Изабела Шишковска, Андреа Наумовска и Бојан Нацов, ученици од трета години од Средното економско училиште „Јане Сандански“ од Битола, под менторство на професорката и нивен класен раководител Соња Карапашовска, во конкуренција од 17 средни училишта од државата ја освоија првата награда на натпреварот по циркуларна економија.
Натпреварот се одржа на 10 април на Економскиот факултет во Прилеп, а учениците имаа задача да развијат иновативни и креативни бизнис-идеи за економии кои ќе создаваат помалку отпад и ќе ја штитат животната средина.

Акцент ставија на текстилот зашто му се потребни 200 години да се разгради

Учениците од економското училиште развија бизнис-идеја во која отпадот од конфекциите наместо на ѓубриште, би се рециклирал во социјално претпријатие и од него би се добивале модни додатоци. Натпреварувачите имаа можност во 30 минути да ја развијат идејата и само на 5 минути пред стручна жири-комисија да ја презентираат.

-Со истражувањата што ги направивме утврдивме дека дури 10 проценти, па и повеќе од депониите се полни со текстил и дека 20 проценти од пивката вода е загадена токму од оваа причина, па затоа се задржавме на текстилот како примарна идеја - рече ученикот Бојан Нацов.

-Често среќаваме расфрлен отпаден текстил низ природата. На текстилот му се потребни повеќе од 200 години за да се разгради, во зависност од материјалот, и затоа се одлучивме фокусот да го ставиме на него. Слоганот ни беше „Розова промена за зелена иднина“. Презентацијата ги содржеше и нашите видеа во кои прикажавме како од текстилот изработивме модни додатоци - рече ученичката Андреа Трајковска.



Изработија рози, венчиња, стегачи, пеперушки и розова канта за отпадоци

Розите што сами ги изработија со преработка на текстилот ги носеа на реверите за време на презентацијата.

-Дури на натпреварот ни кажаа дека треба во бизнис-идејата да се искористи и вештачка интелигенција, па кажавме дека нашите производи ќе можат да се набават лесно и преку онлајн продавници. Освен рози и венчиња за коса, изработивме и стегачи, пеперушки... Идејата ни е да соработуваме со некои од продавниците што ја фрлаат облеката што ќе се оштети, па наместо на депонија, може да се преработува - рече Изабела Шишковска.

Покрај сини, зелени и жолти канти за отпадоци, учениците подготвија и модел за розова канта на текстил.

-Сите ние имаме облека што веќе не ја носиме, но наместо да ја фрлиме в ѓубре, многу подобра опција е да ја ставиме во специјалните розови канти за текстил. Ова го воведовме зашто многу малку е застапено рециклирањето облека во светот и сакаме тоа да го промениме за да се намали отпадот - рече Андреа Наумовска.



Бизнис-идеја за социјално претприемништво

Додадена вредност на оваа екоидејата е што создава зелени и социјални работни места.

-Идејата треба да се преточи во бизнис, организирање на социјално претпријатие во кое ќе работат волонтери, лица со попреченост бидејќи текстилот е лесен за преработка. Во бизнис-планот е предвидено и едно брендирано комбе кое ќе го собира отпадот. Сакавме да направиме нешто повеќе за животната средина. Овој наш изум ќе им го понудиме на претпријатијата што се занимаваат со собирање и преработка на отпад - вели професорката Карапашовска.

Таа посочува дека циркуларна економија е многу актуелна тема во денешницата и значи што помалку отпад на депонија, а што повеќе негово искористување. Циркуларната економија сѐ уште не е застапена како предмет, но има допирни точки со други наставни предмети во економските училишта.



Натпреварот носи бодови за стипендија и упис на факултети

На тимот „Екорозе“ од Битола првото место му донесе награда од 10.000 денари и сертификати кои носат бодови при конкурси за стипендии и упис на факултети.

-На мое огромно задоволство, нашите ученици се претставија како млади визионери! Настанот беше вистинска прослава на креативноста, знаењето и ангажираноста на младите генерации во потрага по одржливи решенија за иднината. Интересот за учество беше исклучителен, се натпреваруваа 17 тима, чии трудови беа оценувани од стручно жири составено од истакнати претставници на бизнис-заедницата. Веруваме дека ова е само почеток на многу успешни приказни и иницијативи - рече м-р Биљана Јанкуловска, директорка на СОЕУ„ Јане Сандански“ од Битола.



Второто место им припадна на учениците од С.О.У „Цар Самоил“ – Ресен со менторот проф. Валмира Незири, третата награда ја освои тимот од СОУ гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп со менторот проф. Весна Паноска. Посебна награда во износ од 10.000 денари, доделена од „Пакомак“, добија учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп под менторство на проф. Христина Петковска Димеска.

Фото: приватна архива