Света вода: Црква стара 100 години станува јавен базен
Напуштената верска зграда ќе стане ново место за дружење, каде што ќе можете да пливате на грб и да го гледате сводот на црквата и нејзините прекрасни витражи.
Холандските студија „МВРДВ“ и „Зек Архитектен“ откриле планови за пренамена на напуштена црква во холандскиот град Херлен, додавајќи базен со приспособлив под што им овозможува на посетителите да „одат по вода“.
Со проектот „Света вода“ архитектите планираат да создадат ново место за заедницата, кое ќе ги зачува и почитува историските елементи на поранешната црква „Свети Франциск Асишки“, која е изградена во 1923 година и е празна две години.

фотоизвор: MVRDV
Нови идеи за стари цркви
Во централниот дел од црквата ќе се постави базен кој ќе може да се издигне и целосно да го скрие подот, а просторијата може да остане покриена со плиток слој вода, така што посетителите ќе имаат чувство дека „одат по вода“.
-Стапката на празни цркви се зголемува, па затоа мора да смислиме нови, креативни идеи за тоа што можеме да направиме со тие згради. Зошто повторно да не им се даде општествена функција, како што имаа некогаш? Јавен базен е совршено решение за тоа. Замислете да пливате на грб и да гледате нагоре кон црковниот свод и неговите витражи - рекол коосновачот на „МВРДВ“, Вини Мас.

фотоизвор: MVRDV
Архитектите веруваат дека со покривање на подот на црквата со тенок слој вода може да се создаде прекрасен визуелен ефект, со што црквата се враќа во својата оригинална форма и изгледа уште поголема и поимпресивна преку рефлексијата.
Планирано е да се постават прозорци во поранешните странични кораби на црквата, низ кои ќе се отвора поглед на базенот, а ходниците ќе водат кон соблекувалните и кафулето, кое ќе биде сместено во задниот дел од зградата.

фотоизвор: MVRDV
Црковните клупи со нова улога
Црковните клупи ќе се користат повторно како седишта за посетителите околу базенот и како маси во кафулето, додека проповедницата, од која некогаш се одржувале проповеди, ќе стане место за спасител.
Планирано е да се додаде изолација на надворешноста на покривот на црквата за да се зачува погледот на оригиналните внатрешни материјали нанесени на покривната конструкција, а светилките над базенот ќе служат и како визуелни водичи за пливачите да ја следат својата патека.
Извор: gradnja.rs
Фото: MVRDV