„Тесла“ лансира пробен автономен такси-сервис во Остин и Сан Франциско

„Тесла“ лансира пробен автономен такси-сервис во Остин и Сан Франциско

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Тесла“ официјално обелодени дека ја тестира својата автономна такси-услуга во Остин и областа Сан Франциско користејќи напредна ФСД (full self driving/целосно самостојно возење) технологија во надгледуван режим.

Веста била споделена на платформата „X“ заедно со промотивно видео кое покажува како би можело да изгледа искуството при возењето. „Тесла“ наведува дека во овој ограничен пробен период се направени над 1.500 возења и повеќе од 24.000 километри.

Како функционира такси-услугата „Тесла“?

Услугата моментално е ограничена само на вработени во компанијата кои помагаат со тестирање и развој:

- Оваа услуга ни помага да развиваме ФСД-мрежи, мобилни апликации, дистрибуција на возила, контролен центар и операции за далечинска помош - се вели во соопштението.


Видеото го прикажува корисничкиот интерфејс на апликацијата кој наликува на класични апликации за повикување превоз како „Убер“, корисниците можат да повикаат возило, да го следат неговото пристигнување и да видат информации за маршрутата. Иако „Тесла“ сè уште заостанува зад конкурентот „Вајмо“, решителноста на Маск да продолжи со развојот ја зголемува довербата на инвеститорите. Акциите на „Тесла“ пораснаа за 5 отсто по разговорот со инвеститорите.

Дали „Тесла“ ќе може да го спроведе овој систем на милиони возила

Иако услугата на „Тесла“ засега се потпира на „надзор од возачот“, нејзината функционалност во услови на реалниот свет претставува значаен чекор кон целосно автономна иднина. Вистинското прашање е дали „Тесла“ ќе може да го спроведе овој систем на милиони возила низ целиот свет без да прави компромиси во однос на безбедноста и сигурноста?

Извор: benchmark.rs

Фото: Platform X