Матурантката Јована, родена среде пукотниците во 2001, вели: Има генерации што претрпеле повеќе и од нас

Матурантката Јована, родена среде пукотниците во 2001, вели: Има генерации што претрпеле повеќе и од нас

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Ова е генерацијата матуранти посебна по многу нешта... Родени се во конфликтната 2001 година, првите што искусија деветтолетка. За жал, тие се и првата генерација што нема да има матурска прослава

Ако сѐ беше нормално, периодов ќе беше еден од најсреќните за една мала група на младинци

која само што зачекорува во светот на возрасните. Годинава нема ниту зурли ниту тапани пред училиштата по матурската прослава, ни разиграни убавици со полуразмачкана шминка и истуткани фустани, ги нема ниту фраерите со разлабавени вратоврски и нови костуми...

Oва е генерацијата матуранти што е посебна по многу нешта... Родени се во конфликтната 2001 година, кога  беше особено тешко за граѓаните во регионите во Македонија во кои имаше војна. Некои од нив се родени токму таму! Оваа генерација е првата што искуси деветтолетка. Првите деца што со неполни 6 години мораа да седнат на школските клупи. Тие, за жал, се и првата генерација што нема да има матурска прослава. Нема да се смеат кога заедно ќе ги гледаат сликите од таблото и алманахот, да уживаат во последните денови во училницата, во живо да разговараат за идните планови и соништа. Тие, секако, дел од ова го прават онлајн, но велат дека не е исто.

Јована Јовановска

Мајка ми барала засолниште носејќи ме во нејзиниот стомак

Матурантката Јована Јовановска го искусила сево ова, но е позитивна и верува дека наскоро доаѓаат подобри денови за сите млади. Родена е на 28 ноември 2001 година во Тетово, за време на полициски час. Кога мајка ѝ сакала да ја однесе дома по породувањето, не можела! Немале дом, затоа што куќата во селото Непроштено им била запалена. Живееле во стан во Тетово, на само 6 километри од родното место. Толку блиску, а толку далеку! Вечерта кога Јована се родила, во Тетово се пукало од сите страни. Нејзините се вратиле дома по една година, откако ја направиле куќата. Првиот роденден го прославила во станот, а мајка ѝ Александра вели дека една недела потоа се вратиле во куќата во Непроштено.

Родителите често ѝ раскажуваат што преживеале.
- Најтрагично, но и најемотивно се почувствував кога чув што се случило со моето живеалиште и за она што сите луѓе го поминале низ тој период. Најгорда сум кога ја слушнав приказната на мојата мајка, која успеа да го преживее тој период бегајќи од дома, барајќи ново засолниште носејќи ме во нејзиниот стомак– вели Јована.

Ќе има подобри времиња


Јована матурира во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, на насоката графички дизајнер. Вели дека поради ситуацијата, се чувствува некомплетно, дека овој период ќе им недостига на сите нејзини другари и другарки.

- Некако немавме време за да ги споделиме и овие важни моменти. Некои беа среќни дека завршивме порано, а на некои им падна тешко. Сите се дефинитивно разочарани дека нема да ја славиме матурата во соодветниот период, но секогаш постои шанса со малку повеќе трпение да се одложи и организира подоцна. Секако дека не е сеедно да се пропушти еден таков настан и искуство - вели Јована.



Дел од делата на Јована

Во нејзиниот клас имало ученици од различни делови од нашата држава, па затоа нивната комуникација продолжила онлајн и преку друштвените мрежи. Таа е оптимист дека ќе има подобри времиња за сите нив.

- Морам да кажам дека порано, пред 2001 и секако пред оваа година, многу генерации претрпувале сешто, и конфликти и секакви непогоди. Верувам дека оваа пандемиска ситуација е поука и еден вид карма за сите нас, донекаде. Нормално дека војна не може да се споредува со ништо друго. Оваа ситуација сега нѐ тера да се навикнеме и преиспитаме себеси во една поинаква средина и друг нов нормален живот - вели таа.

Уметничка душа

Јована целото средно образование го поминала на релација Скопје-Тетово. Вели дека не ѝ било лесно патувањето, особено првата година додека се навикнувала на училиштето и средината, но уметноста ѝ е голема љубов. Секој слободен момент го користи да црта.

Црта секој слободен момент

- Предметот ликовно е и еден вид теорија на несфатените чувства на човекот, што сака да ги изрази преку поиндиректна слика и да се ослободи кога веќе ќе почне да креира свои дела. Уште од мали години ме влечеше цртањето и сакав да дознам повеќе и да се доусовршам. Секако, мислам да го продолжам образованието според насоката што ја учев на некој од универзитетите во нашата земја.

За крај, Јована на сите врсници им порачува дека трпението е спас за сѐ и дека сите живееме во ист свет, но го гледаме од различна перспектива.