Средното стручно образование – талкачот низ лавиринтите на уписната политика и немањето интерес на младите за него

Средното стручно образование – талкачот низ лавиринтите на уписната политика и немањето интерес на младите за него

Се соочуваме со загрижувачки бројки кои под знак прашање го ставаат опстојувањето на цели училишта, а ако на ова се надоврзе и уписната политика во средните училишта, со кои едни се фаворизираат за сметка на други, се добива една слика која заради своите нијанси е и мачна за гледање, и тешка за прифаќање


Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Тукушто ги затворивме вратите зад ковид-годината, која за сите нас значеше и предизвик, и премрежие, но и лекција посветена на тоа како треба да се соочиме со непредвидливоста на пандемијата. Секако, се соочивме и со она кое го научивме од неа – потребата од повеќе труд и посветеност, како и држење чекор со сите предизвици во интерес на децата. Како и да е, пред нас е повторно нов предизвик - уписите во прва година во средните училишта, кои веќе се во тек. Она што периодов е актуелно е секако фактот дека и оваа година е на сила правилото според кое гимназиското образование е поатрактивно од стручното, ако се земе предвид реалната состојба според која интересот за она што го нудат стручните училишта, а оваа година, се чини, особено економската струка, е многу мал.

Што се случува, всушност?

За почеток, нема да се фокусирам на реалниот факт врзан за трендот на намалување на бројот на ученици и во основното и во средното образование, кој произлегува од намалувањето на наталитетот и напуштањето на земјата од страна на младите парови, во потрага по подобар живот. Само ќе истакнам дека тоа значи само едно: нема деца и тој факт не може со ништо да се надмине или поправи, а е дел од одговорот на прашањето зошто училиштата се празнат. Се соочуваме со загрижувачки бројки кои под знак прашање го ставаат опстојувањето на цели училишта, а ако на ова се надоврзе и уписната политика во средните училишта, со кои едни се фаворизираат за сметка на други, се добива една слика која заради своите нијанси е и мачна за гледање, и тешка за прифаќање.

Подолг период опстојува состојбата според која уште во првите уписни рокови, гимназиите ќе ги пополнат местата и ќе се во состојба да оформат паралелки, што последниве години важи и за дел од стручните училишта кои имаат атрактивни образовни профили од областа на информатиката или здравството, на пример, за разлика од стручните училишта за кои интересот е се помал. Таква судбина имаат економските и земјоделските училишта, кои подолг период навистина имаат сериозен проблем и кои мака мачат да привлечат ученици. Со оглед на тоа дека предавам група економски предмети токму во средно училиште кое има економско-правна и трговска струка, сведочам на се позасилениот тренд на намалувањето на интересот на завршените основци својата иднина да ја создадат учејќи економија. Ако се надоврзам со фактот дека во училиштето има и текстилно-кожарска струка, која нуди учење и преку солидно опремени работилници, а која со години запишува многу мал број на ученици и покрај фактот што кога ќе завршат, веднаш можат да се вработат во струката, ќе ја исцртам сликата од која се гледа дека многу мал дел од младите денес се гледаат себеси во стручното оспособување и стекнување на знаења и вештини, кои пазарот на трудот реално ги бара.


Каде би можело да се бара решението за овој проблем?

Пред се, сметам дека е чесно да се изговори дека едноставно не е можен толкавиот број на завршени основци - одлични ученици, да речеме преку 200, со успех 5,00. Важно е да се нагласи тој факт, затоа што притисокот врз гимназиите расне кога ќе се појави маса деца со такви оценки, за кои сите се свесни дека се нереални (притисокот пак врз наставниците да пишуваат такви оценки на основците пред уписи во средно образование треба и мора да биде тема за посебна анализа и дискусија, затоа што за наставникот значи удар врз неговиот авторитет и кредибилитет како вреднувач, а за детето значи погрешна слика за сопствениот труд и начинот на кој го вложил) Така добиваме состојба во која бројот на гимназиските паралелеки постојано расне, за сметка на опаѓањето на паралелките во стручните училишта.

Ова значи дека пред се, е нужна промена на уписната политика во средните училишта и излегување од рамката во која гимназиското и стручното образование ќе бидат изедначувани според форматот „за сите мора да биде исто“. Тоа не е возможно, затоа што изостанувањето на таа истост е регулирано токму од надлежните кои на неа инсистираат – еднаквиот број на поени потребни при упис во двата типа на образование е само еден сегмент. Друг е секако одобрувањето на намалувањето на поени за двата типа на образование, ако постојат ученици кои не се запишале заради недоволниот број на поени (едноставно не е во ред, затоа што не можат да се исти повеќе од 10 паралелки во гимназиите, со солиден број на примени ученици, за кои одобрувањето ќе значи надополнување и едвај 3 паралелки во стручните, со многу мал број на примени ученици, за кои одобрувањето ќе значи оформување).Трет е секако неодобрувањето на намалувањето на поени само за стручните училишта, под закрилата на “за сите да биде исто” (едноставно не е во ред, затоа што едните се соочуваат со клуч на врата, а другите го немаат тој проблем).
Понатаму, враќањето на квалификационите или приемните испити за упис во гимназиите би можел да ја разреши дилемата колку од децата се навистина полни со знаење, мерено со 5,00 – во тој случај, не би имал ниту смисла, ниту основа, револтот и на децата и на родителите. Оној на кој сведочиме кога во случај на голем број на одлични деца, ќе се спомене таа опција – тогаш сите се многу гласни и се декларираат како обесправени затоа што во основното многу учеле и научите и сега нема потреба некој да го проверува тоа. Чуму тогаш страв од такви испити, ако знаат? Со тоа би се отворил патот кон стручните училишта, кои ќе ги приберат децата за кои овие испити не го дале очекуваниот резултат.


 
Понатаму, сметам и дека во основните училишта би требало да функционираат стручните насочувања на децата по основ на професионалната ориентација, која ќе им помогне да се „видат” себеси во конкретното училиште како нивен иден избор. Не се сите деца исти и не секое дете може да го покаже својот потенцијал во средно училиште за кое се одлучува само затоа што тоа го прават другите деца.
Би сакала да издвојам и уште еден момент, кој сметам дека особено оваа година е актуелен и за жал, го засилува талкањето низ лавирините на уписната политика, со што резултира со изразена неусогласеност меѓу двата типа образование, но и меѓу одредени профили во стручното. Имено, од страна на надлежните институции се промовира кампања за популаризирање на стручното образование, што во моментов, лично го сметам за исклучително потребно. Меѓутоа, ако внимателно се следи текот на кампањата, падна во очи еден момент кој според фелата, особено од економската струка, станува дури и дегутантен и се коси со еден од базичните принципи на промовирањето: „Не стануваш подобар со тоа што другиот, како опција за избор, го прикажуваш како полош”. Имено, се споделуваат постери на кои преку слоганот „Подобро среќен готвач, отколку несреќен банкар” или „Подобро успешен електричар, отколку неуспешен економист” во основа се праќа порака дека за детето опцијата економија, може да подразбере несреќа или неуспех. Зошто е така поставен тој промотивен осврт? Секоја струка бара промовирање, затоа што базичниот проблем кој генерално ги врзува сите стручни училишта, со, како што реков, чест на исклучоците, сепак е намалениот интерес за нив. Ако веќе целиот напор е свртен кон координацијата на образовните аспекти и потребите на пазарот на трудот, тогаш истиот во ниту еден случај не смее да предизвика поттикнување на една струка за сметка на друга.

Како што може да се заклучи, проблемот е длабок, долготраен и изнијансиран со низа аспекти на кои мора да се обрне внимание. Пред се, тоа внимание мора да подразбере третирање на двата типа на образование онака како реалните околности во кои тие се реализираат налагаат, а потоа и третирање на стручното образование онака како заложбите треба да подразберат – со детална анализа на пазарот на трудот, со детално осмислени приоди за секоја струка и образовен профил и со обезбедување на ефектите кои преку остручувањето и стекнувањето на вештини во конкретното стручно образование, ќе се втемелат во стопанските системи на земјата. Оние кои толку многу и толку долго и недостасуваат. Се додека не се обезбеди ваков сериозен пристап, ќе го гледаме резултатот од талкањето на стручното образование низ лавиринтите на уписните политики. И да, низ лавиринтите на немањето интерес на младите за него.