Весна Бачева, прва Македонка што ја доби престижната стипендија Schmidt Science Fellows: „Сакам да му докажам на светот дека големи умови доаѓаат од нашата мала земја“

Весна Бачева, прва Македонка што ја доби престижната стипендија Schmidt Science Fellows: „Сакам да му докажам на светот дека големи умови доаѓаат од нашата мала земја“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Моментално работам во областа на растителните науки како еден од ретките инженери што работат во оваа област. Ме фасцинира начинот на кој функционираат растенијата и мислам дека тие се најдобрите инженери на природата и затоа, пред сè, сакам да научам од растенијата. На пример, како ја движат водата од корењата до лисјата или како ја создаваат целата храна што ја јадеме и како решаваат дали денес ќе направат ново овошје или нов лист, ни споделува Весна Бачева

Весна Бачева од Струмица заврши додипломски студии на одделот за микротехника на светски познатата Федерална политехничка школа во Лозана (Ecole polytechnique fédérale de Lausanne (EPFL), Швајцарија. Своевремено беше стипендистка на светскиот гигант ИБМ (International Business Machines Corporation - IBM), кој ѝ понуди докторски студии на Израелскиот научен институт „Технион“. Има два меѓународни патенти, а беше дел од тимот кој работеше напорно на адаптација на метод за детекција на ковид-19. Сега е дел од 32. што ја примија престижната постдокторска програма на Шмит сајенс фелоус (Schmidt Science Fellows).

- Тоа е многу селективна стипендија на светско ниво, во која најпрво треба да сте номинирани. Во мојот случај, бев избрана како кандидат од мојот факултет. По номинациите, кандидатите спремаат апликација со сите постигнати успеси, како и со планови за понатамошно истражување. Апликацијата е разгледана од светски познати научници кои селектираат кои кандидати ќе продолжат во крајната фаза, а тоа е интервју со 10-член комитет од светски познати научници до успешни бизнисмени - нѐ информира Бачева.



Прва Македонка што ја добива оваа стипендија

Смета дека ја издвоило тоа што предложила истражување во науката за растенија.

- Мислам дека тоа што ме одвои од другите не беа само постигнатите награди и успеси, туку тоа што предложив истражување во науката за растенијата, наука во која речиси нема инженери како мене, туку само биолози. А моето истражување има цел да научи како растенијата ја регулираат водата што ја користат и како произведуваат храна. И со тоа стекнато знаење ќе бидеме поблиску до создавање растенија кои ќе произведуваат храна и во променлива клима и глобално затоплување. Бидејќи, за жал, Земјата станува сѐ потопла, со почести екстремни настани (пожари, поплави) и со популација која расте, но моментално земјоделските култури не се спремни за тоа и нема да можат да произведат храна за сите нас. Дополнително, кога јас зборувам за мојата наука, тоа многу ме возбудува и мислам дека за време на интервјуто комитетот сфати колку љубов и посветеност имам кон тоа што го работам - ни сподели Бачева.

Таа е прва Македонка што ја добива оваа стипендија, а важно е да се спомене дека само 32 лица од цел свет ја добиваат.

- Повеќе од 10 години живеам надвор од Македонија и, за жал, деновите поминати во Македонија се намалуваат, а јас сѐ поретко го користам македонскиот јазик. Но кога аплицирам за која било награда или стипендија, многу се радувам кога прашуваат од која националност сум. Иако уште од мала знаев дека ќе живеам надвор од Македонија и ќе се натпреварувам на светско ниво, јас сум тоа што сум поради тоа што пораснав во Македонија. Јас сум ќерка на македонски инженери и сум научена на македонските вредности на почит, труд и посветеност. И многу сум горда кога запознавам луѓе од цел свет и им покажувам на мапата каде се наоѓа Македонија. Ќе ми биде гордост и чест да ја претставам Македонија во светот на науката и да му докажам на светот дека големи умови доаѓаат од нашата мала земја - вели Бачева.



Науката може да биде исплатлива работа

Schmidt Science Fellow доаѓа со сума од 100.000 долари годишно, кои се паричен надоместок лично за неа.

- Можам да кажам дека науката може да биде исплатлива работа. Јас имам дополнителни средства кои можам да ги искористам за истражување, како и да патувам низ светот и да ја претставувам мојата наука на конференции. Всушност, јас сум добитник на уште две стипендии, едната доделена од Швајцарија, а друга од Америка, така што ќе имам доста средства да ги вложам во моите проекти и да спонзорирам ученици кои ќе работат со мене. Моментално работам во областа на растителните науки како еден од ретките инженери што работат во оваа област. Ме фасцинира начинот на кој функционираат растенијата и мислам дека тие се најдобрите инженери на природата и затоа, пред сè, сакам да научам од растенијата. На пример, како ја движат водата од корењата до лисјата или како ја создаваат целата храна што ја јадеме и како решаваат дали денес ќе направат ново овошје или нов лист. Затоа ќе изградам мали чипови (како паметни часовници) кои ќе ги ставам во растенијата и ќе добивам информации, на пример, дали на растението му треба вода или не. Исто така, сакам да разберам како ние, инженерите, можеме да ги користиме паметните трикови што ги користат растенијата и да изградиме подобри инженерски решенија - вели Бачева.



Иако науката е нејзина прва љубов, таа е многу посветен спортист (триатлонец).

- Да се биде научник, значи да процесирате информации во умот и дене и ноќе. Така што спортувањето ми помага да најдам мир и одмор од сите тие мисли. Понекогаш дистракцијата е токму тоа што му треба на умот - истакнува таа.

Фото: приватна архива