Кога бев студент... со професорот Владимир Мартиновски: Влада Урошевиќ ми беше омилен професор. И денес учам од него

Кога бев студент... со професорот Владимир Мартиновски: Влада Урошевиќ ми беше омилен професор. И денес учам од него

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Лектор: Ивана Кузманоска

За мојата генерација имаше еден општ предмет кој беше вистинска Сцила и Харибда. Многумина квадрираa, кубираа, дури и се откажуваа од студиите поради тој испит. Кога со неколкумина колеги се најдовме на малиот список, на шестките им се израдувавме како на десет десетки



За афинитетот кон книгата најзаслужни се моите две баби, Вера и Драгица: едната беше гимназиски професор по книжевност, а другата – библиотекарка. И на двете книгите им беа драгоцени предмети. Едната имаше огромна домашна библиотека, а другата, дури и дома носеше оштетени книги и грижливо ги поправаше кориците и поткинатите страници, како да лекува ранети птици. И двете знаеjа да ми препорачаат книга во вистински миг. Исто така, мајка ми Анриета е пасиониран читател: и ден-денес речиси секој ден чита нов наслов – вака ја започнуваме приказната „Кога бев студент...“ со професорот Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.





Дипломец на Општа и компаративна книжевност во 2007 година, и тоа најдобар студент на својата генерација, Мартиновски е поет, есеист, раскажувач, преведувач, автор на дваесетина дела.

Својот интерес за книжевноста професорот го засилил во гимназиските денови.

-Имав одлична професорка, Љубица Ристова, која постојано ме поттикнуваше да откривам нови автори и дела. Бидејќи секогаш седев во последна клупа, додека ги следев предавањата неретко паралелно читав и книги „за своја душа“. Се сеќавам дека кога барав факултет и студиска група која би можела да одговори на мојата тогашна жед за нови хоризонти во книжевноста и уметноста, од неколкумина ми беше посочена токму Катедрата за општа и компаративна книжевност. И денес би го направил истиот избор – вели Мартиновски, кој признава дека бил прилично посветен студент.



-Не бев бубалица. Во тоа време така ги нарекувавме тие што учеа напамет, механички и без разбирање, а во студиите по книжевност тоа, за среќа, е невозможно. Имав среќа што учев од извонредни професори и асистенти, кои постепено и посветено ни ги откриваа „тајните на занаетот“, а во текот на студиите на катедрата гостуваа и познати компаратисти од регионот. Бидејќи бевме мала студиска група со колегите од сите студиски години деноноќно се дружевме и си помагавме: си позајмувавме ретки книги и фотокопии на книги што ги немаше ни во книжарниците ни во библиотеките. По предавањата со часови расправавме во бифето, а неретко групно одевме и во НУБ, каде што еднакво важни беа и часовите поминати врз книгите, но и муабетите на паузите, кои знаеја да траат со часови. Посветеноста на студиите не ја чувствував како обврска, туку како задоволство, како убав предизвик – се потсетува Мартиновски.



Мартиновски заедно со професорите Славица Србиновска и Влада Урошевиќ


 Тој споделува дека учел од извонредни професори и асистенти: од Милан Ѓурчинов и Елизабета Шелева, кои „нѐ упатуваа во методологијата на проучувањето на книжевноста, од Катица Ќулавкова и Славица Србиновска – во теоријата на книжевноста, па сѐ до Влада Урошевиќ, Саво Цветановски, Билјана Ангеловска, Маја Бојаџиевска и Лидија Капушевска-Дракулевска, кои ни предаваа општа и компаративна книжевност“.





- Следевме предавања кај низа истакнати професори од Филолошкиот (Лилјана Тодорова, Томе Саздов, Слободан Мицковиќ) и Филозофскиот факултет (Љубинка Басотова, Кирил Темков, Борис Петковски, Димитар Димитров, Слободанка Марковска) и, парадоксално, во тоа време, се чини, имаше поголема отвореност меѓу катедрите и институтите отколку по реформите иницирани од Болоњскиот процес. Кога се запишав на докторски студии на Универзитетот Нова Сорбона – Париз III, всушност, појдов со знаење стекнато благодарение на моите наставници од Филолошкиот факултет. На сите им должам огромна благодарност и среќен сум што негуваме и колегијални и пријателски односи – се потсетува Мартиновски, кој признава дека, како и на повеќето студенти од неговата генерација, омилен професор му бил Влада Урошевиќ.






-На неговите предавања имаше една посебна атмосфера и степен на сосредоточеност и љубопитност на сите студенти. Тој ми беше ментор и на дипломскиот и на магистерскиот труд, а и ден-денес секојдневно учам од него, во долгите разговори, а и од неговите книги и преводи.

Дури и најдобрите студенти имаат свои анегдоти кога станува збор за полагање некои испити.



-За мојата генерација имаше еден општ предмет кој беше вистинска Сцила и Харибда. Многумина квадрира, кубираа, дури и се откажуваа од студиите поради тој испит. Од цел преполн амфитеатар во сесиите пред кабинетот на професорот осамнуваше мал лист хартија со положени кандидати од писмениот испит. Кога со неколку колеги се најдовме на списокот, на шестките им се израдувавме како на десет десетки – се потсетува Мартиновски.






Со радост се потсетува на студентските денови. Се дружел со колегите од сите студиски групи, а имал и многу драги пријатели на Филозофскиот факултет и Ликовната академија.

-Еден вид заедничко „бифе“ ни беа чајџилниците во Безистен: „Багдад кафе“, „САМ“ и „Филонус“. Општо земено, Скопската чаршија и МКЦ беа главните собиралишта на мојата генерација. На калдрмата пред „Арарат“ и „Мондријан“ знаеше да нѐ раздени преку викенд. Таму разменувавме плочи, видеокасети и книги, за кои разговаравме со часови.

Токму во студентските денови го започнал и музицирањето на изворни народни инструменти.






 -Курсот на Пеце Атанасовски во МКЦ ми донесе прекрасен круг на нови пријатели. Паралелно со студиите, секојдневно ја следев и таа неформална, но прекрасна музичка школа, која резултира со формирање на оркестарот „Пеце Атанасовски“. Тие години, посебно убави пријателства стекнав и преку планинарењето. Мартиновски признава дека многу се радува кога гледа како напредуваат неговите студенти.





-Иако неодамна сум избран за редовен професор, постојано се обидувам да не ја заборавам перспективата на студентот. Всушност, без разлика дали е асистент или професор, секој наставник е еден вид „вечен“ студент. Постојано има што да се научи. Секој одржан час е еден вид испит. Постојано мора да напредува за да може да им помогне и на други да го сторат истото – вели еден од најомилените професори на Филолошки.




Го замоливме да направи паралела меѓу денешните генерации студенти и тие пред две децении.

-Секоја генерација има свои битки за водење. Секоја година се обидувам да го насетам пулсот на новата генерација. Во време на урнисани стандарди и вредности, не е лесно да се биде ниту студент ниту наставник. Најлесно е гордо да кажеш „во наше време ние бевме подобри“, но дури и да е точно (а неретко не е воопшто можно да се споредува), професорот постојано има задача да го извлече најдоброто и од себе и од своите студенти.