Германија објави во кои покраини се живее добро
Подготвил:
Билјана Арсовска
Германија објави во кои покраини се живее добро, а во кои лошо.
Жителите на Бремен се најизложени на опасност од запаѓање во сиромаштија, а се уште е многу поголем ризикот од осиромашување на истокот од земјата, покажува статистиката која ја објави Сојузната статистичка канцеларија во Висбаден.
-Дури 22,7 отсто од жителите на Бремен живеат на работ на сиромаштијата - соопштија од канцеларијата.
После Бремен, на најголема опасност од живеење во сиромаштија се изложени граѓаните на источните сојузни покраини Мекленбург-Западна Померанија и Саксонија-Анхалт, но и главниот град Берлин, каде 18,2 отсто од населението живее на раб на сиромаштија.
Најнискиот ризик е забележан во Баварија, каде 11,7 отсто од населението е на раб на сиромаштија.
Иако овие вредности се приближуваат кога станува збор за разликите меѓу некогашните Западна и Источна Германија, разликите во економската моќ меѓу истоот и западот се уште може да се забележат.
Но, истовремено е забележано намалување на опасноста од сиромаштија во некои источни сојузни држави и зголемување на западот, како сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Од социјалните групи, на најголем ризик од сиромаштија се изложени самохраните родители и нивните деца, 40,4 отсто на западот и 44,5 отсто на истокот од земјата.
Партијата Зелени смета дека процентот на луѓе кои живеат на раб на сиромаштија се уште е превисок за една толку богата земја како што е
Германија.
Сојузот на синдикати на Германија смета дека е скандалозен растот на бројот на самохрани родители на кои им се заканува сиромаштија.
На раб на сиромаштија живее она лице кое на располагање има 60 отсто од медијаната на приходите за одреден регион, што е околу илјада евра месечно.