Како се станува најдобар матурант, какви привилегии имаат студентите во Норвешка, инспекторот Илиевски деградиран...Што пишувавме неделава?

Како се станува најдобар матурант, какви привилегии имаат студентите во Норвешка, инспекторот Илиевски деградиран...Што пишувавме неделава?

Археолози ни открија какво значење има римскиот камен саркофаг од 2 век, откриен деновиве во скопската населба Карпош 4


Какви привилегии имаат студентите во Норвешка, што ќе студираат нашите најдобри матуранти, какви промени го очекува Сојузот на математичарите на Македонија се само дел од темите за кои пишувавме минатата недела. Ги следевме и случувањата со просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, а пишувавме и какво значење има римскиот камен саркофаг од 2 век, откриен деновиве во скопската населба Карпош 4.

Ана Ванкова е дипломиран хемиски инженер по аналитичка биохемија. Изминатите две години таа ги помина во норвешкиот град Трондхеим, каде што магистрира на Факултетот за медицина и здравје при Норвешкиот универзитет за наука и технологија.
Љубопитни да дознаеме како изгледа да се студира во земја како Норвешка, какви привилегии имаат студентите, поразговаравме со Ванкова. Вели дека ја одбрала оваа земја поради нејзината прекрасна природа и спортскиот дух кај народот, кој ѝ бил многу близок. Градот Трондхеим бил опкружен со шумски патеки, а прошетките по нив ѝ биле одличен начин за релаксација по напорен ден.


Ана (прва од лево со колегите)

Иако за повеќето матуранти математиката знае да биде проблематична, па повеќето ја избегнуваат на државната матура и избираат да полагаат англиски јазик, за мал дел таа е забавна и вистински предизвик.
Годинава 15 матуранти од цела Македонија имаа ист резултат по математика на државната матура - 99.61 прецентили, па го делат првото место. Со дел од нив разговаравме на тема како се станува најдобар по математика и какви се нивните планови поврзани со студирањето.

Интересно е тоа што од некои училишта има по двајца, па и тројца претставници меѓу најдобрите. Ние разговаравме со Мартина, Сара, Ева, Анџела и Павлинка кои ни открија дека математиката за нив е забава и антистрес терапија.



Специјализирани студии од областа на клиничката невропсихологија наскоро ќе бидат инкорпорирани на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментот се подготвува програмата која ќе биде наменета за сите дипломирани студенти, односно за втор циклус на студии во рамките на Институтот за психологија. Таа ќе им овозможи на идните клинички невропсихолози продлабочени знаења од областите на функционалната невроанатомија и невропсихолошката рехабилитација, развој на специфични компетенции за невропсихолошка дијагностика во различни клинички контексти при работа со деца, возрасни и стари лица, вели проф. д-р Катерина Наумова од Институтот за психологија.


Проф. д-р Катерина Наумова

Во подготовките на програмата се вклучени и д-р Гордана Томиќ од Клиниката за неврологија при Медицинскиот факултет во Белград и м-р Тина Васков, клинички невропсихолог. Васков ни објасни дека клиничка невропсихологија е научна дисциплина која се бави со проучување на мозочни лезии, со нивното настанување, опсег, локализација, но и со последиците кои овие лезии ги имаат врз човековото однесување и доживување.

Возбудени и изненадени дека имале најдобри резултати по мајчин јазик – ова ни го споделија матурантите Јана Величкова, Аљтин Аџами и Фатих Каплан. Јана беше ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје, која со 99.99 перцентили имаше најдобар резултат по предметот македонски јазик.

- Многу се изненадив, но исто така и се возбудив бидејќи сепак на еден матурант му значи нешто во кое ќе биде меѓу првите. Континуирано работев, читав, освен делата и друга литература која ми помогна во делот со пишувањето. Имав одлична професорка која ме насочи и надополнуваше во сето она што не ми беше јасно – ни одговори Јана.


Аљтин Аџами

Аљтин Аџами беше најдобриот матурант по предметот албански јазик и литература, со освоени 99.98 перцентили. Тој заврши во скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“. Аљтин ни призна дека не се подготвувал специјално за полагањето.

Го прашавме што би сменил во гимназиското образование, кога би можел.
- Гимназиите не треба да му даваат посебна насока на средношколецот, за тоа си постојат средните стручни училишта. По мое мислење, гимназијата треба да биде општа, без некои специфични насоки. И екстерните испити е добро да бидат срочени во два теста, како би биле тестирани по повеќе предмети со поедноставни прашања, а испитувачите да бидат поконкретни – објаснува Аџами.

Вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски и оваа недела е во фокусот на јавноста. Пишувавме за неговите следни чекори и за тоа како продолжува да ја води постапката за незаконското унапредување во наставно научни-звања на тројца државни функционери.
Тој минатата недела поднесе прекршочна пријава во тетовскиот Основен суд, за Државниот универзитет во Тетово и ректорот Вулнет Амети.
Илиевски вели дека при редовниот инспекциски надзор на Правниот факултет при ДУТ утврдил дека тројца државни функционери - министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нихиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, незаконски напредувале во наставно-научни звања.


Ѓорѓи Илиевски

- Моите решенија не се испочитувани. Затоа денеска направив Записник за порамнување, како и барање за поведување на прекршочна пријава во Основниот суд во Тетово, за Државниот универзитет во Тетово и ректорот Вулнет Амети. Ќе поднесам кривична пријава и до Јавното обвинителство во врска со овие случувања–изјави Илиевски.

Неделава падна одлука и за неговата дисциплинска казна, откако дисциплинска комисија утврди дека сторил прекршок. Државниот просветен инспекторат ни испрати одговор дека
Илиевски, ќе биде распределен на пониско работно место, односно деградиран. Ваква одлука донесе директорот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), Томе Спировски, откако дисциплинската комисија му ја предложи оваа мерка бидејќи Илиевски сторил прекршок.
Од Државниот просветен инспекторат ни одговорија дека дисциплинската комисија утврдила дека Илиевски сторил прекршок и со тајно гласање донела одлука со предлог за изрекување на дисциплинска мерка против него која гласи: „Распределување на работно место во непосредно пониско место“.
Од инспекторатот не добивме одговор каков прекршок сторил Илиевски, а ниту тој знае, бидејќи сѐ уште не го добил решението од дисциплинската комисија, иако одлуката ја донесоа на 12 јули (петок). Илиевски исто така нема добиено решение за дисциплинската казна која му ја одредил директорот Спировски.


После речиси седум години Сојузот на математичарите на Македонија доби нов претседател - проф. д-р Ѓорѓи Маркоски од Природно математичкиот факултет во Скопје. Една од неговоите приоритетни задачи ќе биде враќањето на довербата на фелата во Сојузот, објасни тој во интервјуото за Факултети.мк.
Маркоски вели дека задача на Сојузот нема да биде само организирање на математичките натпревари, туку промовирање и подигање на свеста за важноста на оваа наука во Македонија.
- Главниот мотив ми беше да пробам да ги средам малку состојбите. Две години професорите ме убедуваа да се нафатам, па на крај, еден месец пред изборот одлучив да ги послушам. Јас сум раководител на Институтот по математика на ПМФ, па ми велеа дека им треба човек со кој ќе може да се разберат.


Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски

Деловите од римскиот камениот саркофаг од 2 век, откриен деновиве во скопската населба Карпош 4 се всушност дел од покомплексна целина покрај која поминувате секој ден – саркофазите и надгробните олтари изложени пред Музеjот на град Скопје. Археолозите од градскиот музеј ги транспортираа археолошките елементи до античкиот град Скупи кај Злокуќани, во заедничката акција со колеги од Конзерваторскиот центар – Скопје. Елементите како случаен наод беа пронајдени во средата, за време на градежните активности во близина на слаткарницата „Палма“.
Археологот Ленче Јованова, кустос советник во Музејот на град Скопје скоро три децении го истражува Скупи. Таа вели дека новопронајдените елементи не ги менуваат границите на античкиот град кои се познати на науката.




- Ова е пошироката територија на Скупи која е распространета во целата Скопска Котлина. Тоа се живеалишта од типот вила рустика, каде живееле богатите римјани. Имале имот со куќи и повеќе објекти меѓу кои и приватни некрополи. Ова не е прв случаен наод од овој тип. На улицата „Партизанска“ во соседниот станбен блок, за време на градежни активности во 1969 година пронајдени се три саркофази и делови од надгробни олтари од истиот комплекс од римско време. Тоа се саркофазите и другите надгробни елементи изложени пред Музејот на град Скопје – ни откри Јованова.